Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Беседа - Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф
Беседа - Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф
24.11.2025.

Беседа на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф на

Светата Божествена Литургија во манастирот на Светото Вознесение Христово

во Гевгелија, на 23.11.2025 година

Средбата со Бога нè преобразува

 

Возљубени во Господа браќа и сестри,

Со духовна благодарност и неискажлива радост, стоиме денес пред престолот на нашиот Господ Исус Христос, собрани во овој свештен манастир посветен на Неговото славно Вознесение во нашата Гевгелија, и ја опеваме и славиме Божјата слава тука на земјата, како што ангелите ја опеваат постојано на небесата.

Денешниот ден е голем благослов за овој град и за сите гевгеличани, затоа што Премудриот Бог благоволи да нè собере сите заедно на чело со Вашиот надлежен Митрополит, Високопреосветениот повардарски Агатангел и со бројни свештенослужители, за да принесеме благодарење и молитва за спасението на сите нас, а веднаш по Литургијата и за да извршиме осветување на камен-темелникот за нов храм тука во вашиот град.

Чувствувајќи ја сеуште празничната радост од празникот на Светиот Архистратиг Михаил и останатите Сили небесни и бестелесни, во овој неделен ден, повторно ја испросивме Божјата благодат на ова литургиско свештенодејствие, кое секогаш ни дава можност за средба со Бога. За време на Светата Литургија, ние не само што молитвено присуствуваме и се среќаваме едни со други за да заедно Го исповедаме Троичниот Бог, туку и она што е најважно дека ние вистински Го среќаваме Бога и таа средба помеѓу Бог и човекот е преобразувачка средба, која нè води кон обновување на целата наша личност, кон исцеление на раните на душата и кон осветување на нашето срце.

Почитувани,

Токму таква преобразувачка средба меѓу човекот и Бога се случува и на оваа литургија. Ние како богоподобни личности, односно нашата богоносна душа постојано тежнее за средба со својот Создател. А нашата вера е двигател кон таа наша средба со Бога, кон нашата преобразба или вистинска промена, покајание и преумување, која треба да ни постане начин на живот на секој еден православен христијанин, кој искрено верува и се надева во Пресветата Троица.

Црквата, како наша духовна мајка и душегрижничка, секогаш нè повикува да ја разбереме силата на верата, не само како умствено убедување, туку како жив однос со Господа, кој го преобразува човековото срце. Верата е таа што го отвора човекот за Божјата благодат. Верата е она што го носи човекот од страв во надеж, од немоќ во сила, од затвореност во љубов. Кога човек верува, тој не се потпира само на своите можности, туку пред сè се потпира на Бога, Кој е извор на живот, мир и светлина.

Плодовите на таквата искрена и пламена, би рекол – жива вера, се видливи и се гледаат преку нашите дела: во нашето милосредие, во човекољубието, во трпението, во простувањето, во љубовта кон ближниот, како и во нашиот стремеж за правење најразлични добри дела. За силата на таквата вистинска и евангелска вера имаме постојани примери не само во Светото Писмо, туку и во житијата на светиите и во свештеното предание на Црквата, а секако и во нашиот секојдневен живот. Таквата вера го преобразува човекот однатре, го прави благ, кроток, внимателен и отворен кон потребите на другите. Таа вера го ослободува човекот од врзаноста кон земното и го насочува кон вечните вредности – кон спасението, кон добрината, кон Бога.

Мили наши чеда,

Сослужувајќи на оваа благодарствена и света служба, и доаѓајќи во овој ваш благословен крај, навистина ја имам можност да бидам сведок на вашата жива и искрена вера. Вашето силно верување во Господа нашиот Исус Христос постојано се покажува најнапред преку вашето присуство во храмот, на светите богослуженија, потоа преку вашата надеж во воскресението и вечниот живот и секако преку вашата љубов, која неизмерно ни е потребна во овој современ свет и начин на живот, кога се помалку има место за вистинските вредности, а наспроти тоа владее неморалот и злото, а во човековите души нажалост владее немирот и меланхолијата.

Но, затоа тука е Црквата и храмовите, каде што човекот го слуша Христовиот повик: „Пријдете кон Мене сите изморени и обременети, и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11,28). А најголем плод на Вашата силна вера утврдена „на темелите, поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како аголен камен на темелот Самиот Исус Христос“ (Еф. 2,19–20) – што на сите нас ни предизвикува радост е денешното осветување на камен – темелникот за изградба на нов храм во новиот дел на Гевгелија посветен на Светиот Архистратиг Михаил и останатите небесни сили, односно на светите ангели, кои се нашите заштитници, невидливи водачи и бранители на вистината. Подигањето на нов храм е најдоброто нешто што како народ можеме да го оставиме во наследство на нашите идни македонски поколенија.

Во оваа прилика сакам да му се заблагодарам на мојот денешен домаќин и собрат, на Вашиот надлежен владика Агатангел за поканата да бидам со вас на овој историски чин и да ја споделам вашата радост, која се зголемува кога е споделена. А кога веќе спомнуваме градба на нов храм, пред сите вас сакам да нагласам дека Повардарската епархија е една од најуредените епархии во нашата МПЦ-ОА, благодарение на трудољубивоста, ревноста и родољубието на Митрополитот Агатангел, кој на дело ја сведочи својата љубов кон Црквата, државата и кон народот.

Драги гевгеличани,

Храмот кој денес го започнувате е природно продолжение на вашата вера и љубов кон Бога. Тоа е сведоштво дека овде живее народ кој верува, кој се надева и кој го прославува името Господово – денес, утре и за многу поколенија што ќе дојдат.

Вашата верност кон Црквата не останува само збор или чувство, туку станува дело – дело што јасно се гледа во оваа ваша одлука да се изгради нов храм. Тој храм не е само градба од камен и материја, туку сведоштво дека Христос живее во вас, дека вашите семејства се вкоренети во верата, дека вашите срца ја примаат благодатта и дека заедницата расте како „свет храм во Господа“ (Еф. 2:21), како што слушнавме од денешното апостолско четиво, Затоа од срце ви посакувам Господ да ви даде сила, мир и единство, за да го изградите тој свет Божји дом во најскоро време, и тој да стане место за средба со Бога, на молитва, заедништво и духовен спокој за сите вас и за вашите деца, кои и во иднина ќе ја исповедаат и чуваат нашата православна вера која нè преобразува и преку која сите ние се спасуваме.

Нека благодатта на нашиот Господ Исус Христос, љубовта на Бога Отецот и заедницата на Светиот Дух нека биде со сите вас. Амин.

 
Следно >