Професор Ѓакон Илија Петров 4.9.2022 Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Ваши Високопреосвештенства, чесни отци, почитувани професори и возљубени ученици, Светол поглед срце радува, добра вест коски храни (Изреки 15, 30). Стоејќи пред вас, гледајќи ја и сведочејќи ја заедницата во Христа, која ја сочинуваме сите заедно, собрани во домот Господов, ви се обраќам вам, радосно честитајќи ви го, од сѐ срце, по милоста и благословот Божји, почетокот на новата учебна година во нашата духовно-образовна обител. Возљубени, Денес го сведочиме и присуството и заедничарењето на нови членови во нашево христијанско и богословско семејство, односно нашите нови собраќа и ученици од првиот клас. Со таа цел, им се обраќам и ним, посакувајќи им најтопло добредојде. Имено, денес се одбележува почетокот на нов период во вашиот живот, но и во вашиот духовен растеж. Со самото ваше присуство се посведочува дејствието на сесовршената и добра волја Божја помеѓу вас и во вас, која ве упатува, преку јаремот Христов, да им служите на светот и луѓето. Личноста, која зачекорува по патот на богословското образување, треба трезвено да размислува и само на тој начин, со чисто срце, да пристапи кон овој сериозен призив и подвиг, кој пред сѐ дејствува внатрешно. Личноста, која ги прима светите чинови на Црквата, е повикана да ги води луѓето во Христа. А, што би им понудила таквата личност, доколку самата не се стреми кон духовно совршенство? Та затоа, нашата света Црква, исполнета со Духот Свети, премудро устроила во нашата Македонска православна богословија секојдневно заедничко учество во богослужбите, скромно и смирено извршување на секојдневните послушанија, читање и поучување од светоотечките дела и останатите душеполезни писанија, како и ревносен подвиг во молитвеното правило, соодветното и правилно исполнување на постите, но и останатите задолженија кои соодветсвуваат на предвидената духовно-образовна програма и претставуваат суштински компоненти за духовно развивање и напредување. Сепак, кога говориме за личниот духовен подвиг, не смееме да заборавиме еден непобитен факт, а тоа е дека вистинското себељубие се исполнува само во вистинската љубов кон нашиот ближен, бидејќи само на тој начин Го љубиме Бога и ние го изобразуваме вистински Неговото тело. Љубовта е слободно и заемно дејствие. Онаму каде што нема љубов, нема ниту слобода. Токму затоа, светиот апостол Павле, преку својот возвишен духовен опит, мудро пишува: Љубовта нека не биде лицемерна; отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто; еден спрема друг бидете љубезни со братска љубов: натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг. Во усрдноста да не сте мрзливи; духот да ви биде пламенен; служете Му на Господа; бидете радосни во надежта; во маката бидете трпеливи, а во молитвата постојани (Рим. 12, 9-12). Возљубени, Во овие години на оформување на идни пастири, со сигурност, ќе почувствувате благослови, но несомнено ќе се сретнувате и со најразлични искушенија. Синко мој, ако сакаш да Му служиш на Господа, приготви ја душата своја за искушение (Сир. 2, 1). Многу од искушенијата, можеби, ќе се должат како последица на модернизмот во кој живееме, кој сам по себе, носи нездрава преокупираност со збиднувањата во светот, но и како последица од постојаното бдеење на социјалните мрежи. Со цел, да се заштитите од искушенијата ве советувам да ја намалите употребата на социјалните мрежи, истовремено силно охрабрувајќи ве да ја култивирате навиката да разговарате со Бога, преку молитвата и читањето. Стремете кон преобразување на помислата, која современиот свет ви ја наметнува, за овдешниот специфичен – општежитиски начин на живеење, дека прилега на затворски или робовски. Верувајте, Оти повиканиот во Господа роб, станува Господов слободен; исто така и повиканиот слободен станува роб Христов. Вие сте скапо платени: не станувајте робови на луѓе (1 Кор. 7, 22-23). Сè има свое време, и секоја работа под небото има свое време (Проп. 3,1). Токму сега, се исполни времето за единствената ваша цел, а тоа е достојно да се подготвувате себеси, за да би се оформиле во добри пастири на Црквата Христова, а не во наемници. Оттука, да се водиме по Светиклиментовите поучни зборови да бидеме Божји угодници и вистински христијани, а не само по име. Целосно да му се предадеме Нему, но пред сѐ, да ја допираме земјата со својата глава пред Него, а не да им се закануваме на нашите браќа со неа₁. Возљубени, Да се угледаме на свети Климента, како што тој се угледал на Христа; да се угледаме и на нашите претци – Солунјаните, кои примајќи го дарот на Светиот Дух се удостоиле да постанат образец за сите верни, не само во Македонија, туку и ширум светот₂, та преку тоа, да засветли пред луѓето нашата светлина, да ги видат нашите добри дела и сите заедно да Го прославиме нашиот Отец Небесен₃! Амин!
-------------- 1. Свети Климент Охридски, Собрани дела: Слова, поуки, житија, стр. 382. 2. 1 Сол. 1, 7-8. 3. Мт. 5, 16.
|