† АГАТАНГЕЛ По милоста Божја Митрополит Повардарски, до свештенослужителите, монаштвото и верните чеда на Македонската православна црква - Повардарска епархија, а по повод Воскресението Христово - Велигден, испраќа мир и благослов од Бога, Се мачевме Господи и бевме обременети. Додека од нашата утроба го раѓавме ветрот, спасение на земјата не ѝ доставивме. Но, Твоите мртовци ќе оживеат Господи, мртвите тела ќе воскреснат! Разбудете се и ликувајте вие соборените во прав, зашто Божјата роса ги нахрани сите созданија (Ис. 26, 19). Христос воскресна од мртвите и стана првороден меѓу умрените (1 Кор. 15, 20). Драги браќа и сестри! Воскресението Христово, претскажано од пророците и утврдено преку проповедта на апостолите, стана аголен камен на сето наше учење, на сета наша вера и надеж. Сите дела Божји, сите Негови чуда и зборови, добиваат целосно објаснување и вреднување само преку Христовото воскресение. Затоа, при секоја неделна богослужба, Велигден е празникот на кого со радост се сеќаваме и на кого постојано како православни христијани се навраќаме. Без правилна вера и живот во Воскреснатиот Господ Исус Христос, човекот засекогаш ќе остане во канџите на смртта. Спасителот дојде во нашиот свет за да воскресне како Победител, и да ни го осветли патот што ќе нè одведе во вечното небесно живеалиште. Он ни ја дарува Благата вест, во која, како најголема скапоценост, е зачуван Неговиот прекрасен лик. Он го преобрази и очисти човечкото тело, а откако воскресна од мртвите, го постави да седи од десната страна на Отецот, со што за навек, ние како човештво, го добивме своето највисоко и најценето достоинство. Возљубени мои духовни чеда! Без Христовото воскресение - сè е само привид и заблуда. Воскресението е настанот кој ги осветлува и осмислува сите постапки на Богочовекот. Воскресението е опредметнување на евангелските зборови и поуки, тоа е оверено сведоштво од Господа дека смртта е обессилена, дека светлината засекогаш ќе владее врз темнината. Ниту една неволја повеќе не е разорна и убиствена, зашто човекот е создаден да постои во вечноста. Кога целосно ќе навлеземе во Христовата вистина, кога ќе се опкружиме и утврдиме во неа, таа непрестајно ќе расте и ќе се оплодува во нашата внатрешност, ќе биде едно со нашата волја, ќе стане благотворен расад во нашата душа. Христос е нашето изобилие, нашиот непресушен извор на добрина и убавина. Он секојдневно нè богати со сјајот што заблеска од гробот. Ние сме апостолите кои жедно ја чекаат утехата за своите солзи, ние сме жените мироносици кои и во добро и во зло во своите срца го чуваат својот возљубен Учител. Без Воскресението на Богочовекот, без Неговата чудотворна сила и премудрост, кој би ги утешил несреќните, кој би им дал храброст на обессилените? Ако во светот не беше внесен неизгасливиот оган на новозаветната вера, секој христијански подвиг ќе ја загубеше својата сила. Воскресенската светлина, како со сончевите зраци ги обасјува сите народи на земјата, а од пред земјините хоризонти се истерува мракот кој постојано се надвиснува. Воскресението е сведок дека Бог, во секое време и во секој час, е постојано со нас присутен. Светата литургија е вечен спомен за смртта и воскресението Христово. Преку Светата причест стануваме верни чеда и следбеници на Воскреснатиот Бог. Со вкусувањето на Неговото пречисто тело и на Неговата чесна крв ние го наследуваме Неговото царство, кое е изградено врз темелот од љубовта. По воскресението Христово, смртта престана да биде ужас и проклетство за човековата природа. Повеќе не умираме како осудени, туку како оние што еден ден треба да воскреснат. При општото воскресение на мртвите ќе го видиме Бога лице в лице, за нас смртта не е конечен крај, туку можност за вечен живот и спасение. Богочовекот е родоначалник на новото човештво, со Неговото воскресение се отвора патот за воскресение на сета човечка природа, на секој човек посебно. Во воскресението на Господа го имаме залогот на нашето воскресение. Христос воскресна и ни подари простување на гревовите и голема милост. Христос воскресна и го исполни целиот свет со радост, а на човечкиот род му ја даде правата љубов. Христос воскресна и ја победи смртта, го уништи пеколот, ја обнови, просветли и овековечи човечката природа, го спаси светот и сè што дише во него. Затоа овој ден е ден на деновите, исклучителна ноќ меѓу ноќите, празник на празниците, радост за верниците. Возљубени мои Македонци и Македонки! Не дозволувајте некој да ни го одземе она што сме. По вера сме биле православни христијани, а по род Македонци, тоа и ќе останеме. Во последно време нашата татковина Македонија крвари од повеќе отворени рани, но сега е правиот момент да ги насочиме своите мисли кон воскресението, да ја сфатиме и усвоиме неговата вистинска содржина. Само така можеме да бидеме народ на Живиот Бог, само така ќе го добиеме Неговиот спасоносен благослов. Над нашите глави силно се надвиснати темните облаци на гревот и неморалот. Упорно некој сака да нè прекрши и одвнатре и однадвор. Од ден на ден тонеме во апатија и незаинтересираност за духовната состојба на нашите души. Секојдневно пред нашите очи се парадира со пароли полни со антиморал и антихристијанство. Некој горделиво се умислил дека е господар на овој свет и дека е повикан да управува со нашите мисли и да ги контролира нашите постапки. Во неговиот демонски план е зацртано целосното обезличување личноста, распадот на семејството, уништувањето на човековиот идентитет и достоинство. Од Бога утврдените норми и правила, уште од создавањето, треба да се преиспитаат и конечно да се пречкртаат. Мажот нема да биде повеќе маж, а жената нема да биде повеќе жена. Некој со сиот памет се дрзнува да си ја земе улогата на моќен седржител. Но како резултат од неговите недела насекаде ќе биде посеана смртта и несреќата. Ваквите горделивци и духовни чудовишта упорно работат против човештвото. За нив сè е дозволено, она што е испревртено и неприродно за нив е достојно за пофалба. Ова според нив треба да биде и озаконето. Како општество, место да се грижиме за сè поизразената стапка на чедоморство, или за тоа што нашите млади луѓе сè помалку стапуваат во брак, што градовите ни остануваат без млада популација, ние својата духовна енергија ја трошиме на нивните бесмислици. Селата ни се осипуваат, нивите ни се неизорани, домовите ни се разурнати, на овие прашања треба да го насочиме нашето внимание. Во опасни времиња живееме. Сега злото се прогласува за добро, а доброто за зло. Гревот станува прифатлив за секого и се прогласува за нешто модерно и нормално. Наместо примери за чесност, доблесност и одговорност, на младите им се нудат лажни идоли и антихерои, наместо живот достоен за воскресение, ни се предлага тивко умирање во бездната на невратот. Драги браќа и сестри! Голема е моќта на верата. Кој го има Синот Божји, тој го има и самиот живот. Не сме сами! Воскреснатиот Спасител, преобразен во Божјата слава, е постојано присутен меѓу нас. Додека ја гледаме светлината од Неговото воскресение и самите доживуваме сила и утеха. Иако понекогаш сме уморни од секојдневните таги, стравови и несигурности, не смееме никако да заборавиме на новиот живот кој нè очекува. Не смееме да заборавиме на нашата непосредна заедница, на нашите семејства кои имаат потреба од љубов и блискост, од радост и утеха. Искрено да му се предадеме на мирот Божји, кој во татковска сигурност го чува секој човек на овој свет. Овој Велигден нека ни биде радосна и лична средба со Живиот Бог. Само споделената радост е вистинска радост! Посакувам секој од Вас да ја доживее радоста на простувањето. Бог нека Ве исполни со благодат и нека Ви дава сила за храбро да истраете во сите предизвици со кои ќе се соочите. Велигденската благодат нека го проникне секое срце, секоја мајка, секој татко, секое дете, секој слаб и болен човек, секоја душа која бара надеж и смисла во овој живот. Господ нека Ве благослови и нека ги излее врз Вас сите Негови благодатни дарови! Христос Воскресе! Навистина Воскресе! Во Велес, На Велигден, 2023-то лето Господово
|