Митрополит Агатангел - 25 години архипастирска мисија |
20.11.2023. | |
Историските прилики во кои суштествува еден народ, како нашиот, македонскиот народ, приликите во кои живее македонската држава, како и нашата македонска Црква во одреден временски период, се многу важни за опстојот и развојот на тој еден народ, и многу е важно тие да бидат прибележани во неговата колективна меморија, за да останат како еден витален дел од неговото битие, како темел на кој неговите идни генерации ќе ја градат и одржуваат таа етничка, духовна, социјална и културна целина. Токму затоа, пишаните документи, архивските материјали, видео и аудио записите од еден одреден временски период се обврска и должност на генерацијата која живеела под превезот на една нација во тој период, и која треба нив да ги остави во наследство на нејзините поколенија, на идните генерации од својата лоза, како камен темелник на кој тие ќе можат да ја одржуваат, да ја обноват или повторно да ја изградат својата нација, својата држава или својата црква. Овие записи ќе им бидат потсетник дека тие не се „дрво без корен“, туку дека се една нишка од една долго ткаена биолошка приказна, која ја граделе нивните татковци, мајки, баби, дедовци, прадедовци и нивните чукун претходници. И секоја една генерација има обврска тоа свое наследство да го сочува и безбедно да го предаде на своите поколенија. Такви пишани документи создадовме и ние, како генерација која битисува во Црквата на македонскиот народ во овој временски период. Преведовме, напишавме и отпечативме мноштво литература на нашиот прекрасен македонски јазик, која ќе ја оставиме како печат на нашата љубов кон македонската црква, македонската држава, македонскиот народ и македонскиот јазик. Тоа е нашето неотуѓиво право и света прадедовска обврска, да направиме сѐ што е во наша моќ, за да го сочуваме својот корен. А сето ова, сета оваа љубов, сета оваа желба, ние во Повардарската епархија, а верувам и кај поголемиот дел од Македонскиот народ, ја утврдивме и ја зацврстивме гледајќи ја и учејќи ја низ сите овие години, од зборовите и делата на нашиот архипастир, на нашиот митрополит Агатангел. Тој е човек, кој неуморно и непоколебливо, водејќи се по застапништвото на Господ Бог, веќе 25 години како архиереј на Македонската православна црква го негува заветот кој го даде при неговата хиротонија, да биде верен пастир на своjот македонски народ, да го поучува и да го насочува да ја љуби и чува својата вера и црква и да го љуби и штити својот македонски род.
Возљубени, Годинава се навршуваат 25 години од хиротонијата на Митрополитот Агатангел во Епископ на Македонската православна црква, Охридската архиепископија. Имајќи го предвид и неговото свештенослужителско дејствување пред хиротонијата, ќе се одбележат и 45 години од неговото ракополагање во чин во хиерархијата на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. За тоа, за каква архипастирска мисија станува збор ќе оставиме да зборуваат делата, а ние би сакале да Ве поканиме сите Вас, на 26 ноември (недела) во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес, на Света Божествена Литургија, заедно да го одбележиме и да го прославиме овој значаен јубилеј на нашиот архиереј, значаен јубилеј за нашата Повардарска епархија, како и значаен јубилеј за целата Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Литургијата ќе започне во 08.45 часот и ќе ни биде особена чест доколку со Вашето присуство го збогатите овој семакедонски црковен собор. Во оваа прилика, ќе се навратиме на почетокот на овој текст, односно сакаме да споделиме со Вас дека во низата пишани материјали, кои Повардарската епархија на чело со нејзиниот митрополит Агатангел ги создаде низ сите овие години, за оваа прилика ќе додадеме и уште едно капитално дело, а тоа е Монографијата – Митрополит Агатангел, 25 години архипастирска мисија. Во оваа Монографија се содржани сите аспекти од животот и духовната мисија на Митрополитот Агатангел, кои се значајни и бројни, и кои веруваме дека ќе одекнуваат силно во колективната македонска меморија и ќе бидат за духовен и национален добробит на идните генерации Македонци.
|
< Претходно | Следно > |
---|