Предговор на книгата за Старец Тадеј |
14.03.2023. | |
Отец Тадеј роден е во Петровац на Млава на 19 октомври 1914 година. Крстеното име му е Тома, бидејќи се родил на неговиот празник. Како недоносенче бил крстен веднаш по раѓањето, од страв да не умре, но со чудо Божјо, веднаш по крштението ги отворил дотогаш затворените очи, покажал знаци на живот и почнал да напредува. Бил одличен ученик, и откако почувствувал монашки призив, заминал кај руските монаси во манастирот Милково на 6 август 1932 год. Таму раководел со манастирот игуменот Амвросиј со отец Исакиј, обајцата чеда и наследници на Оптинските старци. По смртта на игуменот Амвросиј во мај 1933 год., сите руски монаси се разотишле по други места, а Тадеј отишол во манастирот Горњак каде што бил замонашен во 1935 година, а веднаш потоа ракоположен во ѓаконски и свештенички чин. Со уште неколку монаси бил испратен да изучува иконопис во Иконописната школа во манастирот Раковица. Откако добро го изучил иконописот останал во таа школа уште некое време, но поради кревкото здравје и проблеми со дишните ограни, не можел да работи во затворена просторија со мирисот на боите. Во 1938 патријархот Варнава го испраќа од Раковица во Печката патријаршија каде што останал до 1941 год., по што се вратил во Раковица, но во 1948 пак бил испратен во Печката патријаршија, каде што останува како игумен во манастирот во кој тогаш престојувале неколку монаси и 70 семејства на бегалци. Во 1955 заминува во Браничевската епархија кај епископот Венјамин, но во 1957 пак е вратен во Печката патријаршија. По речиси една година конечно преминува во Браничевската епархија, каде што станува старешина на манастирот Горњак. По Втората светска војна бројот на монаси во Хиландар опаѓа, па постоела опасност манастирот да премине под грчка јурисдикција. Затоа многу монаси од Србија посакале да отидат таму меѓу кои бил и игуменот Тадеј. Неколку години претходно на Света Гора заминуваат јеромонахот Наум Миљковиќ (познатиот отец Стефан Каруљски), и уште тројца искушеници, меѓу кои и Бранко Витковиќ (познатиот отец Георгиј). Бидејќи Наум, Бранко и Тадеј планирале да го вратат општежителниот типик во манастирот, во време кога тоа не им годело на сите Хиландарци, па затоа сите тројца морале да го напуштат манастирот. Јеромонахот Наум заминал во рускиот манастир на Свети Пантелејмон, каде што бил замонашен во Велика схима и добил ново име – Стефан. Потоа заминува во најзилотскиот дел на Света Гора, наречен Каруља, каде што ќе се подвизува до крајот на неговиот живот. Истиот тој отец Стефан го замонашува искушеникот Бранко, со ново име Георгиј, и тој се населува во манастирот Русик, каде што бил замонашен и свети Сава, синот на Немања. За овие двајца подвижници се зборува и пишува дека се свети и јуродиви подвижници. Старец Тадеј не бил примен, како што сметал самиот тој, затоа што таму попрво примаат искушеници, отколку постари монаси и игумени, кои веќе имаат стекнато поинакви навики во своите матични манастири. На Света Гора останал само 2 месеца, а потоа се вратил во манастирот Витовница, па во манастирот Тумане, па потоа пак во Витовница. Заради недоразбирања со својот архиереј бива прогонет од манастирот, па го завршил својот блажен живот во домот на Слободан Грубор во Бачка Паланка. Се упокоил на 13 април 2003 година, а погребан е на 15 април во манастирот Витовница. Остана запаметен по неговите поуки, како еден од најголемите духовници, кај кого понекогаш се исповедал и самиот патријарх Павле. По неговата смрт многумина сведочат за чудесни настани кои се случуваат кај неговиот гроб, или од неговите фотографии и икони. „Какви ти се мислите - таков ти е и животот“ – оваа негова поука се рашири буквално низ цел свет и преку неа сите го препознаваат старец Тадеј. Во речиси сиот негов живот бил повлечен во анонимност, и никогаш не излегувал без благослов од манастирот, нешто што го барал и од своите духовни чеда, да бидат послушни на родителите, на духовникот, на игуменот или епархискиот архиереј. Смирението и љубовта, детската непосредност и искреност во односот со Бог и кон луѓето биле одлика на неговиот живот и на неговите поуки, кои во продолжение се изложени. Често пати невнимателни верници раскажуваат разни чуда и поуки кои немаат никаква врска со старец Тадеј, и затоа, добро е да сме повнимателни при читање на неговите поуки кои се шират на интернет страните. Со надеж дека македонскиот православен читател ќе добие голема духовна полза од неговите избрани поуки и од неговиот живот, ја објавуваме оваа книга по 20 години од неговото блажено упокојување. По неговите свети молитви и застапништво пред престолот Божји, Бог да нѐ помилува и спаси. Амин.
Митрополит Повардарски + Агатангел |
< Претходно | Следно > |
---|