Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Цркви и манастири arrow Полошки манастир - „Св. Георгиј“
Полошки манастир - „Св. Георгиј“
9.05.2008.

 

     Полошкиот манастир св. Ѓорѓи се наоѓа во југоисточниот дел на Република Македонија во близината на Кавадарци, на падините на планината Вишешница, на границата помеѓу областите Тиквеш и Мариово. Неговата положба некогаш била високо над левиот брег на реката Црна, од спротива на селото Полошко по кое го добил името. По создавањето на вештачкото Тиквешко езеро по долината на р. Црна (1964 - 1968), селото веќе не постои и до манастирот се доаѓа само по воден пат.

 

   

 

Sample Image

 

 

      За историјата на манастирот ни говорат ѕидните натписи во самата црква, пишани документи, и тоа двете повелби: првата издадена во 1340 година од страна на кралот Стефан Душан (1331-1355) а по повод неговата одлука да Полошкиот манастир со своите имоти бидат дарувани на манастирот Хилендар на Света Гора (Атос), заедно со селата Полошко, Драгожел и Кошани; а втората повелба е од 1378 година, кога браќата Дејановиќи - деспот Јован Драгаш и Константин ги дарувале имотите на црквата „св. Ѓорѓи Полошки“ на реката Црна со селата на рускиот манастир „св. Пантелејмон“ на Света Гора.

Манастирската црква „св. Ѓорѓи“ на Полошкиот манастир е единствен објект во Македонија наменет како црква-мавзолеј, во која бил погребан Јован Драгушин на однапред одбрано место за таа цел. Црквата е изградена во првата половина на XIV век, поточно пред 1340 година од страна на неговата мајка деспотиса Марија.             

    Средновековната црква по својот архитектонски облик е еднокорабна, поделена на три травеја: источен, среден и западен одделени со пиластри. Има едно кубе врз осмостран тамбур кој се издига над средниот травеј, држејќи се на четирите пандатифи формирани помеѓу лаковите. Темињата на лаковите (арките) се под темето на главниот заоблен свод кој лежи директно на страничните сводови. Објектот е ѕидан од камен и тула во редови без посебен, строг ритам. Фасадите на црквата - јужната, северната и источната се богато декорирани со слепи ниши, аркади, венци со запци, изведени во тула. На ист начин е изведено и кубето.

    Непосредно  по изградбата на црквата од страна на ктиторката Марија - мајката на Драгушин, биле повикани и ангажирани врвни зографи кои ја живописале сета внатрешност на црквата во периодот од 1343 и крајот на 1345 година.

 

 

 

 

 

Sample Image

 

 

 

    Внатрешноста на црквата е целосно живописана со сцени и композиции од животот на Господ Исус Христос, со светители претставени во цел раст и допојасно, со композиции од Големите празници, со големо чувство за прилагодување кон архитектурата и со иконографска програма што е вообичаена за малите византиски цркви, истакнувајќи го гробниот карактер на храмот.

    Кон западната страна на црквата е подигната припрата пред 1609 година, кога внатрешните ѕидови на припратата се живописани. Припратата е градена со блокови камен одвоени со две вертикални тули и така наизменично. Од внатрешната страна е засводена а однадвор е со кров на две води. Има два влеза - едниот на северната а другиот на западната страна од припратата. За осветлување на внатрешноста има по една монофора на јужната и северната и бифора на западната страна.

    На западната фасада над западниот влез има ниша во која е насликан „св. Ѓорѓи“ на коњ. Горниот слој со преставата на „св. Ѓорѓи“, кој е насликан во 1881 година, е изваден (симнат) а под него е исто така „св. Ѓорѓи“ на коњ од 1609 година, кој изворно и денес стои во нишата. На северната фасада од припратата, односно над северниот влез во припратата има ниша во која е насликан св. Димитриј на коњ, дело на крушевските зографи.

    Од ентериерот на средновековната црква не е сочувано ништо. Можеме само да претпоставуваме каков бил иконостасот од XIV век, а сигурно бил поставен непосредно зад свечените релјефни арки што го врамуваат „св. Ѓорѓи“ на јужната и св. Никола на северната страна во источниот травеј. Тој го преградувал малиот олтарен простор, кој очигледно не ги задоволувал богослужбените потреби, па подоцна е заменет со нов, позападно поставен иконостас, којшто ги оштетил страничните ѕидови.

    Царските двери се веројатно од втората половина на XVI век. Двата епистили со Деисисот и Големите празници се од првата четвртина на XVII век или можеби токму од 1630 год., кога е сликана храмовата икона на св. Ѓорѓи со неговото житие.

    Големиот иконостасен крст со Распетитето Христово од 1584 година е извонредно резбарско остварување, кој бил поставен врз горниот дел од оконостасот, и се смета за една од најрепрезантативните зачувани целини од овој вид во Македонија.

Старите манастирски конаци биле лоцирани на јужната и источната страна од манастирската црква, за тоа ни сведочат остатоците кои се видливи и денес. До пред неколку децении останува во сеќавање постоењето на делумно сочуваните манастирски конаци на јужната страна од црквата. Среќна околност е што од неколку сочувани фотографии за постоењето на конаците ќе биде овозможено да се обноват и да го повратат некогашниот сјај. Тие ни го доловуваат речиси целосниот изглед на манастирскиот комплекс.

    Во Полошкиот манастир, кој важи за еден од позначајните манастири на територијата на Повардарската епархија, со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, на 16.11.2007 год., беше извршено осветување на камен темелник на новите манастирски конаци, на местото каде што се наоѓале старите манастирски конаци кои биле двокатни со чардаци и соби во задниот дел на чардаците, како и една соба со три прозорци на западниот дел. На горниот кат на чардаците постоеле шест дрвени потпирачи со башалаци на кровната конструкција, како и заштитни парапети на чардаците. На приземјето исто така имало столбови - потпирачи со стопи наместо капители. Долниот дел - приземјето бил отворен трем.

    Посетеноста на манастирот е најголема во деновите на патрониот празник -  Ѓурѓовден и при празнувањето на манастирскиот празник посветен на Успение на Пресвета Богородица.

 

 

 

 
< Претходно   Следно >