Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Историја на МПЦ arrow Свети Климент Охридски
Свети Климент Охридски
20.03.2008.
Свети Климент Охридски
 
 

Мисионерската, учителска и просветителска дејност на св. Климент и на св. Наум во Охрид е само продолжение на големото мисионерско дело на Светите Браќа. Св. Климент и св. Наум граделе врз духовните темели поставени и осветени од нивните учители св. Кирил и св. Методиј. Христијанството во Македонија со векови веќе било втемелено, а потоа зацврстено и развиено при Брегалничката мисија на Светите браќа и врз основа на христијанските доктрини учениците ја изградиле македонската писменост и просвета во својата татковина. Свети Климент е најголемиот македонски духовник, учител и книжевник. Оваа негова дејност тесно била поврзана со христијанизирањето на паганизираните Македонци, како и со основањето и организирањето на првата македонска епископија во Охрид, во областа Кутмичевица. Свети Климент продолжил со преведувањето на светите книги на јазикот на Македонците и го основал познатиот Охридски универзитет, со што отишол чекор понапред од своите учители. Според официјалната историја тој извршил и корекција на некои букви од македонската азбука, која ја нарекол Кирилица, во чест на својот учител св. Кирил Солунски.
Во Светиклиментовиот Охридски универзитет (кој бил и прв универзитет во Европа) се школувале и завршиле со образование околу 3.500 ученици, од кои многумина биле ракоположени за свештеници, ѓакони и ипоѓакони, а голем број од нив биле испратени на свештенослужителска и проповедничко-мисионерска работа кај другите балкански и источноевропски народи - бугарите, србите, црногорците, чесите, словаците, русите, украинците и т.н.
Во 893 година свети Климент бил хиротонисан за епископ. Тој е првиот македонски епископ во новоформираната Дремвицко-величка епархија. Св. Климент Охридски, ученикот и соработникот на Македонските апостоли и просветители Кирил и Методиј, во историјата се памети како еден од најугледните и најзначјните книжевници и проповедници на Христовото Евангелие во IX и X век. Тој е основоположник на просветата и книжевноста во Македонија. Св. Климент бил непосреден сведок на неповторливите подвизи на Светите браќа, тие, за време на целиот негов живот му биле урнек во проповедта и описменувањето на луѓето. Св. Климент покрај тоа што проповедал исто така познато е дека и составувал свои дела. Негово најзначајно дело секако се „Проповедите - обрасци за сите празници и недели во годината”, кои им биле од голема полза на тогашното свештенство, но и на богољубивиот македонски народ. Најверојатно тој е автор и на Панонските житија на свети Кирил и на свети Методиј. Негов е преводот на Цветниот триод - богослужбената книга, во која е содржан црковниот редослед на богослужбите од Велигден до Педесетницата. Постои голема веројатност дека тој е автор на Службата и на Житието на Свети Климент, римскиот папа, како и на најстарата служба на Свети Кирил и Методиј. Св. Климент е особено важен за културното и цивилизациско издигнување на Македонците. Без неговото дело Македонците би биле поподложни на стагнација и асимилација од страна на културно поиздигнатите народи. Токму заради тоа со сигурност можеме да тврдиме дека св. Климент, св. Наум и останатите ученици на св. Кирил и Методиј се најважните личности во македонската историја.


 
< Претходно   Следно >