26/13 Ноември, + Св. Јован Златоуст 25-та седмица по Педесетница, Митрополит Агатангел – 25 години Архипастирска Мисија Високопреосветен Владико, чесни отци, драги браќа и сестри во Христа Воскреснатиот! „Јас сум вратата. Кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси, ќе влезе и ќе излезе и пасиште ќе најде.“ (Јн.10,9); „Јас сум добриот пастир. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците.“( Јн 10.11). Оваа парабола, драги браќа и сестри, ја кажал нашиот Господ Исус Христос пред луѓето кои Го следеле и слушале, и таа носи повеќе пораки во себе, и поучни и предвестителни. Со овие зборови Христос го разобличува тогашниот однос на световните и духовните водачи и пастири на израелскиот народ. Однос полн со лицемерие, алчност и бесчувствителност, и ги предвестува Своите страдања преку кои доброволно ќе се принесе и жртвува за да го спаси човечкиот род од ропството на смртта, кога како добар Пастир ќе го положи животот Свој за своето словесно стадо. Христос алегориски ја симплифицирал и упростил својата проповед и народот го споредил со кротките стада кои биле чувани од тогашните пастири. И во тоа време, стадата биле згрижувани во трла за да бидат заштитени од напади на дивите животни, а пастирите стражареле пред тие трла за да ги заштитат своите овци од крвлочните волци кои безмилосно би ги растргнале за да ги наполнат своите незаситни стомаци. Меѓу пастирите имало такви кои бескомпромисно ги бранеле своите стада подготвени да го жртвуваат дури и својот живот, но имало и такви кои кукавички ги напуштале стадата кога биле најзагрозени и во животна опасност, и со тоа го покажувале своето вистинско наемничко лице, кое сведочи дека тука не се заради стадото, туку заради наемнината. Христос за себе вели „Јас сум добриот пастир, добриот пастир си ја полага душата своја за овците свои.“ (Јн. 10,11). Христос е пастир на словесното стадо, Пастир и Владика на секоја човечка душа која ќе се обрне кон Него (1 Петр. 2,25), Он ги знае овците свои (Јн 10, 11. Јн 10, 15), ги вика по име (Јн. 10, 3), Ги собира и ги води ( Ис. 40, 11. Јн 10,4), ги пасе ( Јн 10,9) и ги носи на градите свои ( Ис. 40 11), Ја полага за нив душата своја ( Јн. 10,11, 15) и им дава живот вечен (Јн 10, 28). И овците го знаат својот Пастир, го слушаат Неговиот глас и одат по Него ( Јн. 10. 14, 27). Ова Христово пастирствување, драги браќа и сестри, никогаш не престанува, Он е големиот божествен Пастир и Пастироначалник Кој останува единствен урнек довека, и Кој покажа како се води грижа за секоја човечка душа. Он и денес го напасува Своето словесно стадо, го згрижува во новозаветните трла, во божјите храмови, ја собира Својата Црква, Народот Божји, и тука го расте, умножува и го храни со божествената храна на бесмртноста. Благодатно Го храни со Своето Вистинско и Божестено Тело и со Својата Вистинска Чесна Крв кога ни се дава преку Путирот на Светата Тајна Причест. Така ние со Него заедничариме и се соединуваме на Светата Божествена литургија, на Светата Евхаристија. За овој божествен дар на неизмерна божја љубов и милост, светиот апостол Петар ги потсетува и поучува црковните старешини кога им вели: „пасете го Божјото стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилено, туку драговолно и според Бога; не поради неправедна корист, туку од добро срце. И не како да управувате со народот, туку давајќи му пример на стадото. А кога ќе се јави Пастироначалникот, ќе добиете венец на слава што нема да свене“ (1 Петр. 2-4). Ние денес му благодариме на Бога што ни прати добар пастир во неповторливата личност на нашиот свет Владика, нашиот Митрополит Повардарски г. Агатангел. И само Бог знае до крај, за какви дела го праќа својот слуга кога го донесе помеѓу нас, за денес ние да бидеме сведоци за сѐ што тој направи и прави за нас, неговото од Бога му доверено паство. Вистински предизвик е макар само и да наброиме што сѐ направи и прави нашиот Митрополит, за својата света Македонска православна црква, за нашата најсвета Охридска архиепископија, за доверената му Повардарска епархија, за нас, неговите духовни чеда, за својот Македонски народ. Владико, дозволете ми најнапред од името на свештенството и од верниот народ на нашата епархија да ви ги честитам јубилеите 25 години архиереј на нашата света Македонска православна црква - Охридска архиепископија и 45 години свештенослужење пред престолот на Севишниот Бог. Вие, како свештеник неуморно се посветувате на своите парохијани и во татковината, но и во дијаспората, кај нашите иселеници кои живеат далеку од својата родина, по која и за која секојдневно воздивнуваат. Како архиереј, свој голем придонес и неизбришлива трага оставате најпрво како епископ во Скопската епархија, потоа во Брегалничката епархија и најмногу меѓу нас, во Повардарската епархија. Ревносно, чисто и искрено го проповедате Евангелието (2 Кор. 2.17), бдеете, се молите и се грижите за душите на верниците (Евр.13,17), полни со братска љубов кон нив (1Кор.16,24) и целосно предадени на својата служба на Бога (Дела Ап.20,24). Со својот личен пример сведочите и пред новите и идни генерации богослови кои се школуваат во Македонската Православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево, каде сте ректор полни 20 години. Силно се вложивте во заповедта која Христос им ја даде на своите апостоли велејќи „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“ (Мт.28,19) и почнавте да организирате групни крштевки за оние, кои од разни причини останале неослободени од првородниот грев и надвор од спасителниот кораб на Црквата. За оние, пак, кои не пристапиле кон светата тајна брак, преку групните венчавки им овозможивте да го примат од Бога благословот за брачен живот. Како неуморен хуманитарец и сострадалник за нашите најсиромашни браќа и сестри организиравте црковно-народни кујни, во кои секојдневно тие добиваа топол оброк, многумина и облека, а за некои тие беа и топол дом. Активно се трудите во издавачката дејност од првите денови на вашето епископствување. И во Скопската, и во Брегалничката, и особено во Повардарската епархија, каде преку издавачката дејност „Св. Ѓорѓи Полошки“ до денес се издадени мноштво пишани брошури со душеполезна содржина и преку сто наслови на дела со црковна тематика, преку кои го помагате духовното растење на нашите верници. Тромесечникот „Православна Светлина“ се издава непрекинато 17 години и исто толку, со ваш благослов, се уредува интернет страницата на Повардарската епархија, која е хроничар на сите настани во епархискиот живот и е место каде може да се прочитаат многу содржини од полза за верниците. Се покажавте како неуморен возобновител и градител на цркви, манастири, параклиси, крстилници, административни згради и објекти со прекрасно уредени дворови, храмови кои пленат со својата убавина, со својата градба, фрескоживопис и архитектура. Само во Велес реновиравте и доградивте содржини при постоечките храмови, а подигнавте и четири нови цркви меѓу кои е и овој велелепен храм посветен на светите браќа Кирил и Методиј, во кој сме денес на ова литургиско тајноводство, храм кој го одзема здивот со својот раскош и убавина на секој што влегува во него. Нашиот богољубив Македонски народ, во Вас Владико, препозна и горешт патриотизам, непоколеблив бранител и апологета на македонските црковни и национални интереси. Нашата света и библиска Македонија одново воскресна како самостојна држава пред 32 години и од првиот ден на својата самостојност книжи најмногу неправди и навреди, што од некои од нашите соседи, што од некои од нашите европски и белосветски „пријатели“ и „советници“. Но, Вие, непогрешливо го лоцирате нашиот најгорешт национален проблем, и сакајќи искрено да придонесете за негово решавање, да се стивнат кавгите и празните препирања ( 2 Тим. 2,16), во една прилика пред нашите иселеници кои живеат насекаде низ дијаспората ќе речете: цит: „Неединството, од каде произлегуваат сите наши предавства и неволји, е нашиот најголем непријател. Време е да се сплотиме како Македонски народ, да покажеме одлучност, храброст и висока национална свест. Само со таква наша поставеност ќе здобиеме почит и углед во светот и ќе ги одвратиме непријателите од нивната зла намера“. И денес македонската душа е жедна за правда, ама подгазена од притисоци не може до крај да крикне и врисне од болката што ѝ се нанесува и затоа, на сите нам, ни требаат водачи и пастири кои, освен од Бога, не се плашат од ништо друго и јасно го артикулираат сенародното чуство. Жезолот на Мојсеја удри во карпата и потече жива вода за да го напои народот Божји (2 Мој. 17.6), и вашиот Архипастирски жезол владико, со Божја помош, нека продолжи да удира во каменот на неправдите и апсурдот што тежи на плеќите на нашиот Македонски богољубив народ, па тој камен да распука и да се строши сосем, тоа го посакуваме, за да се зарадува и напои со правда и македонската напатена душа. Благодариме на Бога Владико што ве прати меѓу нас, и еве, не можеме, а да не спомнеме за што сѐ сте наш пример и учител, а има и уште многу да се каже, но не можеме сѐ одеднаш. Затоа, вашите најблиски соработници се и ваши хроничари и биографи. Пред некое време бевме сведоци на документарниот филм кој го прикажува накратко вашиот лик и дело како архиреј на нашата Света Македонска Православна црква – Охридската архиепископија, и кој филм не можеше да има поприроден и поприкладен наслов од тој што го имаше „Митрополит Агатангел – Печат на едно време“. Еве, овие денови, сведоци сме на уште едно епохално дело, илустрираната монографија „Митрополит Агатангел-25 години Архипастирска мисија“, во која на прекрасен и сликовит начин, гржливо и хронолошки се прави осврт на најглавните настани, зафати и постигнувања во вашиот четвртвековен архиерејски и архипастирски период. Убедени сме дека ова четиво ќе најде место и во нашите домашни библиотеки, но и место во нашите срца. Четиво кое ќе сведочи за едно време во кое меѓу нас живееше и неуморно работеше на нивата Господова еден архиереј на Македонската православна црква, Архипастир кој остави неизбришлива трага во нашата црковна и национална историја, Митрополитот Повардарски, нашиот дедо Агатангел. На многаја и благаја лета Високопреосветен Владико! протоереј Ристе Јанушев На 26. 11.2023 година Храм „Свети Кирил и Методиј“ Велес
|