Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Чудото на слегувањето на Благодатниот оган
21.04.2008.


 

Sample Image
 
 

 

Што е тоа слегување на благодатниот оган?




 

За едни, тоа е нешто што може да го наруши спокојниот живот, па затоа треба да биде отфрлено како измислица. За други, тоа е најголемото чудо на земјата, кое неоспорно сведочи за вистинитоста на Православието. За православниот Христијанин, тоа не е просто чудо, туку потсетување, дека Он е со нас „од сега, па до крајот на вековите", знак на Неговата милост кон сите луѓе кои живеат на земјата. Според преданијата на Ерусалимската Православна Црква, годината кога овој оган нема да слезе, ќе биде последната за човештвото.

 

 

 

 Воскресението Христово (Пасха), пред кое настанува опишуваното чудо, е најголемиот настан за христијаните, кој укажува на триумфот на православната вера, го претставува знакот на победата над гревот и смртта и почетокот на светот, искупен и осветен од Господа Исуса Христа.

Празникот Пасха се празнува уште од апостолската Црква. На I Вселенски собор (325 г.) е востановено христијанската Пасха насекаде да се празнува во првата недела по пасхалната полномесечина, така што секогаш да се слави по јудејската Пасха. На IV Вселенски собор е определено да се прекратува постот и да почне празнувањето на Пасхата веднаш по полноќ. Во текот на 2000 години, православните христијани го дочекуваат својот главен празник во Храмот на Гробот Господов (Воскресение) во Ерусалим. Овде, во најголемата светост за христијаните, каде што настануваат подолу опишаните настани, се наоѓа Гробот, каде што бил погребан и воскресна Христос. Во неговата околина се наоѓаат многу свети места, каде Спасителот беше суден и казнет за нашите гревови. Таму се наоѓа и крстот на кој беше распнат.

Секогаш на Пасха, оние кои се наоѓаат во и близу до храмот, стануваат сведоци на слегувањето од Благодатниот Оган. Благодатниот Оган не го палат луѓе, туку слегува од Господа и притоа на поклониците им носи чувство на духовно исцелување, а на болните и немоќните им дарува телесно исцелување и со тоа се потврдуваат голем број настани кои ни се добро познати од Библијата. Благодатната Светлина во храмот не се јавува само во овој век.

Според сведоштвата на апостолите и светите отци, несоздадената светлина (оган) го осветлила гробот Господов уште при самото Воскресение Христово, а ја видел ап. Петар, кој рано утрото дотрчал кај празниот Гроб. За ова читаме кај св. Григориј Ниски: „Петар поверувал, гледал не само со сетилните очи, туку и со високиот апостолски ум - зашто, Гробот бил исполнет со светлина, така што, иако било ноќно време, сепак внатрешноста ја гледал на два начина - сетилно и духовно". А. св. Јован Дамаскин пишува: „Петар застана пред гробот и се ужасна гледајќи ја светлината“.

На тој начин, уште од апостолско време, сите православни секоја година го празнувале јавувањето на Светата Светлина, Благодатниот Оган во Светиот Гроб, кој со своето слегување ги уверува хрисјаните дека Христос навистина воскресна. Благодатната Светлина која слезе на Гробот Господов при Неговото Воскресение ја посведочија и апостолите евангелисти.

Најрани сведоштва за слегувањето на Благодатниот оган во навечерието на Христовото Воскресение, се сретнуваат кај св. Григориј Ниски, Евсевиј и Силвија Аквитанска и датираат од IV век. Во нив има опишано и порани слегувања. Евсевиј Памфил раскажува, кога еднаш не стигнало масло за кандилата, патријархот Наркис (II в.) благословил во кандилата да се стави вода од Силоамската Бања, и огнот кој слегува од небото ги запалил кандилата кои гореле до крајот на пасхалната служба.

Литијата на Светиот Оган почнува приближно дванаесет часа (околу 12 часот напладне во Страсната Сабота) пред почетокот на православната Пасха, која не се совпаѓа со римокатоличката и протестантската Пасха, кои се слават по Григоријанскиот календар. Во Храмот на гробот Господов почнуваат да се собираат поклониците кои сакаат со свои очи да ги видат чудесните настани.

Мнозинството од верниците се православни, меѓутоа секогаш има и инославни христијани, муслимани, атеисти, а присуствува и еврејската полиција. Во храмот има околу 10.000 души; целиот плоштад пред него и терасите на околните згради се полни со народ. Бројот на присутните е поголем од капацитетот на храмот, па затоа и на поклониците не им е лесно.

Како што пишува еден поклоник: „Во навечерието, сите свеќи и кандила во храмот беа изгаснати. На ова се внимавало уште одамна (почетокот на XX век); Турските власти извршувале строга контрола во стражарницата, а поради клеветите од католиците доаѓало и до проверка на џебовите на митрополитот кој свештенослужи или намесникот на патријархот...“

На средината од Живоносниот Гроб се поставува кандило полно со масло, но без оган. Преку целиот гроб се распостилаат парчиња памук, а на краевите се ставаат украсни ленти. Така подготвена, по проверката од турските стражари, а сега од еврејската полиција, Кувуклија (кулата над Гробот Господов) се затвора и запечатува од локалниот клучар, кој е муслиман.

„И ете утрото на Велика Сабота, во 9 часот по локално време, почнуваат да се појавуваат првите знаци на Божествената сила: се слушаат првите татнежи од громот, иако надвор е јасно и сончево. Ова се случува во текот на три часа. Храмот почнува да се осветлува од силни светлосни искри, на едно место, а на друго засветлуваат небесни светкавици, кои го најавуваат слегувањето на Небесниот Оган“ - пишува еден од очевидците.

Во половината на вториот час екнува камбаната на патријаршијата и оттука почнува литијата. Како долга црна лента влегува грчкиот клир во храмот, претходејќи му на Неговото Блаженство Патријархот. Тој е во полно одејание, со блескава митра и панагија. Клирот бавно минува крај „каменот на миропомазанието“, оди кон подиумот кој ги соединува Кувуклија со храмот, и потоа меѓу два реда турска војска, едвај издржувајќи го притисокот од толпата, преминува во големиот олтар на храмот“ - известува средновековен поклоник. Џагорот кој се слуша низ храмот, го означува излегувањето на рипидоносците кои со црвени рипиди, одат пред православниот патријарх.Дваесетина минути по запечатувањето на Кувуклија во храмот втрчува православната арапска младина, чие присуство, исто така е задолжителен елемент на пасхалните празнувања. Младите еден друг се носат на рамена. Се однесуваат многу весело, извикуваат, ја молат Мајката Божја и Господа да им го дарува на православните благодатниот оган. „Иља дин, иља вил Ел Месија“ (Нема вера, освен православната - Христос е вистинскиот Бог“ - извикуваат. За дојдените Европјани, навикнати на други облици на изразување на чувствата и мирни богослужби, многу необично им е поведението на локалната младина. Сепак, Господ ни вети дека ќе го прими и тоа детски наивно, но чистосрдечно обраќање кон Бога.

„Во периодот кога Ерусалим бил под британска власт англискиот гувернер еднаш се обидел да ги запре тие „диви“ игри. Патријархот се молел во Кувуклија два часа: Оганот не слегол. Тогаш паријархот по своја волја рекол да ги пуштат Арапите... И оганот слегол“. Араппте како да се обраќаат кон сите народи: Вистинитоста на нашата вера Господ ја потврдува со симнувањето на благодатниот оган во навечерието на православната Пасха. А во што верувате вие?

„Одеднаш среде храмот над Кувуклија се појави мал облак од кој почна да роси ситен дождец. Јас стоев недалеку од Кувуклија, па затоа и врз мене грешниот паднаа неколку капки роса. Помислив: „Веројатно надвор има бура, дожд, а покривот пропушта, па затоа водата влегува внатре“. На ова Грците извикаа: „Роса, роса...“ Благодатната роса слезе на Кувуклија и го натопи памукот кој беше послан на Гробот Господов. Тоа беше второто јавување на Божјата сила“ - пишува поклоникот.

Во храмот влегува литијата од ерарсите на конфесиите што ја празнуваат Пасха. На крајот од литијата оди православниот патријарх на една од помесните православни цркви - ерусалимскиот или цариградскиот, во придружба на ерменскиот патријарх и свештенослужители. Во својот крстен вход литијата поминува низ сите места - споменици: светата гора каде што Христос бил предаден, местото каде што го удирале римските легионери, Голгота, каде што го распнале, каменот на помазанието - на којшто Христовото тело го подготвувале за погребување.

Литијата приоѓа кон Кувуклија и трипати ја обиколува. Потоа православниот патријарх останува спроти влезот на Кувуклија; нему му ја соблекуваат свечената облека и тој останува само со платнената мантија, за да се гледа дека во пештерата не внесува кибрит или нешто друго со што би можел да го запали оганот. За време на владеењето на Турците внимателна контрола на патријархот извршувале турските јаничари, претресувајќи го пред влегувањето во Кувуклија.

Надевајќи се дека некој од христијаните ќе фатат во измама, муслиманската власт од градот поставувала свои војници насекаде во храмот, подготвени да му ја отсечат главата секому, кој би се обидел да внесе или запали оган во храмот. Во сиот период под турска власт немало таков случај, некој да биде фатен. Денес, еврејската полиција го проверува патријархот.

Потоа на патријархот кој е веќе во пештерата, му подаваат голема свеќа која, како главна треба да биде запалена од огнот, и 33 свеќи - според годините кои ги имаше Спасителот на земјата. Во пештерата влегуваат православниот патријарх и ерменскиот, кој исто така, пред влегувањето се соблекува само на расо. Ги запечатуваат внатре со големо парче восок и црвена лента на вратата; православните служители ставаат свој печат. Тогаш во храмот се исклучува светлото и настанува напрегната тишина - очекување. Присутните се молат и ги исповедаат своите гревови, молејќи го Бога да им го дарува Благодатниот Оган.

Сите присутни со нетрпение го очекуваат патријархот да излезе со огнот во рацете. Срцата на присутните се исполнети не само со трпение, туку и со страв од очекувањето: според преданието на Ерусалимската Црква се вели дека денот, кога нема да слезе Благодатниот Оган, ќе биде последен за присутните во храмот, кој ќе биде разрушен. Затоа поклониците обично се причестуваат пред да дојдат во ова свето место. Луѓето држат снопови од 33 свеќи во рацете. Сите кандила во Храмот на Гробот Господов и во другите православни цркви во Ерусалим се изгаснати, но ќе бидат запалени при слегувањето на Благодатниот Оган.

Молитвата и обредот продолжуваат до моментот кога ќе се случи од сите очекуваното чудо. Секоја година напрегнатото очекување трае од 5 минути, па до неколку часови.

Пред слегувањето почнуваат да засветлуваат искри од Огнот (кои добро се гледаат на видеоснимките); насекаде низ храмот се забележуваат малечки молњи. Еве како го опишува ова еден поклоник: „Се посилно и посилно се разгорува Благодатната Светлина и почнува да се шири насекаде низ храмот. Се распостила силна сина светлина врз Кувуклија, околу иконата „Воскресение Господово“ и најпосле се запалува едно кандило. Влегува во храмовата кула, на Голгота (се запалува едно од кандилата), светнува над Каменот на Миропомазанието (и овде се пали едно кандило). Кај некого фитилите на свеќите само подгоруваат, а кај некои свеќите сами се запалуваат. Огнот станува се посилен, искри насекаде по сите фитили“.

На една од снимките, снимени на плоштадот, може да се види моментот додека од густите ноќни облаци иад главната купола од храмот се појавува силна светлина која брзо се зголемува, и според кажувањата на поклониците, се спушта на врвот од храмот бело-сина заслепувачка светлина. Поклониците велат дека пред слегувањето врз Кувуклија, се појавува нешто слично на молња, а меѓу неа и небото се појавува силен светлосен столб. Исто така велат дека во моментот на слегувањето Гробот Господов е осветлуван од силна светлина. Веднаш потоа целиот храм се исполнува со молњи и светли точки, кои се извиваат по ѕидовите и столбовите, се сливаат во неговото подножје, за потоа да се разлеат по плоштадот меѓу поклониците. Истовремено, кај оние во храмот и оние на плоштадот, се запалуваат свеќите, кандилата и факлите, а во храмот, односно од гробот Господов, излегуваат бело-сини огнени јазици долги 4-5 метри, слично на огномет. Како што сведочат видеоснимките, современите и средновековните поклоници, кандилата (освен оние на римокатолиците), кои се наоѓаат близу до Гробот Господов, во други делови од храмот, сами се запалуваат. Целиот храм се исполнува со неспоредлива светлина, која, како што велат, првпат се појавила при Христовото Воскресение. Тогаш ги отвораат вратите од Гробот и излегува православниот патријарх, држејќи 33 свеќи во рацете, со кои ги благословува присутните. По него излегува Ерменскиот патријарх, исто така со свеќа која гори со син пламен. Во храмот се разнесува радосен џагор, луѓето ликуваат, многумина плачат од радост. „И одеднаш капка ми паѓа на лицето, а толпата торжествено ’згрмува‘. Во олтарот на Католикон се разгорува огнот. Пламен како голем цвет. А, Кувуклија сè уште е темна. Полека-полека преку свеќите, огнот од олтарот стигнува до нас. И тука силен вик нè тера да погледнеме кон Кувуклија. Таа целата сјае, нејзините ѕидови се преливаат во сребрена боја, бели молњи струјат по неа. Огнот пулсира и дише, а од небото, преку отворите на куполата од храмот, се спушта вертикален широк светлосен столб“ - пишува очевидец.

Како се разгорува Благодатниот Оган во Кувуклија? А. С. Перов пишува: „Го видов митрополитот како се наведнува пред нискиот влез, влезе во пештерата и клекна на колена пред Гробот кој беше потполно празен. Не помина ни минута кога се појави светлината и митрополитот излезе со запален сноп свеќи“.

Јеромонахот Мелетиј ги наведува зборовите на архиепископот Мисаил, кој служел тогаш: „Кога влегов во Светиот Гроб Господов, врз целата негова плоча видов како блеска светлина, како истурени ситни бисери во бела, црвена, сина и други бои, кои потоа соединувајќи се, поцрвенеа и се претворија во оган. Но, овој Оган, додека полека да кажеш 40 пати Господи помилуј, не опожарува; од овој оган горат само подготвените кандила и свеќи“.

Додека патријархот е во Кувуклија, гласници преку посебни отвори го разнесуваат оганот низ целиот храм. Сепак, на некои места се појавуваат одделни пламени - на некои луѓе свеќите им се палат уште пред оганот да стигне до нив низ ѕидот од луѓе.

Еден од сведоците го опишува како свеќите на една благочестива жена која стоела до него, се запалиле пред доближувањето на огнот, а таа (веројатно од скромност) двапати ги гаснела, но тие и по трет пат се запалиле.

Кандилата кои се распоредени околу Кувуклија, а им припаѓаат на помесните православни цркви, се запалуваат сами (освен тринаесетте римокатолички), како и некои други кандила во храмот - без помош од човек.

Историјата ни сведочи дека Благодатниот Оган запалувал и незапаливи материи. Градоначалниците - муслимани се обидувале да го спречат слегувањето на Благодатниот Оган кој ја зацврстувал верата на православните луѓе. Во раното средновековие, еден халиф се обидел да го спречи слегувањето на Благодатниот Оган, кој ги ободрувал омразените христијани, и наредил во сите кандила наместо фитил да стават железо... Но, борбата со Господа не успеала - и покрај тоа кандилата гореле.

 

Превод од руски: ѓакон Јани Мулев

 

 
< Претходно   Следно >