Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Предговор за делата на свети Јован Златоуст
Предговор за делата на свети Јован Златоуст
6.07.2023.

 

Sample Image

 

Еден од најпочитуваните и најцитирани светители на Светата Православна Црква, чии што зборови никогаш не ја губат својата актуелност, е светиот патријарх Цариградски Јован, со право наречен Златоуст. Не постои тема за која тој не пишувал, не постои место во Светото Писмо за кое тој не размислувал, не постои проблем за кој тој не ни дал насоки и поуки, коишто и покрај многуте векови, кои нѐ делат од неговото време, сепак, сѐ уште имаат големо значење и тежина. Нема црковен автор или богослов кој не ги читал делата на Златоуст, нема проповедник кој не ги користи неговите зборови и примери, на кусо кажано, светиот Јован Златоуст ни оставил толку многу дела, што не може да се замисли учењето и животот на Светата Црква без него. Литургијата која тој ја составил, по урнекот на Јакововата и Василиевата, ја служиме секоја недела, во текот на богослужбениот годишен циклус, со исклучок на Великиот пост кога служиме Василиева и Литургија со претходно осветени дарови, дело на светиот Григориј Двоеслов.

Светиот Јован Златоуст е роден во Антиохија во 354 година, од татко Секунд кој бил војвода, и мајка Антуса, која била побожна христијанка. Бил крстен од светиот Мелетиј Антиохиски, ја изучувал грчката философија, но се згрозил од незнабоштвото и ја усвоил целосно христијанската вера. Неговата мајка останала чесна вдовица, а по нејзината смрт тој се замонашил и станал архиереј. Поради мудроста и знаењето бил избран за Цариградски Патријарх, и многу години поминал во поправање на искривените работи во животот на Црквата: ги изобличувал еретиците, се борел против симонијата во Црквата, расчинувајќи многу епископи кои боледувале од оваа болест, но поради својата христољубива ревност стекнал и многу непријатели, па бил и прогонуван. Својот живот го завршил во прогонство, во 407 година, во Ерменија, во местото Коман, изговарајќи ги зборовите: „Слава на Бога за сѐ“.

Штo сe случилo сo Златoуст пo смртта? Награда каква штo самo Бoг мoжe да ја дадe. Адeлтиј, eпискoпoт Арабски, кoј гo примил прoгoнeтиoт Златoуст вo свoјoт дoм вo Кукус, пo смртта на Златoуст сe мoлeл на Бoга да му јави кадe сe наoѓа душата Јoванoва. Eднаш, така на мoлитва, Адeлтиј бил какo надвoр oд сeбe, и видeл свeтли мoмчиња кoи гo вoдeлe пo нeбeсата и му ги пoкажувалe сo рeд eрарситe, пастиритe и учитeлитe на Црквата, пoвикувајќи гo сeкoгo пo имe. Нo Јована oвдe нe гo видeл. И гo пoвeл ангeлот Бoжји кoн излeзoт на рајoт, а Адeлтиј бил натажeн. Кoга ангeлoт гo прашал зoштo e тoлку натажeн, Адeлтиј oдгoвoрил дeка му e жал штo нe гo видeл љубeниoт учитeл Јoван Златoуст. Ангeлoт му oдгoвoрил: „Тoа нe мoжe да гo види чoвeкoт дoдeка e вo тeлo, заштo тoј e крај прeстoлoт Бoжји, заeднo сo хeрувимитe и сeрафимитe“. Ете како Бог ги прославува своите чеда, оние кои Бога го прославиле со својот живот.

Огромно е наследството кое ни го оставил светиот Златоуст: толкувања на книгите од Светото Писмо, многу беседи на одделни места од Светото Писмо, поуки за празниците, апологетски дела, а исто така и чинот на Божествената Литургија.

Издавањето на неговите дела е голем настан за нашата Света Македонска Православна Црква, и за мене како архиереј е голема чест, што во мојата епархија и во мое време се издаваат овие бесценети дела. На сите богољубиви чеда им препорачувам да ги имаат овие златоустови бисери, да ги читаат и да ги практикуваат, а Го молам нашиот Светотроичен Бог, по молитвите на светиот Златоуст, и по неговото закрилништво за нас пред Престолот Божји, Бог да ни даде ревносни и просветлени пастири, рамни на светиот Јован Златоуст. Амин.

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

 

 
< Претходно   Следно >