Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Предговор на книгата „Света Ксенија Петроградска“
Предговор на книгата „Света Ксенија Петроградска“
10.04.2024.

 

Предговор

 Секој светител потекнува од одреден народ, но со неговото прославување меѓу светителите станува заеднички за сите христијани. И често пати, кога православните војуваат против себе, светителите се тие кои ги обединуваат, тие се најцврстата врска и мост помеѓу нив. Некои светителите се почитувани само локално, во нивниот град, или во земјата каде што се подвизувале и осветиле, но некои ги надминуваат сите граници и стануваат почитувани низ целиот свет.

Една таква светителка, чија слава и подвиг станаа универзални, и во чија чест има храмови на сите континенти, е светата Ксенија Петроградска, јуродива заради Христос. Родена е на почетокот од XVIII век, во Петроград, била во брак со офицерот Андреј Феодорович Петров, и биле почитуван пар во нивниот град. Но, ненадејно, Ксенија останува вдовица на 26-годишна возраст, и уште на погребот на нејзиниот сакан сопруг се облекла во неговата војничка облека, и на сите им велела дека Ксенија е умрена, а дека таа е всушност Андреј Петров. Оттогаш почнува нејзиниот подвиг на доброволна лудост - јуродство. Многумина сметале дека таа е пореметена поради смртта на сопругот, но после неколку години започнале да се остваруваат нејзините пророштва или симболични навестувања. Оваа несреќна околност, т.е. смртта на нејзиниот сопруг, таа ја претворила во голем подвиг и благослов. Пострадала многу, претрпела големи лишувања, и страдања, но, како што се вели во Црквата, „Голем крст – големо воскресение“, па така Бог ја дарувал со големи дарови, чудотворство и прозорливост, и за време на животот, а уште повеќе после нејзината преподобна смрт, па гласот за неа се проширил до краиштата на вселената и затоа денес не постои православен христијанин кој не слушнал за оваа новопрославена светителка. Бројни сведоштва постојат за нејзината чудесна помош и избавување, кога била изгубена секоја надеж. Во оваа книга се објавени само еден мал дел од нејзините чудесни интервенции кај луѓето кои со побожност ја повикувале нејзината помош и заштита.

Книгата која ја имате пред вас го содржи нејзиното житие, современите чуда, како и молебниот канон и акатистот во нејзина чест. Да научиме да ги почитуваме светителите, но пред сѐ да го следиме нивниот пример, да го поправаме својот живот, да Му дозволиме на Господ да биде присутен во нашето секојдневие, па дури тогаш да бараме помош од нашите светители. Молебниот и акатистот кои ги има во книгата се за општа употреба, т.е. секој може да ги чита во својот дом, но исто така може и во црква да побараме да ни биде прочитан Молебниот канон, доколку се работи за некоја голема потреба. Нејзините молитви и благослови да бидат со сите оние кои го следат нејзиниот пример и кои ја повикуваат на помош. Амин.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

 
 
< Претходно   Следно >