Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Успение на Пресвета Богородица
Успение на Пресвета Богородица
28.08.2026.

 

Sample Image

 

ФОТОГАЛЕРИЈА – СВЕТА БОЖЕСТВЕНА ЛИТУРГИЈА

ФОТОГАЛЕРИЈА – ВЕЧЕРНА БОГОСЛУЖБА

Со торжествена Света Божествена Литургија, денес во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес, беше одбележан големиот и значаен празник Успение на Пресвета Богородица – Богородичната Пасха.

Светата Литургија ја отслужи Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на свештенослужители од Велес. Храмот беше исполнет со верен народ, кој со молитва, благодарност и љубов кон Пресветата Богородица го прослави нејзиното славно Успение. На денешната Света Литургија, Митрополитот Повардарски г. Агатангел благоволи и го произведе во чин ипоѓакон досегашниот чтец Димитриј Петсанидис.

Празникот на Успението на Пресвета Богородица е еден од најголемите празници на Православната Црква. Со него Црквата го прославува преминувањето на Пресветата Богомајка од земниот во небесниот живот, нејзиното упокоение и славното вознесување кај својот Син и наш Бог и Спасител Господ Исус Христос.

Пресвета Богородица, која Го прими во својата утроба Несместливиот Бог и стана Мајка на Спасителот, за православниот христијанин претставува пример на смирение, чистота, послушание, вера и целосна преданост на Божјата волја. Затоа нејзиниот празник е празник на надежта – сведоштво дека смртта за оние што живеат во Христа не е крај, туку премин кон вечниот живот.

Особено место празникот на Успението има и во духовниот живот на нашиот македонски православен народ. Со векови нашиот народ со особена љубов и побожност ја почитува Пресветата Богородица, градејќи и посветувајќи ѝ храмови, манастири и свети места. Денешното мноштво на верници во храмовите низ Македонија повторно сведочи за живата вера и за нераскинливата духовна врска на нашиот народ со светото православно предание.

Нека молитвите на Пресвета Богородица бидат со сите нас и нека нејзината мајчинска закрила го чува нашиот народ, нашите семејства и нашата Света Црква.

Пресвета Богородице, спаси нè! 

 

 
< Претходно   Следно >