Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Предговор „Света Гора“ - Митрополит Агатангел
Предговор „Света Гора“ - Митрополит Агатангел
4.09.2024.

СВЕТА ГОРА - МЕСТО НА ДУХОВЕН ПРЕПОРОД!

Голема е нашата радост што добивме можност да ја реиздадеме оваа прекрасна и неповторлива книга, која за поновата генерација можеби и да е непозната. Македонските верници и богослови ќе откријат во неа еден посебен и неповторлив свет кој од Бога е закрилен и благословен, а во кого живеат земни ангели и небесни луѓе. Единствена мерка на овие ангелолики и ангелогласни калуѓери е непрестајниот такт на молитвата, која во целост го исполнува секојдневието, нивното време и животот, но и нивните чисти и за тоа подготвени срца. Во ова молитвено царство, царскиот престол е наменет за Небесната царица - Богородица, која е посебна старателка и покровителка на овој полуостров што токму заради неа и нејзиното застапништво го добил името Света Гора, по кој е познат и во православната екумена, но и насекаде по светот. Света Гора е посебен дар Божји за човештвото, тоа е татковина на богомолците. Овде животот се одвива како во некој огромен храм, кој не е опкружен од камени ѕидини. Во неговата внатрешност е поставен беспрекорно уреден и совршено хармонизиран простор, чиј почеток и крај го држи Самиот Бог во Своите раце. На врвот од овој простор, како покрив и купола, е поставена самата небеса кон која преку молитвен подвиг и аскетски напори се стремат тамошните тивки и кротки жители. Во ова свето и благословено место на тихување се води непрестаен доверлив разговор со Бога. Овде во тишина и осаменост, монахот се среќава со својот Создател лице в лице, очи во очи, срце во срце. Во оваа држава Божја единствен идеал е Царството Небесно, а единствена вредност е Воскреснатиот Господ Исус Христос. Ако за светот потонат во суета и грев молитвата е еден вид на слабост и понижение, тогаш во Света Гора таа е претворена во алатка на заедничарењето, преку неа се возвишува духот на човекот до небесните височини на совршенството.

Во оваа книга, која е сублимат од врвна монографија, искуствен патепис и спасоносно сведоштво на преобразената личност, Светиот Епископ Гаврил Светогорец од прва рака и непосредно ни ги раскажува своите лични погледи и доживувања за ова единствено и уникатно место во светот. За неговите сфаќања Света Гора е дел од древна Македонија, и овде по Божја промисла, но и по благоволение на Пресвета Богородица е зацарена новата татковина на Неговото Свето Евангелие. За нас Македонците е особено интересен делот каде тој поентира споредувајќи го раѓањето на Месијата меѓу малиот израелски народ со основањето на Света Гора во Словенските земји. Според Дедо Гаврил Бог не го избрал моќниот Рим, ниту прославената Грција за да биде почеток и темел на молитвата и монашката проповед, туку малиот и непознат народ кој тогаш живеел околу планината Атос. Книгата изобилува со извонредни и прецизни описи на светите предели на кои е никната прекрасната божествена архитектура на самите светогорски манастири. Во неа, како на дланка, ни е распослана целата историја на Света Гора, почнувајќи од првите Богородични чекори на ова место, па сè до денешниот ред и поредок на неговите скитови и општежитија. Посебно плени вештината на раскажување на Дедо Гаврил, во која провејува неговата огромна световна наобразба, но и неговата лична духовна спремност и подготовка. Со еден збор: секој што ќе ја прочита книгата „Света Гора - Небесна земја“ неминовно ќе знае и заклучи дека преку неа му зборува не некој друг, туку од Светиот Дух осветен и преобразен човек. Дедо Гаврил ни остави во наследство едно неверојатно духовно четиво. Ова четиво е полно со корисни податоци, но и со скапоцени преносни анализи и заклучоци, кои можат да се согледаат, осознаат и сфатат единствено со окото на очистениот дух. Само светителот ја гледа и правилно ја препознава божествената светлина. Оваа способност не може ниту да се научи ниту да се стекне во некое световно училиште или универзитет. Дедо Гаврил нејзе ја усвојувал, пазел и надоградувал во најголемата духовна школа на православието. Неговиот расказ е едно мало сведоштво и сеќавање на од него пројдениот пат. Затоа, за нас таа претставува повеќе од вредна поука во нашите лични напори во духовниот живот. Среќен е секој човек што барем за момент имал можност да се сретне со овој свет човек. Бескрајно сум Му благодарен на Бога што и мене ме удостои со оваа единствена и неповторлива привилегија. Неговите тогашни зборови се всушност пресликани во редовите на овие реченици. Тогаш многу работи и нешта искажани од неговата уста ми беа туѓи и несфатливи. Не мислам ни дека сега целосно сум ја разбрал неговата света поука и порака. Знам само дека сите ние, како огромна радост и утеха ги имаме неговите пишани и непишани дела, на кои, како негови духовни чеда, постојано и постојано се навраќаме. Всушност, тоа е и главната цел на реизданието на оваа посебна книга. Сигурен сум дека мнозина, преку зборовите на овој голем и авторитетен современ македонски светител, ќе го познаат Бога и Неговото дело. Ова веројатно била и намерата на Светиот Епископ Велички Гаврил кога седнал да ја составува оваа монографија. Неговите зборови останале тивки и ненаметливи и до ден-денеска, исто онака какви што се и делата на храбрите богомолци кои живееле и сè уште живеат во овој сеправославен собирен центар на човековата духовна преобразба. Оттаму во циклични кругови се шири и распространува спасоносната духовна храна насекаде во православниот свет. Таму е добредојден секој, таму живее Онаа што Бога го родила, таа секого како мајка и добра домаќинка го пречекува во своите пазуви. Под нејзиното раководство и светогорскиот жител и патникот-намерник го наоѓа и изодува патот до Царството Небесно. Овде, всушност завршува секоја потрага.

Искрено Му посакувам на македонскиот читател пријатно патување низ светите предели на Света Гора Атонска. Негов водич, притоа, ќе биде Светиот Старец Гаврил, он ќе оди пред него напред, он ќе го придржува и пази од секое сопнување, од секој сомнеж, од секоја неволја и неизвесност. Нема поголема среќа и радост од тоа свет човек да биде твој сопатник, соговорник и учител. Затоа, на сите оние што намерно или случајно ќе допрат до оваа книга, им посакувам пријатно патување!   

На крајот би сакал да изразам голема благодарност кон м-р Билјана Петковска, која преку огромен личен труд и посветеност особено придонесе да се обликува и изготви новата редакција на оваа многу значајна, неповторлива и капитална книга.

 

 

Митрополит Повардарски

Агатангел (Станковски)

 
Следно >