Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Осветување во Полошкиот манастир
Осветување во Полошкиот манастир
15.05.2023.

 

Sample Image

 

ФОТОГАЛЕРИЈА

На ден 14. 05. 2023-то лето Господово, во Неделата на Самарјанката, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во сослужение на македонското православно свештенство од Кавадаречкото Архиерејско намесништво, изврши осветување на манастирската црква „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Полошкиот манастир на Тиквешкото езеро, во чија внатрешност се постави нов Божји Престол во Светиот олтар, нов мермерен иконостас и нови резбани полиелеи кои се копија на оригиналните манастирски полиелеи од XVII век.

Веднаш по завршувањето на Светата архиерејска литургија се изврши осветување и на манастирската камбанарија и на новиот северозападен манастириски конак. На чинот на осветувањето беа присутни голем број на верници од Повардарието и од цела Македонија. Полошкиот манастир „Св. вмч. Ѓорѓи“ на Тиквешкото езеро е едно од најстарите и најзначајните духовни светилишта на македонскиот православен народ. Со благослов и огромно залагање на Митрополитот Повардарски г. Агатангел и во содејство и соработка на манастирската Настојателка монахиња Магдалена, и на целото свештенство од Кавадаречкото Архиерејско намесништво, обновата на овој свет македонски манастир траеше повеќе години, најповеќе заради тоа што достапноста кон овој манастир е ограничена, односно до неговите порти може да се стигне единствено по воден пат, преку Тиквешкото езеро. При градењето на конаците и на манастирската камбанарија учество земаа голем број на изведувачи, кои сиот градежен материјал беа приморани макотрпно да го достават и пренесат со соодветни чамци и сплавови.

Новиот северозападен конак во Полошкиот манастир на Тиквешкото езеро, беше изграден на местото на стариот конак, каде беа поставени нови темели. Конакот е на три ката, од кои на првиот кат се наоѓаат поголеми соби за посетители и поклоници, а овде е сместена и манастирската кујна и трпезарија која може да прими околу осумдесет гости. На вториот кат се наоѓа библиотеката, архиерејскиот апартман, приемната просторија за гости, мала трпезарија и две монашки ќелии. На третиот кат се сместени седум монашки ќелии, галерија за изработка на икони и зимски параклис, кој е посветен на Воведението на Пресвета Богородица. Овој параклис моментално е целосно фрескоживописан, а иконостасот и иконите се во фаза на изработка.

На денот на осветувањето, беа доделени и Ордени за заслуги на Повардарската епархија на г-дин Тоше Ризов и г-ѓа Мирјана Атанасова од Кавадарци, како и повеќе благодарници на верници кои, исто така, несебично го помогнаа ова богоугодно дело. Освен овие наши браќа и сестри, обновата на манастирот ја помогнаа и кавадаречките фирми „Метал Апостолов“ и „Градба промет“, чии сопственици заедно со Градоначалникот на Општина Кавадарци се веќе носители на Орденот за заслуги на Повардарската епархија.

 
< Претходно   Следно >