Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Предговор на книгата „Земја близу небото“
Предговор на книгата „Земја близу небото“
5.05.2025.

Предговор за книгата „Земја близу небото“

Според црковното предание Грузија (Иверија) е апостолски избор на Пресвета Богородица. После Вознесението апостолите се собрале во Сионската горна одаја и фрлале жребка, кој во која земја да оди. Пресвета Богородица посакала да учествува во апостолската проповед, па Нејзе ѝ припаднала мисијата во Иверија, меѓутоа Господ ѝ заповедал да остане во Ерусалим. На север заминал светиот апостол Андреј Првоповикан, кој ја зел со себе неракотворната икона на Пресвета Богородица. Апостолот набрзо по неговото доаѓање воскреснал едно умрено дете на некоја вдовица и веднаш по ова чудо сите жители на градот Ацкури примиле свето Крштение. Апостолот ги вовел во верата, па потоа им ракоположил нивни епископи, свештеници и ѓакони. Исто така во Грузија проповедале и светите апостолит Симон Кананит и Матиј, а се спомнуваат во древните списи и имињата на апостолите Вартоломеј и Тадеј.

Во првите векови започнале гонењата во Грузија, па така во вториот век маченички крај имале свети Сухиј и неговите другари. Меѓутоа во 325 година христијанството станало официјална вероисповед во Грузија благодарение на проповедта на светата рамноапостолна Нина, која е многу почитувана таму.

На почетокот Грузиската црква била под јурисдикција на Антиохиската патријаршија, а во петти век добила автокефалија. Од XI век нејзиниот претстојател добил титула католикос-патријарх. Во XIII век оваа Црква со огромни болки родила 100000 маченици во Тбилиси. Поради тешките времиња барале помош од Русија, па така од почетокот на XIX век цела Грузија била припоена кон Руската империја, а автокефалната црква била укината, и бил воведен руски егзархат и руски јазик. Во 1917 година со револуцијата во Русија, во Грузија била прогласена обновата на автокефалијата на Грузиската црква, по што настанал раскол со Руската црква. Овој раскол бил надминат во 1943, а во 1990 година Цариградската патријаршија ја признава нејзината автокефалија.

Светата Грузиска црква изобилува со светители и маченици, од првите векови, па до денешно време. И токму нивните житија можете да ги читате во книгата која ја имате пред себе. Освен житијата може да прочитате многу раскажувања и описи за Грузија, за земјата, за светите места – цркви и манастири, како и за новите светители, кои заблескаа во новото време, со особен акцент на најпознатиот јуродив светител преподобниот Гавриил Ургебадзе, кој се упокоил пред 30 години, во 1995 година.

Да ги читаме житијата, да учиме од нивните живи и блескави примери и поуки, да ја практикуваме верата па Бог да нѐ постави заедно со сите Негови светители во рајот, во Негова близина. Амин.

Митрополит Повардарски

г. Агатангел

 
< Претходно   Следно >