Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Историја на Македонската Православна Црква arrow Црковно-национал. борби против Цариград. патријаршија
Црковно-национал. борби против Цариград. патријаршија
20.03.2008.
Црковно-националните борби против Цариградската патријаршија


Веста за неканонското укинување на Охридската архиепископија и лукавото потчинување на македонските епархии под јурисдикцијата на Цариградската патријаршија, со огорченост и негодување била примена од македонскиот народ. Уште од самиот почеток македонскиот народ континуирано ги чувствувал духовните стеги и неправди на грчките владици. Споменот за својата славна Охридска архиепископија, како своја родна Мајка Црква, не избледнеал со текот на времето, туку напротив идејата за возобновување на Охридската архиепископија постојано тлеелa во македонските срца.
Согледувајќи го реалниот отпор против неа, Цариградската патријаршија постојано ги засилувала притисоците и забраните против сите македонски појави. Особен отпор патријаршијата пружила против барањето на граѓанството во црквите и училиштата да се воведе македонскиот јазик.
Во шеесетите години на XIX век дошло до силно сенародно движење во сите македонски градови за отфрлување на јурисдикцијата на Цариградската патријаршија. Меѓутоа, се постигнал само половичен успех. Големо мнозинство од македонскиот народ ја отфрлил јурисдикцијата на Цариградската патријашија, но поради спротиставувањето на турската власт, која била алармирана токму од патријаршијата, не се успеало да биде обновена Охридската архиепископија. Силното бугарско граѓанство во Цариград успеало на своја страна да ја придобие Високата порта и во 1870 година да формира Бугарска црква, позната како Егзархија.
Македонскиот народ, принуден да избира меѓу Цариградската патријаршија и Бугарската егзархија, ја избрал јурисдикцијата на Бугарската Црква, која по јазик и култура била поблиска на неговите интереси. Еден дел од македонското население останал и натаму под духовна управа на Цариградската патријаршија, а некои црковно-училишни општини во јужниот дел на Македонија прибегнале кон Римокатоличката црква и преку унија со неа настојувале да организираат своја самостојна Македонска црква. На тој начин дошло до црковна поделба на македонскиот народ, која ќе има големо влијание низ нашата национална афирмација, зашто зад секоја одделна црква стоела туѓинска национална и асимилаторска програма, која имала за цел да го однароди и претопи македонскиот народ. Врз навидум црковна основа подолго време ќе дејствуваат перфидно националните и асимилаторските пропаганди на великогрците, на великобугарите и на великосрбите. Но различното определување кон една од црковните заедници, кои биле признати во турската империја, не го одвлекло вниманието на македонскиот народ од идејата за обновување на Охридската архиепископија, како своја народна Македонска православна црква. Често се сретнуваат условни движења во оваа смисла, во која, покрај борбата за македонски јазик, се водела борба и за Македонска православна црква, поточно за обновување на древната и славна автокефална Охридска архиепископија.
Познато е дека повеќе македонски црковно-училишни општини во 1873 година се обиделе да ја обноват Охридската архиепископија. Исто така, познато е дека осум црковно-училишни општини, по Берлинскиот конгрес, побарале благослов од римскиот папа за обнова на Архиепископијата. Слична акција постоела и во 1885 година. Сепак најзабележителен е обидот на скопскиот митрополит Теодосиј Голаганов за обнова на Охридската архиепископија во периодот од 1890 до 1892 година.


 
< Претходно   Следно >