Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Теофан Затвореник - За Искушенијата
Теофан Затвореник - За Искушенијата
15.04.2008.

ЗА ИСКУШЕНИЈАТА

 



 

(според Теофан Затвореник)

Човекот умира за Бога и живее сам за себе (Макариј Египетски).

 

Одделен од Бога, човекот се набљудува самиот себе како цел сама за себе. Тоа се случува поради тоа што отпаѓањето од Бога, Кој е полнота, го струполува човекот во неговата сопствена празнина, во провалија и го исполнува со неодредена и ненаситна жед. Оваа жед го гони целиот свој живот да скита по лажни вредности, кои го врзуваат неговото срце и целото негово внимание.

Празнината на умот, зашто единствениот Постоечки го заборавил, раѓа љубопитност, тежнеење кон многу знаење, известување и испрашување. Неисполнетата волја, која го загубила поседувањето на Единиот, распалува многубројни страсни желби, алчност, нагон за богатство и моќ, за да се има сè според волјата.

Пустошот на срцето – кое го загубило уживањето на Сеединствениот, породува сладострастие, жед за разни работи и уживања, за да се задоволи чувствувањето. Наместо да се грижи за своето спасение, човекот живее во маѓепсан круг на многу грижи и евтини уживања. Преку многузнаењето, алчноста и сладострастието, ѓаволот нè вплеткува во бескрајни планови и нивно изведување. Тој има само една грижа – да ги сврти срцето, волјата и свеста од Бога и да ги врзе за нешто страсно и примамливо. Не само ниските страсти, туку исто така и уметноста, науката и техниката, професијата и општественоста можат да станат идоли кои нè држат во својата власт и не ни дозволуваат да дојдеме при себе.

Затоа е потребно да ги познаваме човечката природа и нејзините постојани искушенија, за да им се спротивставуваме. Тие искушенија се управуваат според трите водечки сили на човечката душа, се однесуваат на мисловната, желбената и волната човекова природа.

Заблуденоста на умот се состои од фантазии кои, пред сè, нè расејуваат за време на молитвата и нè прекинуваат. Нив ги проѕира будното внимание.

Искушенијата на нашата желна природа лежат во нашите страсти, кои го одделуваат срцето од молитвата и го одвлекуваат со себе. Наспроти нив дејствува трезвеноста.

Искушенијата на волната природа доаѓаат од лакомоста, саможивоста и самоволието. Тие се победуваат со смирение и со живот според Божјата волја.

Кој живее небрежно, лесно им се подава на овие три вида на искушение кои го исполнуваат нашиот ум со празни грижи и со слободни или отровни помисли. Карактерот го врзуваат со расеаност и сетилност, а волјата ја поттикнуваат на нескротливо славољубие. Последици од тоа се истинување на срцето и успивање на совеста, или пак заблуда и прелест. Сето тоа води кон внатрешна празнина, меланхолија и често се завршува со очај. Сите искушенија доаѓаат во човековата свест преку помислите или преку т.н. фантазии, прераснуваат во страсти и бараат нашето срце да го врзат за себе.

 

Искушување преку фантазирање

 

(Според Теофан Затвореник)

Нечестивиот е пуштен да ја искушува човековата умна сила и да ја вознемирува ден и ноќ. Ако падне умот, тогаш паѓа сè (Симеон Нов Богослов).

 

Учи се да ги разликуваш слободните помисли од наметливите фантазии. Помислата стои блиску до зборовите. Мислењето е природна дејност на нашиот ум со која се занимаваме слободно. Преку деталното размислување, ние се вдлабочуваме во познание на светот и на самото наше битие и ги решаваме прашањата од личниот и општествениот живот. Тоа занимавање го нарекуваме умна работа. Исто така тоа е природно својство на нашата душа како чувствување и сакање.

Неволните помисли или фантазии се нешто друго. Тие не зависат од нашата слободна волја; тие несакајќи се појавуваат во нашата свест како претстава, слика, претпоставка, намера, желба, сеќавање итн. Учителите на духовниот живот советуваат да ги одбиваме, без разлика дали се добри или лоши, зашто слободниот човеков дух не треба да биде поробен со несакани, во неговата свест вметнати помисли. За жал, ние сме робови најмногу токму на тие помисли. Тие со сила ì се наметнуваат на нашата совест, ì пречат на јасноста, чистината, континуитетот, на силата и на плодноста на нашиот ум и ја отежнуваат нашата внатрешна собраност, преку секакви безвредни, празни или раздразливи содржини (на пример: навредливи разговори, сетилни средби, улични впечатоци, секојдневни грижи, неисполнети должности и др.). Сите тие се наметнуваат силно како од некој свет на изобилство, и тоа токму тогаш кога човекот сака да се моли. Во срцето се создава немир, наслада или лутина; молитвата е попречувана. Се извршува по можност бргу, за да биде извршена должноста, па да се премине на нешто поважно. Поради што доаѓа тоа? Заради недостаток на дисциплина и способност на концентрацијата да го врземе нашиот ум за одредена содржина; потоа заради онаа демонска сила која на безброј начини се обидува да ја извалка нашата душа, да ја оддели од Светиот Дух и сосема да ја потчини на својата власт.

Притоа секој човек поседува особено, нему својствени фантазии или помисли од кои страда и од кои не може да се ослободи со свои напори. Најголемиот број луѓе и не помислуваат дека има такви фантазии и уште помалку знаат како тие се спречуваат. Духовно искусните го расветлуваат тоа и учат дека, духовниот живот треба да се контролира со најостро внимание. И ти ќе се научиш на сето тоа, ако си во состојба да проникнеш во себеси. Внимавај на своите помисли кои доаѓаат и одат, на мислите кои особено те заматуваат, на расположенијата и состојбите кои се трајно во тебе, кои траат со часови и со денови. Сето тоа е предзнак на она што живее во тебе. Против тие наметнувачи треба да се бориш.

Таа борба ја олеснува оваа околност: фантазиите не доаѓаат одеднаш, туку полека и во толку нè земаат под свое, колку што ќе им се подадеме. Тие испитуваат каков е теренот на душата и ако не наидат на одбивање, потполно нè фаќаат во мрежата. Ако не ги одбиеме кај нивниот прв настап, поради незнаење или небрежност, борбата со нив секогаш ќе биде сè потешка.

 

За редоследот на искушување

(според Нил Сорски)

 

Искушенијата дејствуваат преку помислите според еден одреден редослед: првин во нашата свест настанува обична претстава на една мисла или на еден предмет – поттик; ако таа биде прифатена, тогаш со неа стапуваме во однос, ја прифаќаме и таа нè врзува; потоа нè обзема и конечно нè заробува – како страст!

Значи, првиот стадиум на искушение прави поттик. Тој му се наметнува на умот без учество на нашата волја – преку надворешните впечатоци или преку внатрешните претстави (некој човек што вчера сме го сретнале; помисла која поминува низ умот; дошепнување да го направиме ова или она). Така искушувачот му дошепнуваше на Господа: …кажи овие камења да станат лебови (Мат. 4, 3). Поттикот како таков не заслужува ниту пофалба, ниту замерка, зашто тој не зависи од нас. Ако веднаш го одбиеме, целото искушение е завршено. Некој ги прифаќа помислите и со нив стапува во однос, почнува одблиску да ги набљудува, ги држи доброволно во свеста и се солидаризира со нив. Значи, тој пушта однекаде долетана помисла да заземе место во неговата внатрешност (на пр. човекот рекол нешто – помислата дополнува: сигурно тој го направил тоа со намера да навреди).

Кој се солидаризира со помислата, започнува да ужива во неа, ја чувствува како своја и е подготвен да ì служи; истовремено се поврзува со неа (на пр. нема да преминам преку ваквата навреда, јас трикратно ќе возвратам). И потоа настанува поплава на одмазднички помисли.

Кој ќе дозволи да биде поробен, присилно и неволно ќе го привлече една одредена помисла. Фантазирањето зазема насилно место во неговото срце, со него станува едно битие, се држи во него и ја разорува неговата добра состојба. Разумот е зафатен како од бура и е опседнат со надразнувачки мисли. Тој веќе не наоѓа мирна јасновидност. Ова особено се случува при голема зафатеност или при некорисни разговори. Кога опседнатоста од фантазии ќе заземе место во душата и ќе стане нејзин карактер, тогаш се доаѓа до последниот степен на опседнатост, до страст. Страста е постојано уживање во страсни помисли кои долго се вгнездени во душата, кои преку фантазии се зацврстуваат и кои преку навиката стануваат наша втора природа. Во ваква состојба човекот доаѓа дел од невнимание, а дел намерно – кога дозволува да биде трајно поробен. Него постојано го вознемируваат нечистите помисли, кои тој во себе ги негува и не му даваат мир. Искушувачот постојано ги враќа во сеќавањето претставите на одредени луѓе или работи кои ја хранат страста и нè гонат да ги мразиме или да ги сакаме и така да станеме ропски врзани за нив. Вака нечестивиот го зема човекот под своја контрола и во него разгорува оган кој го нагризува и го труе срцето и рушителски се однесува кон светот.

Според причинскиот закон – еден стадиум на искушение носи друг. Која било претстава да дојде во душата, таа го врзува вниманието, нè привлекува, ì се препуштаме, одиме по неа и – заборавајќи ја нашата главна задача – делото на нашето спасение и заедницата со Бога, најчесто ì подлегнуваме. Пред сè бидејќи не го познаваме начинот на кој фантазиите нè водат кон страсти; не знаеме да им се спротивставиме (преподобен Нил Сорски). Сè додека нашиот ум се наоѓа во главата, тој е изложен на постојан судир со фантазиите. Како рој комарци навалуваат на него помислите и ì пречат на неговата внатрешна собраност. Тој замислува дека може од главата да раководи со душата и да ги следи помислите. Незаштитеното срце тогаш оди по својот пат и запаѓа во грижи и страсти. Најпосле умот се заборава и го следи срцето како посилно од себе. Од ваквата авантура едвај некој да излезе како победник. Единствено срдечното покајание може да ослободи од таква состојба (свети Теофан Затвореник).

Помислата насилно нека ì се наметнува на нашата совест. Ако нашето самољубие се согласи со неа, во нашата внатрешност ќе се разбудат страсни чувства и желби. Понатаму следува промислување да се исполни желбата; се бараат соодветни средства и се донесува одлука тие да се применат. Со тоа внатре сè е веќе направено. Се чека само првата прилика желбата да се спроведе на дело: гревот со сите негови последици се извршува. Благодатта се повлекува и човекот паѓа во рацете на нечестивиот.

Додека душата не ги потхранува страстите, недостапна е за ѓаволот. Ако е таа светла, тој не може дури ни да ја погледне. Но, ако се согласи со движењата на страстите, тогаш се помрачува и ѓаволот ја гледа, продира во неа и започнува да дејствува во неа. Темнината и немирот се последица на секој грев, на секој порок.

Не ì подавај рака на својата слабост. Принудувај се на будност, кажувај ја Исусовата молитва и барај духовна помош. Таа ќе дојде.

 

Искушување преку луѓето

 

Ако ѓаволот не може однатре да те заведе, тогаш тој почнува да те мачи однадвор преку оние луѓе кои му се предале. Затоа биди подготвен на вакво страдање и очекувај ги непријатностите како гости.

Еднаш ти се приближуваат пофалби, еднаш укори, клевети и тешкотии од секаков вид. Овде е важно да се проѕре кој ја предизвикува бурата и сè мирно да се поднесува: непријателството против одредени луѓе се претвора во непријателство против Лукавиот, кој стои зад тие луѓе и ги поттикнува на зло. Ако дојдат нешта кои ќе те разжалостат или налутат, тогаш обрати Му се на Бога и не му дозволувај на Лукавиот да ти пристапи. Ако не ти појде тоа од рака, тогаш барем молчи додека не успееш да се совладаш. Тогаш зборувај мирно и љубезно со другите; не наоѓај им замерки и не ги потсетувај на сторената ти неправда. Моли Му се само на Бога лошите впечатоци во срцето да се отстранат што е можно побрзо, подобро денес отколку утре. Тогаш ти си чист пред Бога, кој го води човекот чекор по чекор преку неволјите кои исчистуваат. Тешко е без неволји да го победиме своето фарисејско самооправдување.

Силата со која се поднесуваат искушенијата е мерка на твојата внатрешна зрелост. Преку неа лесно можеш да видиш на кое скалило стоиш. Ако некој те навредил и ти тоа не му го забораваш целиот свој живот, биди сигурен дека ти внатрешниот пат воопшто не си го ни започнал. Ако си бил навреден, па таа навреда си успеал дури по една година да ја израмниш, значи, дека стоиш на најниското скалило од внатрешниот труд. Колку понатаму напредуваш во духовниот труд, толку побрзо можеш да ги простуваш нанесените навреди: по еден месец, една недела или еден ден. А како просветлениот од Бога се однесува во вакви случаи? – Тој ја гледа стрелата на навредата како лета кон него и се покрива со името Божјо како со оклоп. Навредата се одбива од него и не остава ниту најмала гребнатинка. Ако си дошол до овде, тогаш можеш да се сметаш за пораснат во духовниот живот.

Најважното никогаш не губи го од вид: Бог го дозволува ова искушение; или за да те испроба, или за твоите духовни сили да созреат. Затоа прими го искушението мирно и поднеси го спокојно, без омраза кон оние кои те навредиле. Мисли на ова: металот доаѓа во топилницата за да се оддели од згурата. И ти се претопуваш за да дојдеш во повозвишената чистота. Поднеси сè, чувајќи го внатрешниот мир и љубовта Божја, повикувајќи Го Господа на помош за да се оддалечи од тебе Искушувачот. Затоа што тој пред Бога е немоќен.

 

Искушение преку Лукавиот

 

Сите страсни движења не би биле толку страшни, кога секој момент не би биле предизвикувани од демоните, кои и ги произведуваат. Тие извори на целото зло влијаат на човековата страсна природа, која им е сродна, и тие се вистински причини за сите наши застранувања. Тие предизвикуваат вистинско зло: помрачување на свеста и богозаборавање; привидување, а пред сè оган на сетилните страсти или пак смртоносна омраза. Сето тоа се подига на новиот облагодатен човек.

Ако на ѓаволот не му успее да искушува преку страсти и луѓе, тогаш тој дејствува преку својата личност и гради некакви лажни слики, со малку страшна, малку заводлива природа. Ако останеш цврст во спротивставувањето, тогаш тој повремено се повлекува и од далеку набљудува каде твоите слабости му прават нов пристап. Тогаш одново започнува борба, сè до смртта и по неа.

 

 

 
< Претходно   Следно >