Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Проповед - протоереј ставрофор Спасе Стефановски
Проповед - протоереј ставрофор Спасе Стефановски
6.04.2023.

 

Sample Image

 

На исповед на свештениците во Повардарската епархија

Во името на Отецот и Синот и светиот Дух!

Драги браќа во Христа,

чесни и доблесни свештенослужители,

Најпрвин Му благодарам на Господ што нè удостои ѝ годинава да се собереме во овој прекрасен храм Господов, за да и пристапиме на светата тајна Исповед. Да се преиспитаме за сите наши престапи на Божјиот закон; да се преиспитаме дали и колку сме згрешиле од последната исповед, до денес. На тој начин, ќе потврдиме дека ѝ пристапуваме на светата тајна Исповед искрено и молитвено, ако во истиот миг ги осознаеме и преброиме нашите, макар и, најмали прегрешенија.

Со неколеблива, пак, надеж да се помолиме на Семилостивиот Небесен Отец да ја прими нашата покајничка Исповед и ни опрости, та очистени од грев да ја примиме светата Причест. „Зашто кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува Телото Господово“, се вели во првото послание на апостол Павле до Коринтјаните (1 Кор. 11,29).

Верувам, во оваа молитвена пригода, Вие си спомнувате на зборовите на Спасителот наш Господ Исус Христос, кога им рекол на своите ученици: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив“ (Мат. 18,20). Значи, во овој молитвен миг, посреди нас, невидливо, но уверливо е присутен Господ Исус Христос, Кој очекува да се покаеме искрено и да се помириме со сите коишто нам ни згрешиле, откако пред тоа и ние ќе им простиме ним.

Само искрено покајание, проследено со цврста вера и неколеблива надеж во милоста Божја, е предуслов за прошка на прегрешенијата на секоја христијанска душа, како и нејзиниот неколеблив молитвен израз дека нема да ги повтори истите прегрешенија. Милоста Божја, пак, се заслужува со нашата милост кон оние кои од нас ја побарале. Несоборлива е вистината дека не можеме да бараме милост, ако не сме милостиви, ниту пак да добиваме прошка, ако не сме им простиле на тие што нам ни згрешиле.

Иако живееме во едно исклучително тешко и турболентно време, преплавено со низа предизвици, тешкотии и искушенија, не можеме и не смееме тоа да го користиме како оправдување на наши грешки. Секоја грешка, односно грев, во мисли или во дело, ја обеспокојува и згрозува нашата душа, ја вознемирува нашата совест. Таквата состојба, пак, нè оддалечува од Христа Спасителот.

А секое оддалечување од Христа – Непресушниот Извор на милосрдие и љубов, нас ни го стеснува и попречува патот што води кон спасение на душата и вечен живот. Поради тоа, ние не треба да дозволиме, во ниту било каков случај, гревот да ја оттуѓува нашата душа од Бога, да ја лишува од благодатта, без која душата неизбежно паѓа под власта на вековното зло – ѓаволот.

Ете затоа, бараме прочка, зашто сме свесни дека само преку прочка на прегрешенијата душата си ја ослободуваме од грев. А, тоа се значајни состојби за спас на душата, која е бесмртна.

Душата е духот Божји во нас, што значи живот. Таа, според учењето на Црквата, останува секогаш иста, не се разложува на честитки, ниту пак е подложна на распаѓање, не изгнијува како што изгнијува телото, по смртта на човекот. Душата е создадена од Бога Отецот. Тоа значи дека е вечна, како таква, таа ни е најскапиот дар од Бога.

Според евангелското учење, ние, „луѓето сме храм Божји,  Духот Божји живее во нас“ (1 Кор. 3, 16). Значи, ние по душата сме бесмртни. Затоа сме задолжени, тој бесмртен дар од Бога – душата, да не ја валкаме со грев, туку со добродетелен, милосрден и безгрешен живот да ја одржуваме нејзината чистота. Токму затоа и евангелистот Марко нè предупредува да бидеме доследни чувари на душата своја, велејќи: „Каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости? Или, каков откуп ќе даде човек за својата душа?“ (Мар. 8, 36-37).

Затоа, во контекст на тоа сознание, во нас, треба да одѕвонуваат постојано и зборовите на апостолот Павле кој вели: „Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас? Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори, зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие“ (1 Кор. 3, 16-17).

А кога веќе знаеме дека нашиот Бог е совршена љубов, тогаш ние никогаш не можеме да се удостоиме, да бидеме храм Божји без дела на нашата љубов кон нашите блиски. Зашто нашата љубов кон Бога, ако не е сврзана со љубов кон нашите блиски, е неприфатлива за Бога. Тој ја осудува таквата љубов, кога вели: „Ако некој рече: Го сакам Бога, а го мрази својот брат, лажго е; оти кој не го сака својот брат, кога го видел, како може да Го сака Бога, Кога не Го видел“ (1 Јов. 4, 20). Значи, пројавувањето на љубовта кон Бога, нè обврзува нас да имаме љубов и кон својот ближен.

Ете затоа, драги мои браќа во Христа, ве молам, ајде искрено и смирено, но со длабок и силен израз на покајание да застанеме пред Божјото лице и посакаме прошка. Со смирено срце да Му упатиме молитвен повик: свесен сум за својот грев Господи и длабоко се покајувам, прости ми! Така смирено, но искрено да го искажеме сознанието за нашата гревовност и за нашето недостоинство пред Бога, за да се помириме со Него и да ја заслужиме побараната прошка.

А, верувам дека сите вие, по дејство на постојните христијански навики, како достојни свештенослужители, сте им простиле на сите кои од вас побарале прошка, на ужалените сте искажеле чувство на утеха и на бедните пружиле помош.

Затоа, нашиот Господ Исус Христос, нека ни прости и нè ослободи од сите прегрешенија, та со чиста душа и срце ние, Неговите покорни слуги, го дочекаме денот на Славното Воскресение Христово. Амин!

 

Во Кавадарци и Велес, на 5 април 2023 година,

протоереј-ставрофор Спасе Стефановски

 
< Претходно   Следно >