Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Историја на Македонската Православна Црква arrow Свештеничка конференција во Скопје
Свештеничка конференција во Скопје
20.03.2008.
Свештеничка конференција во Скопје
 

Иницијативниот одбор за организирање на Македонската православна црква, по добивањето на одлуката на Светиот синод на Српската православна црква, свикал широка свештеничка конференција, за да го запознае македонското свештенство со негативниот став на Српската православна црква против одлуките на првиот Црковно-народен собор. Оваа конференција на која зеле учество повеќе од двеста свештеници, била одржана во Скопје на 9 и 10 мај 1946 година. Откако свештенството било запознаено со негативниот став на Српската православна црква кон еднодушната одлука на сите македонски православни христијани, по богата аргументирана и продлабочена дискусија, со остро негодување, македонското свештенство ја донело следнава резолуција:
Прво, Црквата во Македонија да има свои народни архијереи, народно свештенство, и самостојност во решавањето на сите внатрешни црковно-народни прашања.
Второ, владиците да бидат избирани од народот и од свештениците.
Трето, да се работи на тоа што поскоро да се формира Православна црква во Југославија, во која ќе влезат сите православни цркви на југословенските народи врз апсолутна рамноправност.
Четврто, црквите во републиките да бидат самостојни во внатрешните црковни прашања, да бидат раководени од своите народни архијереи, кои ќе бидат членови на Архијерејскиот собор на Православната црква во Југославија со еднакви права и задолженија.
Петто, секоја народна црква да има по еден претставник во Светиот синод на Православната црква во Југославија:
Шесто, од претставниците на сите југословенски православни цркви да биде изработен нов устав на Православната црква во Југославија и истиот да биде усвоен од Црковно-народен собор.
Во оваа резолуција македонските православни свештеници, не отстапиле од основните барања на православните македонски христијани - Македонската православна црква да го зачува својот народен и Светиклиментов белег. Конечното решавање на оваа прашање се провлекло с# до 1958 година.


 
< Претходно   Следно >