Сочувство |
17.03.2025. | |
![]()
Со голема тага и чемер во нашите срца ја примивме веста за страшната и невидена трагедија во градот Кочани, при која одненадеж, како кревки ластари од нас беа откинати педесет и девет млади и невини души. Не постои човек во нашата заедничка татковина Македонија, кој вчера и денес искрено и длабоко не сочувствува со болката на нивните родители. Сите ние денеска сме нивни најблиски роднини, нивни верни пријатели, нивни добри и кротки комшии. Искрено и усрдно ги упатуваме нашите молитви за овие невини души, за Господ Бог да ги прими во Неговото Царство, да ги обгрне со Својата благодат и да ги насели во вечните рајски живеалишта. На сите кои го преживеаја целиот овој ужас, им посакуваме брзо и успешно заздравување. Нашите мисли и молитви ќе бидат постојано со нив и со нивните најблиски. Македонија како држава ќе мора од оваа трагедија да извлече правилни поуки и напатствија, кои одвнатре ќе го обединат, засилат и зацврснат нашето македонско општество. Вакви трагедии никогаш повеќе не смееме да дозволиме да ни се повторат. Сите ние ќе мора, со сопствени дела и лични напори, да придонесеме во изградбата на нашата заедничка иднина. Нека биде Господ постојано со секоја натажена душа! Нека му бидат дадени делотворни духовни сили на секој родител што лично беше засегнат од оваа ужасна трагедија! Нека го крепи Господ македонскиот народ при сите негови слабости, секој од нас нека најде мир и утеха во секоја тага, болка и воздишка!
Митрополит Повардарски Агатангел, заедно со свештенството, монаштвото и верниот македонски православен народ од Повардарската епархија.
|
< Претходно | Следно > |
---|