


| Илинден |
| 2.08.2026. | |
|
![]()
На 2 август, кога Македонската православна црква – Охридска архиепископија го прослави споменот на светиот славен пророк Илија, во сите поголеми храмови на Повардарската епархија беше отслужена Света Божествена Литургија, на која бројни верници молитвено учествуваа, вознесувајќи благодарност кон Бога и прославувајќи го големиот Божји угодник, ревнителот за вистината и правдата Божја. Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на повеќе свештенослужители, чиноначалствуваше со Светата Божествена Литургија во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Велес. На Литургијата молитвено присуствуваа голем број верници, меѓу кои и Градоначалникот на Општина Велес, г-дин Марко Колев и пратеникот во македонското Собрание, г-дин Александар Јамалов, кои заедно го прославија споменот на светиот пророк Илија и се помолија за мир, здравје, духовно укрепување и благослов за нашиот народ. По завршувањето на Светата Литургија беше отслужена Панихида во молитвен спомен на сите илинденци и на сите познати и непознати јунаци кои со својата саможртва ја вградија слободата во темелите на македонската држава. Во молитвена тишина беше оддадена почит кон нивниот подвиг, а присутните се помолија Господ да ги насели нивните души во Царството Небесно и нивниот спомен да биде вечен. Прославувањето на празникот уште еднаш ја потврди нераскинливата поврзаност меѓу православната вера и историското паметење на македонскиот народ, кој со векови го почитува светиот пророк Илија како свој небесен покровител и молитвен застапник пред престолот Божји. Нека Господ, по молитвите на светиот пророк Илија, му дарува мир, единство, духовна сила и благослов на нашиот народ, а споменот на илинденските херои нека биде вечен.
|
| < Претходно | Следно > |
|---|