Соопштение за проповеди |
13.02.2025. | |
![]()
Возљубени, Ве известуваме дека, почнувајќи од оваа подготвителна недела, Неделата на блудниот син, на Неделните и празничните Литургии во црквите во Повардарската епархија проповедите ќе бидат исклучиво на тема: „Толкување на Божествената Литургија“. Ова го благословуваме со цел македонскиот народ Божји подобро да ја осознае, а преку тоа и да ја доживее Светата Божествена Литургија, како најголемо, најзначајно и најсвештено дело од сите дела кои луѓето може да ги извршат. Литургија значи: народно дело, т.е. дело за народот Божји. Црквата се моли за сиот свет, но Светата Литургија ја служи само за верниците, „за благочестивите и православни христијани“. Црквата е народот Божји, па според тоа, Светата Литургија како народно дело, се служи за народот Божји од истиот тој народ. Затоа свештениците на Црквата не служат сами или тајно, туку секогаш заедно, народот Божји и свештениците ја извршуваат Светата Литургија. Кога ќе речеме народ Божји, не сметаме дека мирјаните се одвоени од клириците; сите заедно сме народ Божји: и мирјани и клирици. Кога сме во храмот и се служи Света Литургија, ние не само набљудувачи, туку сите заедно литургисуваме. Ние сме народ Божји и ние ја извршуваме Светата Литургија заедно со свештенослужителите на Црквата, кои преку ракополагањето ја имаат благодатта на свештенството. Затоа и сите молитви и сите химни на Светата Литургија се напишани така (во множина), за да се види дека не служи само свештеникот, туку сите христијани кои се во храмот. Проповедите ќе бидат сите поглавја од книгата „Толкување на Божествената Литургија“, која нашата издавачка дејност ја издаде во 2019 Лето Господово. Во прилог на оваа објава го пренесуваме и Предговорот на оваа книга.
Предговор на книгата Книгата која ја имате пред себе е дело на Митрополитот Козански г. Дионисиј, кој ја составил од неговите предавања пред верниот народ. Книгата е напишана едноставно, разбирливо за секого, а сепак со своја длабочина. Авторот постепено нѐ воведува во неисцрпното богатство на Светата Литургија, без намера и можност докрај да го исцрпи. Неговото толкување е базирано врз светоотечките толкувања, но не е нивно повторување, туку продолжување на нивниот труд. Митрополитот Дионисиј е голем богослов на Светата Црква, и неговите духовни чеда и ученици се активни членови на Црквата како свештенослужители и професори по Теологија, кои го продолжуваат неговото свештено дело. Во книгата ќе забележиме со каква искреност пишува тој за Литургијата, со каква храброст ги изложува слабостите на Црквата, но не за да ги критикува, туку за да ги поттикне сите на размислување и подобрување на состојбата во Црквата. Свети Григориј Богослов вели: „Сѐ што не е соединето со Бога, не е спасено“, и токму тоа го истакнува авторот постојано, дека надвор од Литургијата нема вера, нема христијанство, нема ни спасение. Кој не учествува во Литургијата, тој не е ни христијанин. Па оттука, главна тема на секој совесен свештенослужител треба да биде токму тој повик за доаѓање и учество во Светата Литургија. Во Литургијата е присутен Самиот Бог, и единствено преку неа и преку нашиот духовен живот добиваме благодат од Бога, преку неа се осветуваме, преку неа се исцелуваме, т.е. се спасуваме. Светата Литургија е продолжување на Тајната Вечера. Истата благодат, истата Причест како и тогаш, ја добиваме и сега на секоја Света Литургија. Со таква вера и почит должни сме да ја гледаме Божествената Литургија. Но, не смееме да ја претвориме во театарска претстава, со убаво пеење, со театрално движење на свештенослужителите, а ние да се претвориме во гледачи на таа претстава, туку како христијани повикани сме да учествуваме живо во Литуријата. А како ќе учествуваме во неа, доколку не знаеме што се случува во неа и зошто е се тоа? Книгата која ја имаме пред нас е одлично помагало за да навлеземе и да ја проучиме смислата на Светата Литургија, но да не застанеме само на тоа, туку должни сме да навлеземе во неа подлабоко и лично да ја доживееме. Во Литургијата се причестуваме и влегуваме во заедница со Бога и со своите ближни, и мојата молитва кон Бога е токму тоа, сиот македонски народ да ѝ се врати на Црквата, на Литургијата, но не преку оградата, туку со искреност и покајание, та да станеме сите народ Божји, народ свет и христијански, „еден народ и еден Пастир“ (Јован 10, 16). Амин. Митрополит Повардарски + Агатангел
|
< Претходно | Следно > |
---|