Значењето што го има духовниот отец на патот на нашето
совршенство во Христа истовремено ја открива и неопходноста да имаме, сите да
најдеме опитен и сигурен духовен водач. Тоа е наша обврска и наше право. А нам
ни припаѓа правото на избор, избор што треба да го направиме со големо внимание
штом, како што забележува свети Симеон, „навистина ретки се оние кои вистински
и добро пастирствуваат и ги исцелуваат словесните души“ (Κατηχ. 20, SC 104,
346).
Значи,
потребно е внимание. Не треба да останеме сами, зашто во опасност сме да станеме
плен на душеубиецот, волкот – значи на ѓаволот – или пак, паѓајќи да немаме некој
што би можел да ни помогне да се исправиме, според зборовите на Проповедникот:
„Тешко на еден, ако падне, ќе нема друг, кој да го крене“ (Проп. 4, 10). Но
ниту,
пак, од нерасудливост да не следиме волк наместо пастир, или „неискусен лекар“
при што сигурно е дека ќе добиеме духовна штета или ќе си останеме неизлечени [Πρβλ.
Κατηχ. 20, SC 104, 348 και Επισ.1, (Λόγος περί εξομολογήσεως), εκδ. Κ. Ηοll
(Enthusiasmus und Bussgewalt bein griechischen Moenchtum, Leipzig 1898) σ.
117].
Штом и изборот,
како што рековме, на духовен отец е наше право и му припаѓа на нашиот суд,
пронаоѓањето на искусен духовен водач сочинува совршено еден голем дар Божји.
Затоа свети Симеон советува: „Брате, долго моли Го Бога, за да ти покаже човек,
кој може добро да те раководи, ќе имаш полза ако си му послушен како на самиот
Бог и да ги исполнуваш непоколебливо од него кажаните зборови, па дури и ако според
твоја проценка ти изгледаат дека се против тебе и штетни“ (Κατήχ. 20, SC 104,334).
Истиот учител во неговото 7-мо етичко слово ни
предава еден вид молитва, со којашто можеме да Го молиме Бога да ни испрати
опитен духовен отец: „Господи, Ти Кој не ја сакаш смртта на грешникот, туку да
се обрати и жив да биде, и затоа дојде на земјава, за оние кои пребиваат и се
умртвени од гревот да ги воскреснеш и да им ја покажеш, светлината вистинска,
бидејќи ја гледаш силата човечка, удостој ме и испрати ми човек кој Те знае,
та, служејќи му нему, Тебе да Ти послужам, и Твоите заповеди да ги исполнам,
исполнувајќи ја неговата волја, за да ти угодам Тебе, Единиот Бог и јас
грешниот да се удостојам за Твоето царство“ ('Ηθ.7, SC 129, 186-188).
|