Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Ново издание на „Св. Ѓорѓи Полошки“
Ново издание на „Св. Ѓорѓи Полошки“
28.11.2023.

 

Sample Image

 

Возљубени,

со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, издавачката дејност на Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ го збогати својот книжевен фонд со издавањето на уште едно прекрасно четиво. Станува збор за книгата „Свети Герасим Кефалониски, изгонител на демоните“, која го содржи житието, чудесата и Акатистот на овој кефалониски светител.

Книгата од романски јазик ја преведе протоереј д-р Оливер Ивановски, а ќе можете да ја нарачате во издаваштвото на Повардарската епархија на тел 043/221-231, на фб страната или преку е-пошта на Оваа адреса на е-пошта е зашититена од спем-ботови, потребно е да го вклучите Javascript-от за да ја погледнете , а ќе се продава по цена од 200 денари.

Во прилог можете да го прочитате предговорот на оваа книга.

Предговор на книгата „Свети Герасим Кефалониски“

Островот Кефалонија се наоѓа во Јонското море, на западната страна од Грција, и освен како место за одмори, познат е по чудото со богородичните змии, кои доаѓаат за празникот Успение на Пресвета Богородица, имаат крстови на челото и никого не каснуваат. Втор препознатлив белег за островот е светиот Герасим Кефалониски, наречен нов подвижник, за да се разликува од светиот Герасим Јордански. Кефалонискиот светител и закрилник на островот познат е насекаде по неговата сила да истерува демони, како додека бил жив, така и по неговото преселување во небесното царство, каде што продолжува уште поусрдно да се моли и застапува за сите кои со вера и побожност му се обраќаат и го почитуваат.

Роден е во Трикала, во 1505 година, од позната аристократска лоза, и имал привилегија да стекне високо образование кај најдобрите учители уште во тоа време. Но, кариерата и раскошниот живот не го привлекле овој млад човек, туку неговата душа копнеела по Бога, копнеела за средба со Бог и со неговите преподобни подвижници. Па така, неговиот копнеж го води кон Света Гора, каде што ќе се запознае со светогорските свети монаси и нивниот начин на живот, па потоа ќе замине во Светата Земја, па на крај ќе заврши на Кефалонија, каде што ќе го обнови запустениот манастир, и со неговото доаѓање овој манастир ќе стане пустинска оаза од чии чисти извори на жива вода, ќе се напојуваат душите на сите жедни за Бога и за духовен живот. Па така, околу него ќе се соберат монахињи и овој манастир ќе стане женски манастир. Камениот под во пештерата, храмот и неговата ќелија се неми сведоци на неговите молитви на колена, на неговите покајнички метании; ѕидовите се неми сведоци за многубројните солзни молитви за спасение на сиот народ, за враќање на заблудените и отпаднатите, за демонизираните, и овие капки солзи, ќе ја натопат сувата земја во Кефалонија, и наскоро ќе изникнат и ќе дадат стократен плод – безброј луѓе секојдневно ќе доаѓаат во неговиот манастир, барајќи да се исповедаат кај него, совет од него, молитва за исцеление или за ослободување од власта на демоните. И светителот, кој секојдневно се борел со своите страсти, кои си ја газел гордоста и суетата, бил од Бога даруван со голема благодат, според зборовите „Бог се противи на гордите, а на смирените им дава благодат“, па станал втор Мојсеј за сиот народ, па многумина се вратиле и преобратиле во верата, благодарение на неговите молитви и личен пример.

Оваа мала книга ја издаваме во негова чест, за да го читаме неговото житие, да ги бараме неговите молитви, но уште повеќе за да го следиме неговиот пример, па доколку имаме призив од Бога, да зачекориме во монашкиот живот, имајќи го за духовен ориентир токму светиот Герасим. Времето во кое живееме се карактеризира со празни цркви и манастири, но полни обложувалници, казина и психијатриски установи. Да го следевме патот на светителите уште од најрана возраст, сигурно дека не ќе имаше толку многу психички болни луѓе. Но, ниту сите ќе станат монаси, ниту сите ќе стапат во брак. Бог да ни ги просветли мислите, да ни даде правилно расудување, па по молитвите на светиот Герасим Кефалониски да нѐ води кон патот на спасението, да го живееме рајот уште отсега, па во вечните векови. Амин.

Митрополит Повардарски

Г. Агатангел

 

 
< Претходно   Следно >