Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Предговор на книгата „Пат на небо“
Предговор на книгата „Пат на небо“
10.04.2024.

Предговор

Романското православие води потекло уште од апостолско време, имено, апостолите Андреј и Филип се сметаат за покрстители на Романија, но тоа не одело масовно, туку постепено. Воедно, Романците се единствениот латински народ кој примил православие и останал верен на православното предание. Митрополитот Калистос Вер вели дека Романија е единствена земја во светот каде што има најголем призив кон монашки живот, па така, и во големите градови може да најдете манастири со бројни братства и сестринства. Бројот во некои манастири достигнува и до неколку стотини, како што било некогаш и во македонските славни манастири, чии што древни трпезарии собираат 100-200 монаси.

После Втората светска војна, со доаѓањето на комунистите на власт, први на удар биле монасите и монахињите. Биле прогласени за паразити, кои ништо не придонесуваат за државата, и затоа биле протерувани од манастирите и враќани во нивните домови, биле принудувани на брак, а дел од нив, кои биле похрабри и поиздржливи заминале во планините, каде што живееле многу години како вистински пустиножители за кои сме читале во книгите. Многумина од монаштвото и клирот биле убивани, голем дел биле испраќани во ужасните логори на превоспитување, некои попуштиле и се откажале, некои се збудалеле од болка, а некои ги преживеале сите тие тортури, и на крајот како чисти дијаманти заблескаа во Романија и по добивањето на слобода ја воскреснаа верата и манастирите во цела земја.

Еден од тие подвижници, богослови, велики духовници и исповедници на верата е и преподобниот отец Клеопа Илие. Роден е на 12 април 1912 година во селото Ботошани и при крштевањето го добил името Константин. Неговите длабоко побожни родители имале десет деца од кои пет станале монаси. Во 1929 година стапил во скитот Сихастрија и бил поставен на послушание да ги пасе манастирските овци, што го извршувал со многу радост. Во тој период се посветил на молитви и многу читање, па така, по десетина години бил поставен за заменик игумен, а во 1944 бил избран и поставен за игумен. Во 1949 заедно со уште 30 монаси бил испратен да го возобнови манастирот Слатина – Сучеава, и за брзо време овој манастир станува најдобро организиран во цела Романија. Во 1956 година конечно се враќа во првата љубов – манастирот Сихастрија. Во истата година државата спровела прогон на 4000 млади монаси и монахињи, и тој морал да замине во молдавските планини. Во 1964 политиката кон Црквата омекнала, па тој се вратил конечно во манастирот, каде што се зафатил со негово духовно и материјално обновување. Цели 34 години помина како духовник на манастирот и многу негови духовни чеда станале монаси и монахињи, клирици, а од него е замонашен и актуелниот патријарх Даниел. Во неговиот манастир, освен старецот Клеопа, заблескале многу светилници, кои ни го покажуваат патот кон Бога во овој мрачен век, како што се отците Јоаникиј Морој, Пајсиј Олару, Јоаникиј Балан којшто е и автор на ова скапоцено дело, како и многу други свети ликови. Се упокоил преподобно на 2.12.1998 година.  

Книгата која ја имате пред себе е оживување на ликот и поуките на старец Клеопа, и од неа можеме многу да научиме за возвишениот живот на романското монаштво, на романскиот побожен народ. Голема духовна полза имаме од издавањето на оваа книга, се разбира пред сѐ духовна, но исто така, оваа книга стана духовен мост кој ја поврза нашата Повардарска епархија со братството на овој Свештен Манастир, особено со неговиот старец, архимандритот Арсениј Попа, со чиј благослов ја објавуваме оваа книга.

Молитвите и благословот на овој свет духовник од дваесеттиот век да бидат со сите нас, кои ја читаме оваа книга и се раководиме од медоносните поуки на преподобниот Клеопа. Амин.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

 

 

 
< Претходно   Следно >