


| Рождество Христово - Божик |
| 30.12.2025. | |
|
![]()
На празникот на Рождеството на Нашиот Господ и Спасител, Исус Христос, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на свештенство на Повардарската епархија отслужи сеноќно бдение со Света Златоустова Литургија во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес. Сеноќното бдение, во очи на големите Господови празници, е древна богослужбена и литургиска пракса во Светата Православна Црква. Тогаш целата Црква Христова бдее и останува будна цела ноќ, бидејќи во нејзината радост со нетрпение го очекува големиот празник во раните утрински часови, чија содржина е непосредно поврзана со Христос и Неговото спасоносно откровение, односно со нашиот духовен напредок и со нашето лично избавување. Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел благоволи повторно да ја воспостави оваа древна богослужбена пракса во Повардарската епархија и навистина голем беше бројот на оние кои чекаа до раните утрински часови да ја чујат радосната вест за Рождеството на нашиот Спасител и да ги примат Неговите Свети Дарови. Меѓу присутните верници беа и Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев и пратеникот Игор Здравковски. |
| < Претходно | Следно > |
|---|