Колумната е објавена на 21.10.2023 година во дневниот весник „Нова Македонија“ Старословенскиот збор „држава“, всушност означува сила, односно моќ. Затоа, секоја држава која останува верна на ова начело, никако не смее да покаже симптоми на хаотичност и дезорганизираност, без разлика на тоа колку таа е мала или ранлива. Доколку почнат да бидат видливи некакви знаци на слабост, тогаш државата треба преку своите институции и механизми ефикасно да се справи со наездата, не дозволувајќи ѝ на болеста да го зафати целото ткиво. Има во овој свет и помали држави од нашата преубава Македонија, но разликата меѓу нас и нив е во тоа што во нивните средини владее цврста и хармонична симбиоза помеѓу народот и државното раководство. Тие не се туѓи еден на друг, и иако можеби не победуваат на фудбалските натпревари, сепак тоа не прави тие да бидат помалку важни или понижени. Немајќи ваква цврста основа, ниту некаков одржлив и нормален поредок, македонскиот организам е распукан по сите сврзни ткива, почнувајќи од темето на главата, па сè до ноктите на нозете. Не постои болест која го нема нападнато телото на државата, а во последните неколку години, и самите почнавме да си правиме огромни крастави рани и на душата.
Полека тонеме и слабееме од надворешниот загаден воздух, што упорно и тврдоглаво го вдишуваме. Живееме во внатрешна непроветреност, како во некаков подземен ходник, чија мемла е кобна за кревкоста на нашето национално здравје. Стоејќи просто во зачуденост и немоќ, не можеме, а да не се прашаме: зошто ова самите си го правиме? Па, заради Европа! - отсечно ќе речат наивните евроентузијасти. Оваа парола ни стана вообичаено „доброутро“ и „добровечер“ во нашето секојдневие. Одиме кон Европа, по секоја цена, а таа со нас постапува како со непотребен и залутан предмет во распадната картонска кутија. Да се разбереме, Македонија е европска земја, таа е дел од европската култура и цивилизација, ние неминовно таму припаѓаме, но сепак, зарем не можеме барем за момент да видиме дека во европската политика не доминира здраворазумноста. Таа сè повеќе им станува роб на невкусот и непристојноста. Колку и да е парадоксално, сепак е вистинито дека во последно време Европа место да европеизира, самата се претвори во карикатура на балканскиот екстремизам. Гледаме секојдневно како таа не води соодветна и доволна грижа ниту за своите граѓани, а камо ли за нас далечните и невидливите. Моќната Европа, од чии недра се родија највеликите идеји на човештвото се претвора во вазал на корпоративниот капитализам. Овој, пак, спрема неа се однесува како кон штотуку освоена колонија од третиот свет. И таму, почна никој да не ги казнува лошите политики. Измамите, од час во час, растат, се повторуваат и се шират како по некаква утврдена шема до недоглед. Единствено што им остана е привидот, исплетен од невистини и конструкции, во кој тие стоички веруваат. Убедени се дека се супериорни и битни, а на таквите како нас гледаат како на наивец во скап костим, кој во навидум мудар манир е програмиран преќутно да одобрува сè што ќе му се сервира. Еве, читаме и слушаме дека деновиве се спремаат да ни дојдат и да нè поткрепат уставно да се самоубиеме. Сигурно се сеќавате на посетите и спотовите на европските лидери пред референдумот, како ни ветуваа светла иднина во која ќе тече мед и млеко. По само неколку месеци од собраниска катастрофа, кога со средновековни методи ни беше променето името, без волја на македонскиот народ, се соочивме со нови блокади, но и со уште пострашни и побезумни барања. Нам, единствено како придобивка ни останаа заборавените рекламни билборди и големите надежи и неисполнети ветувања. Знаете, на човек ако на време не му кажеш дека те мами и манипулира, тој тоа ќе си го сфати како одобрение, па ќе продолжи со уште посилен интензитет да измислува нови измами и конструкции. Ај што ним не и им е гајле за нас и за нашата судбина, ама што прават нашиве? Колку треба да си наивен, па двапати да се фатиш на истата јадица. Денеска, истите Макрони нè притискаат и присилуваат повторно да го менуваме Уставот, се разбира повторно без никаква гаранција. Сега треба, според нив, да вметнеме во Уставот некаква групација која не нè признава дека постоиме. Нив ќе ги израмниме со оние што преку својата крв, со необјаснива лична саможртва ги ѕидаа столбовите на државата Македонија. Овде ќе ги изедначиме и сатрапот и жртвата, и гонителот и прогонувачот, и бесниот волк и кроткото јагне. На цел народ му е јасно дека се игра подла игра, единствено на оние што сме ги избрале и што ги плаќаме како да им се замрежени очите. Па, зарем не сфаќаме дека токму со насилната промена на името, всушност започна целиот колапс на државата. На тој ден исчезна срамот, а кога ја нема оваа прекрасна доблест, тогаш е логично дури и да манипулираме со заболените од онкологија. Ова е неминовен причинско-последичен духовен процес. Таков е од Бога дадениот закон, врз чии темели невидливо почива светот. Гревот не е статичен и не мирува, туку по својата природа се умножува и мултиплицира. Многу нешта по истот терк и калап ќе ни се повторуваат, сè додека не ја научиме лекцијата. Никаква Европа или Америка нема да се грижат за нас и нашето добро, ако ние не се заземеме за себе. Тие имаат намера да управуваат со Македонија исто како нацистите што управувале со Данска и Норвешка кога ги окупирале во Втората светска војна. Денес во Македонија е на сила некаква мека окупација, обоена со преќутни закани, и со жестоко справување со непослушниците. Од принудната управа во Македонија се очекува да владеат како квислинзи, кои без никаква оригинална и народна идеологија, се претвораат во бескруполозни сатрапи што длабоко тонат во секаков вид на корупција. Само тоа им е важно, и ништо друго! Единствениот лек за македонските рани е повторното враќање на почетокот. Закрепнувањето на телото на државата ќе започне од враќањето на името. Тоа мора да биде појдовна точка во програмата на секоја нова и идна влада, која треба да се наоружа со голема храброст и да изгради победничка визија за татковината. Од тука ќе мора да започне сè. Оној што јавно ќе ја истакне ваквата намера, ќе ја има поддршката од македонскиот народ. Оној што ќе се помири со наметнатата ситуација и ќе води некаква плитка дипломатија, ќе претура од шупло во празно. Македонија мора да си го врати достоинството, а првиот чекор кон тоа е враќање на нашето вековно македонско име. Имаме ние способни кадри кои знаат како да го водат и спроведат овој процес, ним треба да им се даде секоја доверба. Ве молам не ми замерувајте, но ова како загрижен граѓанин и патриот, морам да го кажам. Следејќи ја нашата политичка реалност, на мисла сум дека во ликот на професорот и академик г. Љупчо Коцарев се крие правата патриотска енергија која може да ја покрене и откопа затрупаната светлина кај потиштениот македонски народ. Наскоро ќе дојде времето на редовните избори, па не е лошо околу вакви личности да почнеме да ја градиме својата нова иднина. Такви претседатели и лидери во моментов ни се неоходни. Македонската опозиција особено треба да внимава да не си ги извалка рацете со загадена и токсична кал, која е камуфлирана во украсен и златен ибрик. Секоја следна промена на Уставот, под влијание на Бугарија, е искорнување на Македонецот од неговиот корен. Мора да бидеме свесни дека на тоа место долги години ништо нема да порасне, а ќе остане само празна ледина. Ризикуваме дури и споменот на некаква Македонија, со тек на времето да исчезне од сеќавањето на идните генерации. Затоа, сега е одлучниот момент кога треба да се биде силен и решителен. Низ оганот на искушенијата се донесуваат правите и вредни одлуки, преку кои се достигнува небесната височина. Ова е единствениот сигурен пат за нас ранетите. Треба да се биде буден и внимателен. На денот на изборите обичниот човек суверено владее со државата. Тогаш е вистинската прилика кога со свежи и цветни бои можеме да си ја обоиме македонската стварност. |