Сеноќното бдение, во очи на големите Господови празници, е древна богослужбена и литургиска пракса во Светата Православна Црква. Тогаш целата Црква Христова бдее и останува будна цела ноќ, бидејќи во нејзината радост со нетрпение го очекува големиот празник во раните утрински часови, чија содржина е непосредно поврзана со Христос и Неговото спасоносно откровение, односно со нашиот духовен напредок и со нашето лично избавување. Впрочем, самиот збор „Бадник“ доаѓа од стариот македонски збор, кој означува „да се биде буден“. Бадник, во превод на современ македонски јазик би бил соодветен на зборот „Будник“. Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел благоволи повторно да ја воспостави оваа древна богослужбена пракса во Повардарската епархија, па заради тоа, во очи на Божик, откако ќе помине нашиот семеен Бадник, на 06. Јануари, вечерта, со почеток во 23.30 часот, во сослужение на бројно македонско православно свештенство ќе отслужи сеноќно бдение со Света Златоустова Литургија, во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес. Ги повикуваме сите наши верници да земат активно литургиско учество на Рождеството Христово - Божик, на овој голем христијански празник, кој е почеток на нашето спасение.
|