Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Осветување на нов конак во Кавадарци
Sample Image

Возљубени,

Ве известуваме дека приемниот испит за ученици во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“ во Скопје за учебната 2026/2027 учебна година, наместо во првично предвидениот термин на 19.06.2026 година (петок), се преместува за на 15.06.2026 година (понеделник).

Сите останати услови остануваат непроменети.

 
Осветување на нов конак во Кавадарци
18.05.2026.

 

Sample Image

 

ФОТОГАЛЕРИЈА

На 17 мај 2026 година, во Неделата на слепиот, во храмот „Света Петка“ во Кавадарци, молитвено и свечено беше отслужена Света Божествена Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Струмички г. Наум, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, како и на бројно свештенство од Повардарската епархија.

Светата Литургија помина во духот на заедништво, молитва и духовна радост, а голем број верници од Кавадарци и околните места молитвено присуствуваа на ова значајно богослужение. Во својата архипастирска поука, Неговото Блаженство говореше за духовното прогледување и силата на верата, повикувајќи ги верниците да останат цврсти во љубовта кон Бога, Црквата и ближните.

По завршувањето на Светата Божествена Литургија, беше извршен свечениот чин на осветување на новоизградениот црковен конак при храмот „Света Петка“. Чинот на осветување го изврши Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, архиереите од Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА и бројното свештенство.

Изградбата на конакот претставува значаен духовен и пастирски придонес за црковниот живот во Кавадарци и Повардарската епархија. Овој објект е реализиран со средства на Повардарската епархија, како и со несебични прилози и поддршка од благочестивите жители и добротвори од градот Кавадарци.

Во рамките на новоизградениот конак се наоѓа параклис посветен на Свети Никола Мирликиски Чудотворец, чиј ктитор е Градоначалникот на Општина Кавадарци, г-дин Митко Јанчев. Покрај параклисот, конакот располага и со библиотека, административни канцеларии, приемни простории, трпезарија, кујна и други помошни простории, кои ќе служат за унапредување на духовниот, просветниот и црковно-општествениот живот на верниците.

Овој радосен и историски настан претставува уште едно сведоштво за живата вера и љубовта кон Светата Црква меѓу народот во Тиквешијата. Осветувањето на конакот е значаен духовен белег не само за храмот „Света Петка“, туку и за градот Кавадарци, неговите жители и целата Повардарска епархија.

Повардарската епархија изразува благодарност до сите приложници, добротвори, верници и помагатели кои со својот труд, љубов и поддршка придонесоа за изградбата на овој значаен црковен објект, молејќи се Господ да им дарува здравје, мир и духовен напредок.

 

 
< Претходно   Следно >