Охридската книжевна школа |
20.03.2008. | |
Охридската книжевна школа
По смртта на свети Климент и свети Наум книжевната школа ја продолжиле нивните ученици. Тие главно се занимавале со препишување на творбите на светите учители. Многумина од нив од смирение, понизност и почит пред нивното големо дело останале анонимни и непознати. Меѓу непознатите автори се и составувачите на нивните житија. Ова експлицитно е наведено од анонимниот биограф на свети Наум, кој вели дека по наредба на Деволскиот епископ Марко, се зафатил со пишување на житијата на охидските светители и просветители. По повод годишнината од смртта на свети Климент еден друг анонимен автор составил Служба, мошне поетска, која претставува ретко убав споменик на нашата книжевност од овој ран период. Меѓу непосредните ученици на свети Климент и на свети Наум е и Константин Презвитер, подоцна епископ Преславски. Тој е познат по неговите творби „Азбучна молитва“ и „Проглас кон Светото Евангелие“. Негови се и делата „Поучно Евангелие“ и преводите на „Четирите слова против аријанството“ од свети Атанасиј Велики и „Катехизисот на св. Кирил Ерусалимски“ и многу други. Црноризец Храбар, чие вистинско име е непознато е исто така продолжувач на делото на свети Климент и на свети Наум. Негови дела се: „О писменех“, кое е апологија на македонската писменост и тој овде ја брани македонската азбука и го заштитува македонското културно дело од страна на горделивите грчки асимилатори. Тој во ова дело напишал: „Македонските букви се посвети и се повеќе за почит, бидејќи се обработени од свет човек, а грчките ги создале Елините, кои биле пагани и незнабошци“. |
< Претходно | Следно > |
---|