Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Најубава Црква е полна Црква
Најубава Црква е полна Црква
5.10.2023.

 

Репортажа од Семакедонскиот христијански православен собор,

Гевгелија, 01. 10. 2023 година

 

Најубава Црква е полна Црква

 

Невообичаено топло октомвриско утро. Севишниот Бог, гледајќи ја спасоносната ревност и пламена вера на Македонците што од сите краеви на Македонија беа дошле на топлиот југ за да го прослават денот на сите македонски светители што со децении наназад е составен дел од Семакедонскиот христијански православен собор, ни подари прекрасно утринско сонце, кое со своите зраци ги озари лицата на сите присутни свештеници и верници.

Гевгелија е град во кој, речиси од секој нејзин жител, искрено и од срце се слави и прославува Христовото име. Ваквата духовна состојба беше пресликана во дворот на новоукрасениот и возобновен храм, посветен на сесловенските и семакедонски просветители, Светите Солунски Браќа Кирил и Методиј. Невозможно е за било која човечка душа таа да остане рамнодушна кога ќе ги здогледа уредно накитените девојчиња во македонските народни носии, кои со икони од македонските светители во своите раце трпеливо и возбудено се беа подредиле за да му посакаат топло добредојде на Архиепископот Македонски и на нашите возљубени Митрополити. Тогаш, неминовно е за човекот да се нурне во богатата македонска духовна историја, во вековите што поминале, во огромната храброст со која нашите славни предци опстојале и ја сочувале својата вера и својот македонски национален идентитет. Пред очите ни се појавуваат светите маченици: Агатангел Битолски, Злата Мегленска, Ѓорѓи Кратовски, Спасо Радовишки и илјадници други познати и помалку познати Македонци кои го напуштиле земното и поитале во прегратките на Нашиот Спасител, Господ Исус Христос за таму да ја изградат Небесна Македонија.

Народот во дворот, свештениците, верниците, помагателите на светите Божји храмови, општинските власти, целото сестринство на Слепченскиот манастир, со свештен трепет го очекуваа пристигнувањето на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, надлежниот Митрополит Повардарски, г. Агатангел, Митрополитот Преспанско-пелагониски, г. Петар, Митрополитот Тетовско-гостиварски, г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски, г. Григориј и Епископот Стобиски, г. Јаков. Камбаните почнаа торжествено да бијат, поттикнувајќи восклик во душите на луѓето кои со многу љубов ги чекаа своите Архипастири, подобно на ерусалимските деца кои со чиста душа Го пречекаа Месијата. Верните чеда на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, уредно и со побожност земаа благослов од владиците кои се движеа по белата свилена ткаенина, низ која беа распослани латици од роза, налик на палмовите гранчиња во Ерусалим. Од сите грла, побожно и торжествено се слушна: Блажен е оној што доаѓа во името Господово... Владику и свјаштеноначалника нашего, сохрани Господи на многаја лета!

Почна Божестевената Литургија со која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г. г. Стефан. Пред нашите очи се рашири восхитувачки поглед на внатрешноста на возобновениот храм „Св. Кирил и Методиј“ во Гевгелија, чии ѕидови изобилуваат со фрески на кои се претставени македонските светители. Срцето ни затрепери, а душата на секој присутен Македонец како да беше уште поблиску до нашите молитвеници и вечни застапници пред Престолот на Живиот Бог. Денеска славиме уште еден празник, празникот на возобновата и украсувањето на централниот гевгелиски храм „Св. Кирил и Методиј“, кој точно пред две години го доби овој свој нов прекрасен лик. Во неговата внатрешност, најдобрите македонски мајстори и неимари направија споменик на верата во Бога на македонскиот народ - вековно сведоштво на нашата молитвена посветеност. Фрескоживописот во храмот ги опфаќа сите значајни библиски собитија, кои се сигурни скалила од патеката која води до спасението и до вечниот живот. Новиот резбан иконостас, со новите икони, му дава топол тон на целиот духовен амбиент, а од велелепниот полиелеј, како со пламени јазици, да се истура од изобилната благодат Христова. Со еден збор, благодарение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, од кого започна целата иницијатива, и со голема посветеност и лично залагање на Архиерејскиот намесник од Гевгелија, протоереј-ставрофор Љупче Миланов, старешината на црквата, протоереј Русе Жекоски и на нивниот сопарох, свештеник Влатко Бојков, овој храм се претвори во велелепно светилиште, во тивко и сигурно прибежиште за секоја душа која од својата длабочина го бара мирот Божји.

Меѓу присутните на Семакедонскиот христијански православен собор беа и градоначалниците на Општина Гевгелија, г-дин Андон Сарамандов, на Општина Велес, г-дин Марко Колев и на Општина Ново Село, г-дин Ѓорѓе Божинов, давајќи пример за сите македонски раководни лица дека само со молитва и верба кон Бога, Македонија може да напредува и да одолее на сите неволји и непријателски напади.

Молитвеноста на свештенослужителите, заедно со прекрасната изведба на литургиските песни од страна на гевгелискиот градски хор „Гортинија“, создадоа духовна атмосфера во која многубројните верници станаа активен дел од непрестајната Небесна Литургија. Во својата проповед, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан го опиша житието на многу светители од Македонија, на кои треба како верен македонски народ да се угледаме и постојано да се потсетуваме. Неговото Блаженство повика на македонско национално единство, кон кое, како народ во целина, треба да се стремиме, но и секојдневно трпеливо да работиме на негово конечно остварување. Митрополитот Повардарски, г. Агатангел, во дополнување на проповедта на Неговото Блаженство, упати апел до присутните градоначалници да работат поактивно на обединување на македонскиот народ, занемарувајќи ги личните недоразбирања и партиските интереси. На крајот, Митрополитот г. Агатангел им се заблагодари на архиереите, на свештениците, на монасите и на сите верни за нивното присуство на Семакедонскиот христијански православен собор и изрази надеж дека во секоја наредна година ќе бидеме сè побројни при прославата на Соборот на сите македонски светители.

Како круна на секоја Литургија, речиси сите присутни се причестија со Телото и Крвта Христови, благодарејќи Му на Бога за сите Негови добрини.

Колку голема радост за секој Македонец! Обединети во Христа, Македонците ќе победат во сè, без разлика на сите искушенија кои во последните години жестоко се надвјасаа над нашите глави. Тоа е всушност и целта, тоа ќе биде резултатот од Семакедонскиот христијански православен собор. Македонскиот народ од сите краишта на нашата напатена Татковина, од сите краеви на светот, заедно сплотени, молитвено спомнувајќи си за верата, подвигот и пожртвуваноста на сите македонски светители, ќе се удостојат да добијат благодат и сила, за да продолжат да Го слават Бога и да го носат, чуваат и предаваат на следните генерации генот на обожениот Македонец.

На овој ден, многу македонски срца чукаа во ист ритам, дишеа со иста воздишка вознесувајќи ја кон Господа молитвата за македонскиот народ и држава. Архиереите со својот пастирски благослов и љубов секому му дадоа радост. Долго во пријатно сеќавање ќе ни остане детскиот џагор од црковниот двор, кој ни ја навестуваше иднината на македонскиот народ. Сонцето го грееше секој човек, јужното ветре пиркаше, носејќи ја својата свежина како навестување за идната и вечна рајска закрила. На огромно задоволство за секого, и храмот, и дворот, па дури и балконите во храмот беа исполнети со верни Македонци. Затоа Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г. г. Стефан, оваа духовна радост прекрасно ја срочи во една реченица: „Најубава Црква е полна Црква“.

Беседа на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан на Семакедонскиот христијански православен собор

 

 

Кабинет на Митрополит Повардарски

 

 
< Претходно   Следно >