Беседа на Архиепископот на Семакедонскиот Собор |
5.10.2023. | |
† Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски[1]
СОБОРОТ - СОБОРНО ДА ГО ПРОСЛАВУВАМЕ
Еве нè, собрани во овој прекрасен храм, возобновен и новоукрасен, во овој питом и спокоен град на југот од македонската држава, во ова место на сонцето и, како што значи самото негово име ‒ Гевгелија: место на сенка, за заедно да го покажеме нашето меѓусебно единство во верата и во љубовта, како и нашето единство со сите знајни и незнајни светии коишто во изминативе 20 христијански столетија засветиле на македонската земја. Инаку, одлуката за денешниов македонски црковен празник да го чествуваме токму во секоја прва недела од месецот октомври, е донесена во чест и спомен на исклучителниот настан којшто се одржал пред 65 години, поточно од 4 до 6 октомври 1958 година, во Катедралниот храм на Охридските Архиепископи „Света Софија“ ‒ Охридска. Имено, тогаш и таму е одржан Вториот црковно-народен собор, на кој е донесена историската Одлука за возобновување на Охридската Архиепископија во името на Македонската Православна Црква. По 1767 година, кога, со Иреде на иноверната Висока Порта во Цариград, е забранета дејноста на Охридската Архиепископија, се правени многу обиди за нејзино возобновување. И дури откако се создале основните црковни и народни предуслови на дел од македонската земја, на тој Собор била исправена неправдата кон нашата славна и древна Охридска Архиепископија. Токму тогаш, на тој Собор, е донесена Одлуката за воскреснување на Охридската црковна столица, и за прв нејзин поглавар е избран блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј, Македонец по потекло од Маврово, дотогашен викарен Епископ на Српскиот Патријарх. Денешниов празник, значи, е од поново време. Но, личностите коишто ги прославуваме на него се распослани низ целата наша христијанска историја, започнувајќи со самото ширење на христијанството во Европа! Многупати се кажани и на многу места се напишани, но постојано треба да се потсетуваме на следниве факти: македонската земја била првата која светиот апостол Павле ја оросил со евангелското слово! Лидија од Тиатир била првата европска христијанка[2] и првата европска светителка! За нашите браќа од Солун е, најверојатно, напишан првиот новозаветен спис ‒ Првото послание до Солуњаните. Уште од самото основање на монаштвото, во Македонија се подвизувале некои од најпознатите имиња на пустиножителството, како, на пример, светиот Еразмо Охридски, кој од Антиохија дошол во околината на Охрид, во втората половина на 3 век. Уште во првите христијански векови Македонија била натопувана со крвта на светите маченици, како, на пример, славните 15 Тивериополски маченици, кои пострадале во денешна Струмица, во 362 година. Понатаму, еминентни македонски епископи учествувале на најбитните црковни собори, почнувајќи уште од Првиот вселенски собор во Никеја, во 325 година и Вториот вселенски собор во Цариград, во 381 година. Сето ова сведочи за постоењето на развиен црковен живот на нашите простори уште од зачетокот на христијанството. Во 6 век, во македонските краеви е основана славната Архиепископија Јустинијана Прима, а кон крајот на првиот милениум, во богоблагословената македонска земја се случува вистински духовен растеж, најмногу благодарејќи на светите солунски браќа Методиј и Кирил. Имено, тие, со својата научна, преведувачка и мисионерска дејност, го внеле сесловенскиот род, вклучително и нас, нивните најблиски и најсвои ‒ Македонците, во пишаната историја и култура на народите, создавајќи ни писмо и преведувајќи ни ги ‒ на јазикот говорен во Солунско ‒ Светото Писмо и богослужбените книги. Исто така, како искусни мисионери и просветители, Светите браќа успеале таа наука да ја предадат понатаму ‒ на своите најталентирани ученици, од кои особено се истакнале светите Климент и Наум, охридските и семакедонски чудотворци. Тие, продолжувајќи ја духовната и просветителската дејност на нивата Господова, започнато од Солунските браќа, во Охрид, во Балканскиот Ерусалим, создале просветен центар, каде што и преведувале и образувале илјадници мажи за добри сејачи на словото за Словото и за достојни пастири, како за нашиот народ, така и за словенските народи. Нивното дело има исклучителна заслуга за основањето на Охридската Архиепископија и за нашето народно допросветлување. Со своето дело, овие неуморни христољупци и народољупци го разгореле жарот на верата за сите поколенија по нив, па токму имајќи ги нив за пример, нашите средновековни пустиножители: Прохор Пчињски, Јоаким Осоговски, Гаврил Лесновски и Јован Рилски, тргнале по патот на молитвената осама и аскеза. Потоа, кога османлискиот аскер завладеал со македонската земја, неблагородните прилики дале можност за враќање на првовековното христијанско сведоштво ‒ сведоштво преку мачеништво, па оттогаш ги имаме новомачениците Ѓорѓи Кратовски, Злата Мегленска, Спасо Радовишки, Кипријан Слепченски, тројцата Пречистански и четириесеттемина Битолски новомаченици, како и за нас непознат, но на Бога добро познат број на светии кои животот го дале, но верата на своите предци не ја предале! А и по неканското укинување на Охридската Архиепископија, Бог не ја оставил нашата земја без светии! Неодамна канонизираните богоугодници од XIX и XX век, преподобните Кирил Лешочки, Јоаким Крчовски и Јоаникиј Ракотински, како и светиот Гаврил Велички, ни се доволно сведоштво за тоа! Сиот овој список на светии од Диптихот на Црквата ни покажува колку е голем соборот на знајните македонски светии и колку големо е нашето небесно застапништво. Но, светителите ги имаме не само за да им се молиме, туку за да ги прославуваме нивните животи и да се обидуваме и самите да ја подражаваме нивната вера[3], зашто уште Стариот Завет ни сведочи дека сите ние сме повикани за светост, за да бидеме народ свет и царско свештенство[4], порака која, потоа, и во Новиот Завет ја ползува и светиот апостол Петар[5]. Затоа, кога ја прославуваме светата Лидија, не треба напросто да се гордееме со фактот дека покрстувањето на првата европска христијанка се случило во нашиве краеви, туку треба да ја стекнуваме нејзината богобојазливост, за Бог и нам, како на неа, да ни ги отвори нашите срца[6]. Прославувајќи ги, пак, сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј и нивните ученици, светите Климент и Наум, треба да се угледаме на нивното себеоткажување во полза на доверениот народ, за и ние да послужиме за слава Божја и за доброто на Црквата и на народот. А кога ги прославуваме светите пустиножители, тоа треба да ни е поттик за да согледаме дека секоја пустина, како географска, така и духовна, може да се преобрази во најплодна почва, доколку нашите срца и мисли ги полеваме со вистините на верата. Им оддаваме ли почит на мачениците и на новомачениците од нашиот род, тоа треба да ни даде храброст за, како што вели светиот апостол Павле, да бидеме бодри, да опстоиме во верата, да се држиме цврсто и да бидеме крепки[7]. Кога, пак, ги прославуваме светиите од преродбенскиот период, особено, ние, денес, во овие нелесни времиња, времиња на постојани искушенија за нашиот народ, треба да се обидуваме да го подражаваме примерот од нивното богољубие, домољубие и книгољубие ‒ за доброто на Црквата и на Татковината. Сето ова, се разбира, не е лесно, но, како што слушнавме и во денешното Свето Евангелие, секој што сака да врви по Христа ‒ треба да се одрече од себе, да го земе крстот свој и да оди по Него[8]. И навистина, таа Христова порака се однесува на секого, не само на светиите! Впрочем, сите сме членови на едното Тело Христово, што значи дека и прославените светии, и оние светии што за нас се незнајни, но од Бога се знајни, но и воопшто сите ние кои во историјата на Црквата во Христа сме се крстиле и во Христа сме се облекле[9], сме повикани за светост, повикани сме да го понесеме Крстот Христов, да се распнеме со Него, та со Него и да воскреснеме. Тоа е патот по кој треба да оди христијанинот! Ние, христијаните, знаеме дека тој пат е тесен и стрмен, но единствено тој води до целта за којашто е создаден човекот ‒ вечното блаженство во Бога. Затоа, имајќи го секогаш жив во нашите срца споменот за сите светии од нашиот род, да им се молиме и да испросуваме помош во запазувањето на нашето црковно и национално единство. Та, ако сакаме да се удостоиме да станеме живеалиште Божјо преку Духот[10] и да станеме делови на Телото на Црквата и учесници во ветувањето Божјо во Христа Исуса[11], мораме да имаме взаемна љубов и единство. Еве, денес прославуваме светии коишто меѓу себе честопати се исклучително различни по нивните лични карактеристики: некои од нив живееле во рановековието, а некои од нив и до наши дни. Некои од нив својот живот го поминале во активно ширење на словото, а некои ‒ во пустиножителна аскеза. Но, и покрај сите разлики меѓу нив, тие ја примиле истата благодат и биле едномислени во пазењето на вистините на верата и во непоколебливото служење на Троичниот Бог, на Светата Црква и на својот народ! Како православен народ потребно е да го чуваме и да го зајакнуваме и духовно-црковното, но и националното македонско единство. Сведоци сме на зачестени обвинување од некои, кои се трудат да укажуваат по кој пат треба да ја водиме нашата Света Црква. Но, Господ ја раководи Црквата, и освен Него, освен Неговиот пат, ние друга вистина немаме, за друга вистина не знаеме! Господ и светиите нека ни се на помош, за да истраеме! Господ и светиите ни помогнале и да ја зачуваме и да ја одбраниме вистината за нашата Света Црква и за сѐ што е наше ‒ македонско! И Господ и историјата ќе забележат кој што работел, и какви дела оставил секој од нас! Имајќи ги предвид вечноста на соборноста и на единството во Црквата, потребно е, исто така, да повикаме и за национално македонско помирување и единство. Зарем не гледаме до каде нѐ донесоа меѓупартиските кавги и недоразбирања?! Мора да се знае што е национален, што е партиски, што е добрососетски, а што е свој, државен интерес! Без чување на националните, македонски интереси, тешко ќе опстоиме! Ова нека биде сенароден повик до македонските партии за меѓусебно разбирање, за градење и за чување на националното единство, а сѐ за доброто на македонскиот народ и на македонската држава. Па, прославувајќи ги македонските и сите светии, да се молиме и да се трудиме да го запазуваме и зајакнуваме нашето единство, та, кога ќе се исполни времето, сите да се удостоиме да го слушнеме гласот на Добриот Пастир и за довека да се покажеме како едно стадо и еден Пастир! За многу години празникот на сите македонски светители! Вечна нека ни е Црквата наша автокефална, Охридска и Македонска, и нека ни е вечна Татковината ‒ Македонија! Амин!
[1] Слово на Соборот на сите македонски светители, во храмот „Св. Кирил и Методиј“ ‒ Гевгелија, на 1.10.2023 година. [2] Сп. Дела 16, 11‒15. [3] Сп. Евр 13, 7. [4] Сп. 2 Мојс 23, 22. [5] Сп. 1 Птр 2, 9. [6] Сп. Дела 16, 14. [7] Сп. 1 Кор 16, 13. [8] Сп. Мк 8, 34. [9] Сп. Гал 3, 27. [10] Сп. Ефес 2, 22. [11] Сп. Ефес 3, 6. |
< Претходно | Следно > |
---|