Предговор на книгата „Патокази за вечност“ |
6.09.2022. | |
Предговор за делата на Антониј Кониарис Авторот на овие извонредни три беседнички книги, како и на многу црковни книги, отецот Антониј Кониарис, е роден во Бостон, Масачусец, во 1926 година, од побожни родители по потекло од Грција. Неговото богословско образование го завршил на Богословскиот факултет на Светиот Крст во Бостон, каде што извесно време подоцна, работел и како професор. Примил свештенички чин во 1953 година и служел како парохиски свештеник во храмот на Пресвета Богородица во Минеаполис, цели 39 години. Таму служел и проповедал на англиски јазик, и создал многу пријатна и приемчива атмосфера за примање на нови верници, па поради неговите заложби многумина конвертирале во Православие. По неговото пензионирање во јануари 1993 година се посветил на издавачката дејност „Светлина и живот“, којашто самиот тој ја основал во 1968, и преку чии изданија многу луѓе ја запознале и прифатиле православната вера. Неговата попадија се упокоила пред него, во 1991 година, после 42 години брак, а тој се упокои на 15 март 2020 година, на 93 годишна возраст, оставајќи зад себе две деца, седум внуци и петнаесет правнуци. Неговите книги се соодветни за американскиот човек, но и за денешниот модерен човек, изобилуваат со примери од животот, од личното искуство на авторот, и даваат практична примена и решенија за тешкотиите од секојдневието. Поради нивната приемчивост и поучен карактер, неговите книги станале многу популарни на тој континет, а преведувани се и на многу други јазици низ целиот свет. Некои од неговите беседи веќе се објавувани во нашето епархиско списание, а на нашите читатели им е веќе познат по книгата „Скапоцености од неделните Евангелија на Православната Црква“. Ова тројно издание го печатиме и посветуваме за секој православен Македонец, кој се интересира за Православната вера, за секој верник, како и за сите сегашни и идни свештеници, и веруваме дека преку неговите проповеди многумина ќе најдат одговори на нивните дилеми, многумина ќе научат нови работи за верата и духовниот живот, а на свештениците ќе им биде пример за тоа, како треба да се служи на Бога и на народот, и како да се проповеда Христовото Евангелие, најпрво со својот живот, во и надвор од храмот, а потоа и со зборови. Да читаме и да се подвизуваме, да се бориме во духовниот живот, да бараме од Бога благодат, и оваа благодат да ни ги просветли умовите, да ни го осветли патот по кој треба да одиме, и да нѐ научи на сѐ што ни е потребно, сега и секогаш и во сите векови. Амин! Митрополит Повардарски +Агатангел |
< Претходно | Следно > |
---|