Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Пристигна чудотворната икона на Пресвета Богородица
Пристигна чудотворната икона на Пресвета Богородица
15.05.2024.

 

Sample Image

 

ФОТОГАЛЕРИЈА

Вчерашниот ден (14.05.2024) беше ден за радост во неготинското село Тимјаник, радост и благослов за тиквешкиот регион, за Повардарската епархија, како и за целата Македонска православна црква – Охридска архиепископија. На иницијатива на наши браќа во Христа Спасителот, од селото Тимјаник, пристигна чудотворната икона на Мајката Божја – Скоропослушничка од манастирот Дохијар на Света Гора во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во селото Тимјаник. Иконата ја донесоа протоереј-ставрофор Василиј Фотис од градот Солун заедно со г-дин Димитриј Перпецис, исто така од Солун. Чудотворната икона на Мајката Божја беше пречекана од илјадници верници од сите краеви на Македонија, како и од целото свештенство на Повардарска епархија, кои, со Литија ја придружуваа до црквата, каде таа беше пречекана од Митрополитот Агатангел.

По пристигнувањето на иконата во црквата, најнапред г-дин Димитриј го изрази своето задоволство и радост од овој свет чин, а потоа го даруваше Митрополитот Агатангел со икона од Мајката Божја. Митрополитот Агатангел, пак, во своето обраќање кон сите присутни рече дека донесувањето на оваа икона во црквата во Тимјаник е голема радост и благослов за сите верни души од овој крај, како и за сите во Повардарската епархија. Тој ги повика сите присутни, како и оние што отсуствуваа, да дојдат и да се поклонат пред чудотворната икона на Пресвета Богородица и притоа со целото свое срце да го принесат своето покајание и да испросат благослов за свое и за здравје на своите најблиски, како и за мир и благосостојба во нашата татковина Македонија.

По Митрополитот Агатангел, и гостинот од Грчката православна црква го изрази своето воодушевување од срдечниот и велелепен пречек на чудотворната икона на Мајката Божја.

По поставувањето на иконата во централниот дел на црквата и палењето на нејзиното кандило, беше отслужена Вечерна богослужба, а потоа беше прочитан целиот Акатист на Пресвета Богородица. Откако заврши богослужбата, Митрополитот Агатангел подели мали икони на кои е претставена Мајката Божја – Скоропослушничка. Целиот овој настан помина во прекрасна молитвена и достоинствена атмосфера која уште еднаш ја покажа силната вера, љубов и надеж во Троединиот Бог, која македонскиот човек ја има во своето срце. 

 

 

 
< Претходно   Следно >