Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате:
Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Гаврил
9.08.2004.

                                                Симбол на новото време

                                 

 


Човекот е создаден како акт на љубовта Божја, тој е врв на сите Негови созданија и нему, во посед, му е дарувана целата вселена, сиот космос, за грижејќи се, преобразувајќи и облагородувајќи ја, истата да му ја принесува на Бога како љубовен дар, откинат од своето смирено срце. Според тоа човекот може да се набљудува како свештеник и сотрудник Божји, кој преку делата на своите раце, прегрнувајќи го целиот свет, заедно со него, ќе чекори на патот кон Царството небесно.


 

Во Светото Писмо се вели дека човекот е створен според образот Божји, што самото по себе значи дека човекот во себе ги содржи основните Божји својства, одлики и карактеристики како што се љубовта, добрината, правдољубивоста и можноста за создавање (креативноста). Човековиот грев не може поинаку да се протолкува освен како застранување, напуштање и погазување на горенаведените својства. Токму заради тоа, светите оци и учители на Црквата, гревот го окарактеризираат како клучно промашување, обезобразување и обезличување на нашето битие и на нашата личност. Со еден збор човекот, налик на Бога, е создаден за да креира добри дела, кои ќе бидат корисни за општото добро.

Не постои човек кој нема свои посебни дарови и кој преку блажената и света заедница со Бога и ближниот, токму своите таланти ќе треба да ги умножува и да ги претвора во лична, сечовечка и општествена полезност. Понекогаш, седобрата промисла Божја некому му определила преку големи жртви и во големи напори да сведочи за вистината и за навек, со примерот на својот живот, да им биде основна поука на идните генерации. Понекогаш, пак, е доволна само една воздишка, само еден искрен збор на срдечно покајание за да се посведочи огромната љубов и неизмерното снисходење на благиот Бог. Секој човек има своја сопствена историја, во која цврсто е удрен печатот на Севишниот и која е исполнета со големи Божји дела. За малиот и реално кажано ограничен ум на човекот, промислата Божја е тешко сфатлива. Таа, обично во сета нејзина полнота, возвишеност, мудрост и убавина се појавува и се согледува дури подоцна, кога ќе изменат повеќе години, кога ќе пројдат повеќе столетија, па дури и кога од историската сцена ќе си заминат цели едни генерации и епохи. Наше заедничко човечко “проклетство” е не секогаш правилно да ги вреднуваме даренијата и изобилствата, кои, многупати, за време на нашиот живот, ни се давани од милостивиот Бог. Нивната вредност обично избива на површина дури тогаш кога ќе се случи да ги загубиме од дофатот на своите раце. “Чудни се патиштата Божји” - се вели во Библијата, но чуден е и човековиот живот кој покажал спремност да чекори по Божјиот пат. Потребен е огромен напор на духот и голема лична непристрасност за правилно да се анализира нечиј живот.

 

Пишувајќи ги овие редови, во кои се трудам да ја пресликам личноста на покојниот архиепископ на Македонската православна црква - дедо Гарил, се трудам со сите сили благоговејно и простум да застанам пред неговите величенствени дела, кои со прочистен ум и смирено срце, кога ќе се согледаат од денешна дистанца, не може во нашите битија да не предизвикаат восхит, поклон и молитвена благодарност. Имам впечаток дека ако некој сака вистински да му пристапи на овој наш родокраен македонски великан би требало комплетно да се смири, да се облече во кротост, па дури потоа да слови за неговите дела и достигнувања.

 

Дедо Гаврил се родил во еден тежок и пресвртен период за македонскиот народ. Неговиот живот, од денешна гледна точка, можеме да го срочиме во три клучни етапи, каде во секоја од нив посебно се вградувал овој кроток и работлив човек и во кои преку огромен труд и самиот се осознавал како личност, несебично ни дарувал добри плодови, неуморно и самопрегорно работејќи на нивата Господова.

 

Во првата клучна етапа од своето благочестиво житие, архиепископот г.г. Гаврил го комплетирал своето образование и добриот Бог, најпрво, му определил да биде свештеник меѓу православниот македонски народ во градот Велес. Во таа тешка епоха исполнета со разни сурови локални и глобални војни, по промисла Божја му била доделена сиромашна парохија и тој овде, одблизу и од прва рака, се здобил со непроценлива шанса најпрво внатрешно да ги запознае отчукувањата на срцето на обичниот човек и одблизу да ги согледа неговите суштински и стварни потреби. Во тие години, во време на големи оскудици, предизвикани од војната на глобално ниво, но и од локалните политички и државни превирања, дедо Гаврил ќе створи една реална слика за карактерот и духовниот стадиум на Македонецот. Неговиот понатамошен развој во голема мера ќе биде определен од овие немирни и непредвидливи времиња. Овој период, слободно можеме да кажеме, ќе биде основниот бекграунд на дедо Гаврил во неговото понатамошното општествено дејствување. Младиот свештеник Ѓорѓи Милошев ќе добие јасна претстава дека за духовно и интелектуално самопознание и воздигнување на македонскиот народ најпрво е потребно калење во областа на образованието, кое во основа, подразбира лично, национално и црковно вкоренување и насадување на добра плодна почва. Веднаш по ослободувањето отец Ѓорѓи ќе биде еден од првите професори во Велешката гимназија. Во овој кус период на учителствување, од колегите наставници ќе биде запамтен како секогаш сериозена и срочена личност, целосно предадена на својата служба, а од страна, пак, на учениците ќе биде карактеризиран како строг, но во исто време и правичен наставник. Тогаш, во тој период, учествува и како делегат на првиот Црковно-народен собор во Скопје на кој е донесена историската одлука за возобновување на Охридската архиепископија и за создавање на самостојна Македонска православна црква. Тогаш полека почнува да се создава и да се развива и црковно-просветната дејност во чие создавање отец Ѓорѓи Милошев ќе земе активно учество. Како плод на оваа дејност, тогаш за првпат, за богослужбени потреби, се преведени и се издадени на македонски јазик Евангелијата и Апостолот, а отец Ѓорѓи ги прави првите чекори во големиот капитален проект кој значи целосен превод на Библијата на современ македонски јазик.

 

Како високообразован човек, а со оглед на општестевно-политичките прилики во земјата, нема да биде претерано ако кажеме дека, бидува принуден, со голема тежина во душата (а, впрочем, тоа се и негови зборови), на неодредено време да престане активно да се бави со свештеничката дејност и целосно да ì се посвети на просветата, како што тоа претходно го направиле и други високообразовани свештеници. Со ова, својот зародиш го добива втората клучна етапа од неговиот живот. Започнува еден нов период од околу триесетина години посветени на науката - поточно на учебникарството, на литературата и на усовршување и стандардизирање на македонскиот литературен јазик. Оваа научна дејност започнува да се гради од ништо, практично од нула, и на дедо Гаврил му е определено да ја понесе на своите плешки една од најодговорните задачи на културно-просветен план, а тоа е создавањето на првите учебници за новото време. Дедо Гаврил,  носејќи го неизвалкан ликот Христов во своето срце и со голема љубов кон својот народ, достојно и повеќе од успешно ќе го понесе овој благ јарем и ова блажено бреме. Неговата самопрегорна работа бележи огромни достигнувања на овој план. Во овој период се создаваат и издаваат од печат, за потребите на учениците, бројни учебници, прирачници, речници, лектири итн... Посебно за истакнување е неговиот научен пристап кон делата на Кочо Рацин и Војдан Чернодрински. Тој е еден од првите истражувачи од македонскиот научен свет кој се појавил со написи и анализи за опусот на поетот Кочо Рацин, кои подоцна, сосема нормално, послужиле како добра подлога за подоцнежните истражувања на останатите македонски автори, но и како одскочна даска за безброј трудови посветени на нашиот најголем литературен деец. Милостив и величенствен е нашиот Бог, Кој во секоја прилика, во секое историско време, покажува огромна љубов и бескрајна татковска грижа кон своите верни македонски чеда. И покрај отвореното и нескриено богоборство на официјалните власти во тогашната комунистичка Македонија, на еден тивок начин, по скапоцената Божја промисла за спасението на македонскиот род, токму образованието и воспитанието, односно нивното создавање, канализирање и примена е доделена во чување и организирање на богоподобни личности како што е дедо Гаврил, кои се разбира ја продолжиле македонската научна и културна преродба од 19 век и ја облагородиле, усогласиле и прилагодиле на новите времиња и актуелните потреби на македонскиот народ. Преродбата од 19 век, од пастирски и родољубиви причини, ја спровеле во дело црковните луѓе, а истото тоа подоцна го направиле и ја збогатиле со нови содржини исто така христољубиви и човекољубиви личности од типот на архиепископот Гаврил. Затоа сосема ќе бидеме во право ако дедо Гаврил го вброиме во редот на нашите најголеми македонски преродбеници.

 

Овој кроток и смирен човек, без никаква лична помпезност и високоумие, откако ќе остави траен печат во историскиот развој на македонската цивилизација, по триесетгодишна плодотворна дејност, тивко ќе се повлече во пензија. И како што вели Господ Исус Христос “светило на врв планина не може да се сокрие”, така ќе биде повикан од Него блажениот дедо Гаврил, но овој пат, прекален, искусен и умудрен, да го земе во своите раце епископскиот жезал и со благодатниот дар на Светиот Дух да го раководи Христовото стадо - благочестивиот македонски народ, кој заедно со епископството му е даруван и даден на чување. Со ова почнува третата етапа од неговиот живот, која поврзана со Црквата и црковното дејствување е неговиот најплоден творечки период. Нему, повторно по Божја промисла ќе му биде дадена на раководење Повардарската епархија, во која, претходно како свештеник, постави цврст темел на својата свештеничка личност. Оваа епархија секако дека нему му беше најблиска бидејќи веќе од порано ги беше запознал маките, сиромаштијата и страдањата на македонскиот православен народ под ужасниот окупаторски деспотизам. Овде, на ова исто место, беше дочекана слободата и со радосен ентузијазам беа започнати и остварени големи и неизбришливи општокорисни дела, кои трајно и нетлено опстојуваа во сеќавањето македонските срца.

 

Седнувајќи на тронот на повардарските епископи Митрополитот Гаврил веднаш енергично ќе се соочи со сите потешкотии и проблеми како што се недостигот на свештеници, поправка на руинирани свети места и изградба на нови македонски православни светилишта. Во текот на оваа декада, како владика во древната Повардарската митрополија, дедо Гаврил ја стабилизираше епархијата на духовен и материјален план и подоцна, кога ја остави епархијата, зашто беше избран за поглавар на Македонската православна црква, таа веќе можеше самата да опстојува, зашто веќе беа трасирани основните постулати на црковното живеење.

 

Митрополитот Гаврил е клучната и најзначајната личност за формирањето на Православниот богословски факултет во Скопје, зашто тој своето стапување во високата црковна ерархија го беше условил со формирање на високошколска институција, во рамките на Македонската православна црква. Откако неговиот предлог беше усвоен тој стана првиот декан на Богословскиот факултет. Логиката на дедо Гаврил беше едноставна и јасна: не може некоја Црква да граби кон автокефалност доколку нема своја високообразовна институција во која, идните кадри на МПЦ ќе добиваат квалитетна академска наобразба. Колку бил значаен и круцијален овој проект за развојот и преуспевањето на МПЦ сосема добро се гледа од денешен аспект. Низ школските клупи на оваа институција поминаа повеќе идни епископи на МПЦ, бројни свештеници и вероучители. Значењето на оваа идеја на дедо Гаврил, спроведена во дело, од културен, образовен и духовен аспект е големо колку и формирањето на првиот универзитет на Балканот, оној во Охрид, создаден и организиран од свети Климент - првиот епископ Словенски, чие име го носи оваа современа високобразовна установа во Македонија, и чии начела и критериуми се труди, исто така, да ги продолжи и преточи во срцата на младите Македонци.

 

По трагичната смрт на архиепископот г.г. Ангелариј, во катедралниот храм “Света Софија” во Охрид е устоличен г.г. Гаврил како нов поглавар на Македонската православна црква. Сега во својство на архиепископ, дедо Гаврил самопрегорно работи на нивата Господова, оставајќи позади себе бројни благочестиви традиции и исклучително големи и возвишени дела. Архиепископот Гаврил е првиот црковен великодостојник кој после четири децении на политички стеги и неслободи, преку јавните медиуми на македонските православни верници им ги честиташе Божиќните празници. Исто така, за првпат по четириесетина години, пред десетици илјади скопјани го поврати древниот обичај на празникот Водици, во реката Вардар, да се фрла Богојавленскиот крст. По повод големиот национален празник Илинден за првпат почна традицијата редовно да испраќа Соборна Синодска посланица до верниците, во која исто така за првпат новото време дедо Гаврил го нарече “време на третиот илинден” - симболична максима која е веќе одомаќинета и вообичаена во македонскиот вокабулар кога се спомнува осамостојувањето на македонската држава. Архиепископот Гаврил активно учествуваше во доизградбата на Соборниот храм, давајќи нови архитектонски идеи за камбанаријата и за самата црква, со цел таа добие што е можно поавтентично православен изглед. На 12 август 1990 г., во сослужение на сите членови на Светиот Синод на МПЦ, бројното свештенство и пред многубројниот македонски народ, свечено беше осветен Светиклиментовиот Соборен храм на МПЦ, кој слободно можеме да кажеме претставува вечно светилиште на македонскиот народ, симбол на неговото национално и духовно единство.

 

Набргу по овој настан кој се разбира е од непроценливо историско, културно и духовно значење за македонскиот народ и за Македонската православна црква, архиепископот Гаврил заминува во печатницата на “Љубљанско дело” за да стави потпис на последната супервизија на преводот на Библијата на современ македонски јазик. На промоцијата на македонската Библија г.г. Гаврил ќе истакне дека овој историски чин нема само религиско значење, туку во исто време има и општествено значење, па затоа е толкава неговата големина. Врз овој труд од непроценливо значење за Македонците дедо Гаврил ќе работи околу педесетина години, повеќе пати прегледувајќи го сопствениот превод, трудејќи се во него да нема странски зборови, туку да биде присутен само македонскиот стил и јазик. Преводот на Библијата е круната на творечкиот опус на овој исклучително надарен човек, кому Бог му благословил да го оствари замисленото пред да замине во вечното Небесно царство и да ја подготви Македонската православна црква да го дочека новиот милениум, за спремно да одговори на предизвиците и искушенијата на времето во новата епоха. Со ова завршува неговата последна животна етапа и настапува етапата на незалезното време, во “Вечниот небесен град”, каде под покровот на Божјата мајка и во прегратките на Отецот и Синот и Светиот Дух, продолжува да принесува прозби за народот кому буквално до последниот земен здив се трудеше да му угоди, да го просвети и спаси, преку смиреното исполнување на законот на љубовта и во чие име се трудеше да ги умножи од Господа даруваните таланти.

 

Стоејќи со зголемена внимателност, почит и благодарност пред величенствените дела на блаженоупокоениот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Гаврил, ние денешните генерации Македонци ги упатуваме нашите молитви кон овој свет човек, барајќи да се застапува пред Бога за нас, за да ни биде даруван чист ум и смирено срце со кои достојно ќе се справиме со неволјите и во радост и љубов ќе го славиме светото Божјо име.

 

Кроток македонски архиепископе Гавриле, моли го Христа Бога за спасение на нашите души. Амин!

 

 

 

 

 

Митрополит Повардарски

 

†Агатангел (Станковски)

 

   

 

 

 

 

 

 

 
< Претходно   Следно >