Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Свети рамноапостоли, Кирил и Методиј
Свети рамноапостоли, Кирил и Методиј
24.05.2025.

 

Sample Image

 

ФОТОГАЛЕРИЈА

Во навечерието на празнувањето на свети Кирил и Методиј, втора година по ред, со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, чествувањето на овие наши духовни горостаси е збогатено со културно-уметничка програма во дворот на велелепниот храм посветен на сесловенските и македонски просветители, во центарот на градот Велес.

По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот и многубројниот народ имаа можност да проследат прекрасни културно-уметнички изведби. Најпрво, поетесите Даница Лепојевиќ и Соња Карбева одлично го изведоа рециталот „Прогласот на свети Константин филозоф“, а по нив го слушнавме убавото созвучје на Оркестарот на традициски инструменти од Основното музичко училиште во Велес „Стефан Гајдов“ под менторство на наставникот Трајче Малинов. Протоереј Ристе Јанушев во своето Слово за житието на свети Кирил и Методиј, вдахновено го претстави бесценетото дело на светите македонски великани, а по него г-ѓа Елица Николова, од велешкиот музеј, ни го презентираше своето истражување за традицијата на чествувањето на делото на свети Кирил и Методиј во градот Велес. За крај, младите момчиња и девојки од фолклорниот ансамбал „Ќерамичар“, со својата изведба на Прилепското и Поречкото оро ни покажаа зошто нашиот фолклор е еден од најдобрите во светот.

Се надеваме дека ваквото велелепно чествување на светите сесловенски и македонски рамноапостоли ќе стане вековна традиција во овој град.

На самиот ден, пак, се отслужи Света Архиерејска Литургија, со која чиноначалствуваше Митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на бројно свештенство на Повардарската епархија. Меѓу многубројните присутни беа и Градоначалникот на Општина Велес, г-дин Марко Колев, пратеникот, г-дин Александар Јамалов и претставници на општинските институции.

 
< Претходно   Следно >