Фотогалерија На 18.05.2023 година, Повардарската епархија и Општина Велес, а во соработка со Фондацијата „Проглас" од Братислава, Словачката народна библиотека, Издавачот на Друштвото на писателите на Словачка и Центарот за култура во Терхова, Р. Словачка и Словачката радиотелевизија, а по повод празникот на светите македонски и сесловенски просветители Кирил и Методиј, ја организираа премиерната проекција на документарниот филм „Тајниот код на Константин - Проглас“. Проекцијата на филмот се одржа во салата на „Киноверзум“ во Велес, а на неа, покрај домаќините Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Градоначалникот на Општина Велес г-дин Марко Колев, беа присутни и поранешниот Претседател на Република Македонија г-дин Ѓорѓе Иванов, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј, амбасадорот на Република Словачка во Македонија г-дин Хенрик Маркуш, делегацијата од Република Словачка која пристигна специјално за овој настан во состав: градоначалник на градот Терхова г-дин Јозеф Давидик, директорот на Центарот за култура во Терхова г-дин Рудолф Патричак и г-дин Стојан Лекоски, академик Владо Матевски, проф. д-р Велко Марковски, како и многу други наши браќа и сестри. Во прилог на оваа вест ќе Ви го пренесеме поздравниот говор на секретарот на Повардарската епархија, протоѓакон Влатко Стоименов. Ваши Високипреосвештенства, почитуван градоначалник на Општина Велес г. Марко Колев, почитуван претседателе г. Ѓорѓи Иванов, Ваша екселенцијо г. Хенрик Маркуш, почитуван градоначалник на Терхова г. Јозеф Давидик, чесни отци, почитувани гости од Словачка, драги браќа и сестри. Најпрво, од името на Митрополитот Повардарски г. Агатангел и од мое лично име, би сакал да Ви посакам топло добредојде. На гостите од Словачка им посакувам пријатен престој и незаборавни впечатоци од преубавата Македонија, а на сите Вам усвојување на нови сознанија за ликот и делата на нашите духовни патријарси, семакедонските и сесловенските просветители Кирил и Методиј, кои во понатамошниот живот ќе Ви бидат поттик, вдахновение и инспирација за личниот духовен развој и за успешна и плодотворна работа на Нивата Господова. Во нашата древна и од Бога чувана татковина Македонија, која моментално ги преживува едни од најтешките моменти во својата долговековна историја, на секој чекор се видливи патеките на Светите Браќа Кирил и Методиј и на нивните Свети ученици и непосредни наследници. Нивните длабоко заорани бразди на оваа нива Господова се видливи за секое добронамерно и просветлено око. Тие се наши постојани молитвеници, заштитници и закрилници пред Престолот на Севишниот Бог. Дури и ако земеме да ги користиме денешните современи услови на поврзаност и комуникација, сигурен сум дека многу тежок, скоро па неостварлив ќе ни биде напорот за да го повториме нивното свето и вонвремено дело. Кога ќе се роди еден христијанин, кога само еден човек ќе ја помине бањата на крштението и ќе стане составен дел на Телото Христово - Црквата, тогаш целата Небеса ликува и се радува, а свети Кирил и Методиј, кон Бога и на правиот пат извеле цели народи. Од нивното посеано семе, изртиле неброени генерации кои ја нашле смислата на постоењето и го исчекориле патот на спасението кој води во вечните Божји живеалишта. Затоа, сите ние сме им големи должници. Делата, кои тие нам ни ги оставија во наследство, се многубројни и неискажливи. Нашиот македонски народ пред нивните просветлени ликови секојдневно ги пали кандилата на благодарноста. Од нив сите ние духовно сме родени, и затоа голема е нашата радост кога ќе имаме можност повторно и повторно со нив да се сретнеме. Денес имаме една таква прилика. Им благодариме на градоначалникот г. Марко Колев и на Општина Велес за извонредната и несебична соработка, на Фондацијата „Проглас“ од Братислава, на Словачката народна библиотека, на Издавачот на Друштвото на писателите на Словачка, на директорот на Центарот за култура во Терхова г. Рудолф Патричак, на Словачката радиотелевизија, на градоначалникот на градот Терхова г. Јозеф Давидик, и особено на г. Стојан Лековски чие залагање и посветеност нè собра сите денеска на ова место и ни овозможи да го погледнеме и да присуствуваме на премиерата на документарниот филм „Тајниот код на Константин - Проглас“, кој за неколку минути за првпат ќе се емитува на големото платно во Македонија и кој е посветен на Светите Браќа, на овие наши духовни великани. Искрено, Ви благодарам и Вам за трпението и вниманието, за одвоеното време и за Вашето присуство вечерва.
|