Икона на Мајката Божја наречена „Скоропослушничка“ |
9.05.2024. | |
Икона на Мајката Божја наречена „Скоропослушничка“
Таа древна чудотворна икона пребива на Света Гора Атон, во манастирот Дохиар. Манастирското предание смета дека иконата е насликана во X век за време на свети Нифонт настојател на обителта. Иконата се наоѓала на ѕидот пред братската трпезарија и сите поминувале покрај неа за да отидат во трпезаријата. Најчесто од таму поминувал трпезаријот. Во 1664 година монахот трпезариј Нил, поминувал ноќно време во трпезаријата со запален факел и слушнал од иконата на Богородица глас, кој го предупредил повеќе да не поминува од тука со запален факел и да не ја чади иконата. Монахот помислил, дека тоа е глас на некој од браќата и продолжил спокојно да минува покрај иконата со запален факел. Наеднаш тој ослепел. Утрото браќата го нашле како лежи пред иконата. Нил им раскажал на браќата и исплашените монаси со солзи паднале пред светата икона и запалиле пред неа незгасливо кандило. После тоа, новиот трпезариј секоја вечер кадел со темјан пред светата икона. Нил цврсто решил, дека нема да се тргне од иконата, сè додека не добие простување и исцеление; дење и ноќе се молел и плачел пред иконата и повикувал кон Богородица. И повторно тој слушнал чуден глас, кој го известил, дека му е простено и дека видот повторно ќе му се врати. Воедно му било кажано да ги извести браќата за тоа, и дека иконата отсега ќе се нарекува „Скоропослушничка“, зашто ќе пројавува брза милост кон сите кои ќе прибегнуваат кон неа и исполнување на молитвите. Во тој час Нил прогледал. Слухот за овој чуден настан се распространил по сите манастири на Атон и многу од монасите доаѓале да се поклонат пред светата икона на Богомајката. Браќата од тој манастир откако се помолиле, заедно решиле да го затворат преминот во трпезаријата, каде се наоѓа светата икона, а од другата страна на трпезаријата изградиле храм во име на Пресвета Богородица „Скоропослушничка“. Од тогаш почнале да избираат по еден монах, благоговеен и опитен старец (просмонариј), за постојано да пребива пред иконата и да извршува молебно пеење. Освен тоа, секоја вечер во вторник и четврток после вечерниот отпуст, сите отци и браќа оделе пред чудотворната икона, пееле молебен, а после молебниот сите се поклонувале пред светата икона. Пред чудотворната икона висат дваесет кандила од кои шест незгасливи, од кои – пожртвувани христијани, добивале исцеление; дури и елеј за кандилата се доставува секоја година од луѓе кои биле удостоени од Нејзината помош. Од таа икона се случувале многу чуда, така што невозможно е сите да се отишат. „На многу слепи Таа им подарила вид, на хроми одење, на раслабени зајакнување, многумина избавила од бродолом, затвореници ослободила и извршила безброј други чудеса, и денес ја дава својата чудодејна помош на сите православни христијани кои со вера, благоговение и скрушено срце прибегнуваат кон неа“. Во Русија секогаш се ползувале со голема љубов и почит копиите со чудотворната Атонска икона „Скоропослушничка“. Многу од нив се прославиле со чуда. Особено се забележуваат случаи на исцелување од епилепсија и бесомачност.
Тропар, глас 4
Кон Богородица да прибегнеме сите кои сме во беда, и кон светата икона Нејзина сега да припаднеме и со вера да повикаме од длабочината на душата: Дево, скоро слушни ги нашите молитви, зашто како што си се нарекла Скоропослушничка, ните Твоите раби Тебе Те имаме како брза Помошница во неволја.
Кондак, глас 8
Во морето житејско нишани, паѓаме под превирот на страстите и искушенијата. Подај ни Госпоѓо рака за помош, како што на Петар Твојот Син му подаде рака, и брзо од бедите избави не, за да Ти повикуваме: радувај се, Себлага Скоропослушнице.
Молитва прва
Преблагословена Владичице, Приснодево Богородице, Која за нашето спасение си Го родила бога Словото и преизобилно си ја примила Неговата благодат, Ти си море од Божествени дарови и непресушна река од чуда, која излева благост врз сите кои со вера прибегнуваат кон Тебе! Пред Твојот чудотворен лик коленоприклоно паѓаме и Те молиме Сештедра Мајко на Човекољубивиот Владика, зголеми ја пребогатата Своја милост врз нас и побрзај да ни ги исполниш молбите што ти ги принесуваме, Скоропослушнице, брзо исполни сè што е за наша полза, за утеха и спасение на секого. Посети ги, Преблага, Твоите раби со Твојата благодат, на болните дај им исцеление, на вознемирените мир, на затворените слобода, и утеши ги оние што страдаат од најразлични страдања. Избави го, Семилостива Госпоѓо, секој град и секоја земја од глад, помор, земјотрес, потоп, оган, меч и други времени и вечни казни и со Својата Мајчинска смелост отфрли го гневот Божји. Ослободи ги Твоите раби од душевна слабост, од напади на страсти и гревопад, та откако ќе поживееме во овој живот во секое благочестие, непречено да се удостоиме и во идниот век со вечните блага, по благодатта и човекољубието на твојот Син и Бог, на Кого Му прилега секаква слава, чест и поклонение со Беспочетниот Негов Отец и Пресветиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
Молитва втора
О Пресвета Дево, Мајко на Севишниот Бог, скоропослушна застапнице за сите кои со вера кон Тебе прибегнуваат! Погледни од височините на Твоето небесно величие кон мене, непотребниот, кој паѓам пред Твојата икона. Брзо слушни ја смирената молитва од мене грешниот и принеси ја пред Твојот Син; умоли Го да ја осветли мојата мрачна душа со светлината на Својата Божествена благодат и да го очисти мојот ум од суетни помисли, да го смири моето страдално срце и да се исцелат неговите рани, да ме вразуми за добри дела и да ме укрепи да Му служам со страв, да ми ги прости сите зли дела, да ме избави од вечните маки и да не ме лиши од Своето Небесно царство. О, Преблагословена Богородице! Ти си благословила во образот Свој да се нарекуваш Скоропослушничка, заповедувајќи им на сите кои прибегнуваат со вера. Затоа не ме презирај мене, оскрбениот, и не дозволувај да загинам во бездната на моите гревови. После Бога во Тебе е сета моја надеж за спасение, и на Твојот покров и застапништво се доверувам себеси во веки. Амин.
|
< Претходно | Следно > |
---|