Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Беседа - г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски
Беседа - г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски
5.09.2022.

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски

БЛАГОСЛОВЕНА УЧЕБНА ГОДИНА! [1]

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Со благодатта на Бога сум тоа што сум...“

(1 Кор. 15,10)

Ваше блаженство, ваше високопреосвештенство – почитуван ректоре,

почитувани професори и воспитувачи, најмили ученици,

             Ми претставува чест што денес, во оваа прва недела од септември, кога повторно се отвораат вратите на училиштата ширум нашата татковина и кога повторно започнува да се слуша дечкиот чагор во училниците – сум дел од ова литургиско заедничарење во овој велелепен параклис на нашето единствено Средно богословско училиште, каде традиционално како секоја година, така и оваа со благодарствени молитви упатени кон Бога Создателот на светот и човекот и преку молебното пеење го испросивме Божјиот благослов за успешен почеток на Новата учебна година и ја добивме благодатта на Светиот Дух, која како што чувме од молитвите на призивот ни е насушно потребна за да се „отворат нашите умови и усти, за да се просветлат нашите срца за да го примиме полезното учење“. Без Божјиот благослов и без Неговата благодат невозможно е човекот да ги прими и разбере душеполезните учења, кои вие секојдневно ги учите во ова наше прекрасно школо, каде сите вие треба постојано да се трудите да израстете во вистински богослови и сведоци на Христовото евангелие.

На тој спасоносен пат полн со предизвици и искушенија, вистинска помош во борбата за достигнувањето на вашата зацртана цел ни е Божјата благодат, која е сила Божја и посебен Божји дар, но и и љубов и милост Божја, која секој човек ја добива од Бога преку светите тајни како посебен вид на помош која ни се дава заради наше осветување, морално усовршување и спасение. Но од нас самите, од нашиот живот и дела, односно од нашата слободна волја зависи дали ќе успееме да ја задржиме благодатта во себеси и дали ќе се раководиме според неа. Од денешното литургиско апостолско четиво дознаваме дека благодатта и слободната волја на човекот се тесно поврзани - благодатта и помага на слободната волја и обратно. Сите ги слушнавме Павловите зборови: „Со благодатта на Бога сум тоа што сум и Неговата благодат, која е во мене, не остана празна, но повеќе се потрудив од сите нив само не јас, туку благодатта Божја, која е во мене“ (1 Кор. 15,10). Значи, да се биде во заедница со Христа зависи не само од благодатта, туку и од нашата слободната волја. Хармоничната соработка меѓу благодатта Божја и слободната волја на човекот е неопходен услов за извршување на подвигот на спасението од почетокот, па до крајот.

            Затоа, драги мои, и сите ние заедно треба да се трудиме Божјaта благодат, која што и денес преку молитва ја испросивме да ја задржиме во себе и истата да ја умножуваме преку верата, надежта и љубовта кон Троичниот Бог. Тој сите нас нè обдарил со дарови, но ние треба да се трудиме тие дарови да ги умножиме за време на нашиот живот. Сите вие за време на оваа учебна година, како и во текот на целокупното школување, треба да вложувате труд во совладувањето и во практикувањето на Христовата наука и евангелски начела, а тој ваш труд и добри дела ќе бидат наградени од Семилостивиот Бог, Кој ве избра и вас како и апостолите за негови ученици и Кој на сите денес како на Педесетница ни го испрати Светиот Дух – Утешителот, осветувајќи ги најпрво даровите, а потоа и очистувајќи ве и просветлувајќи ве сите вас за да она што овде ќе го научите го искористите за ваше спасение и ваше духовно растење и секако за доброто на Црквата и народот Божји.

 Почитувани,

Во овие облагодатени мигови на сите Вас ви посакувам срдечно добредојде во Богословијата, а особено на новодојдените ученици од првиот клас. Вие мили деца не се наоѓате случајно денес во овој наш Светиклиментов расадник, туку според Божјата неискажлива промисла се наоѓате тука во оваа нашата педагошко-богословска институција, која го носи името на основоположникот на нашата Македонска православна црква – Охридската архиепископија, на светиот Климент Охридски, кој е и патрон и непосреден духовен водач и на ова училиште. Богословијата е наследничка на Светиклиментовиот универзитет и по неговите свети молитви таа функционира и работи веќе цели 65 години и на тој начин активно го продолжува Светиклиментовото дело, давајќи им го потребното образование на повеќето сегашни и идни кадри на нашата Света автокефална црква. Непроценливо е значањето на МПБ за нашата Црква, а особено за народот Божји, кој е жеден за Христовата вера, која е вера на спасението.

За време на вашето школување во Богословијата преку поучувањето во христијанските норми, преку секојдневните молитви и евангелски поуки, преку примерот на светителите и нивните житија, како и преку постот, покајанието и исповедтта вашата вера ќе постанува животворна и од неа секогаш ќе призлегуваат надежта и љубовта кон Бога и ближните, кои се двете најголеми христијански заповеди (види повеќе: Матеј 22, 37-40). Стекнувајќи ја таа вистинска љубов, обожени ние постепено го стекнуваме вечниот живот – ја достигнуваме вистинска цел на нешето богословско образование. Таа љубов ни помага вистински да ја спознаеме верата и да ја практикуваме на дело Христовата наука, која ја учите во Богословијата. Искористете ги богословските денови за просветлување и трудете се да стекнете христијански етос и да се соедините со Христос Бог, Учителот над сите учители, Кој е извор на животот, и на секое добро. Вистинското сооеднинување со Христос е за време на Божествената литургија на која благодарејќи Му на Бога, ние стануваме учесници во литургискиот живот на Црквата и благодатно го предвкусуваме Царството Божјо и напредуваме во откривањето на патиштата на Богопознанието и во совладувањето на науката над сите науки - на теологијата, која е света наука, откриена од Самиот Господ, Премудроста Божја. Поради тоа богословските школи, пак се највозвишени, а свештеничкиот служба, призивот да се служи е посебен дар, и иако станува збор за  тешка служба, сепак нема ништо поубаво и поблагословено од тоа да Му служиме на Бога и на неговиот народ. Затоа сите вие треба со посебен елан и со голем труд на одговорите на тој Божји повик и достојно да го носите името богослов, припремајќи се за идната служба на Нивата Господова.

 Возљубени Светиклиментови чеда,

Со радост ја прифатив поканата на Вашиот ректор, мојот собрат, Митрополитот повардарски г. Агатангел денес да сум со Вас на ова литургиско собрание. Секое доаѓање тука ми буди пријатни спомени. Доаѓајќи кон овој наш расадник ми се навратија спомени од пред 25 години кога за прв пат и јас како секој од Вас го пречекорив прагот и влегов во оваа духовно училиште, каде го поминуваме времето во учење на богословската наука и во молитва кон Бога. Постарите богослови се запознати со специфичниот ритам на богословското образование, но во овие мигови чувствувам потреба да се обратам на учениците од прва година и да ги охрабрам со Христовите зборови „Не бојте се!“ (сп. Матеј 28,5). Сите ние сме биле на Ваше место. Со Божја помош, по молитвите на Неговото блаженство, со родителска поткрепа од ректорот и вашите професори брзо ќе се навикнете на новиот интернатски начин  на живот и на двата ритами, неодвоиви еден од друг: часовите и богослужението, бидејќи теолошката наука извира од молитвата, од Литургијата. Теологијата не можеме да ја одвоиме од Литургијата и од Црквата. Надвор од литургиско подвижничкиот живот нема теологија, нема заедница со Бога и нема спасение. Нема вистинско богословие без правилна молитва, без учество на Светата Литургија, која е извор на молитвата и верата. Не можеме да богословиме без молитва, како што не можеме да се молиме без знаење на верата. Знаењето и верата постојано одат заедно. Затоа најважно од сѐ на почетокот од Вашиот духовен развој и растење е да се научите на вистинска молитва. И светите отци посочуваат дека вистински богослов е само оној што се моли. Нека оваа богословска капела биде Ваше постојано молитвено пребивалиште, место каде во овие пет години ќе израснете во вистински богослови.

Денес во Богословијата ги имате сите услови за телесен и духовен раст и секако за интелектуално развивање и изградување на личноста преку православното воспитание, кое треба да  го овозможи вашиот развој најнапред како личности отворени кон Бога и другите луѓе, способни длабоко да ги разберат потребите на човекот во новото време, потоа да ја согледуваат цивилизацијата и културата во која што живееат, историските процеси и достигнувањата во творештвото и другите области, во секој момент да се подготвени да пронајдат рамнотежа помеѓу себе и заедницата, да го раберат, преиспитаат и вреднуваат сопствениот однос кон секој човек како неповторливо битие и секако да постанат личности спремни на преумување, на секојдневно покајание, на самоограничување и жртва за другиот, а со тоа и личности подготвени да ја пронајдат вистинската слобода во животот сфатен како заедница со Бога и другите луѓе. Овој образовно-воспитен пат кој треба сите вие да го поминете за да соодветно се припремите за идиот позив не е лесен. Но тоа не треба да значи дека вие треба да се затворите само во светот на книгите и библиотеката. Потребно е да направите баланс и да најдете време и за спортување, за да изгледате некој добар филм и што е важно да се дружите меѓусебно. Најважно од сѐ на почетокот, односно во текот на вашето богословско школување да стекнете страв Божји, кој е „почеток на мудроста“ (Псалм 110,10), а според зборовите на премудриот Соломон: „стравот од Господа запазува и од гревот“ (Изреки 15,27). Особено е важно да се трудите да живеете вистински христијански живот, а таков живот единствено се живее доколку она што го учите, она во што верувате и го знаете истото и го практикувате, бидејќи „верата без добри дела е мртва вера“ (сп. Јаков 2,17-20). Всушност измеѓу верата и вистинскиот духовен живот, измеѓу знаењето и правиот духовен живот нема разлика. Затоа, драги ученици – најнапред да научите да живеете во согласност со Христовите заповеди, бидејќи само преку таквиот живот и подвиг ние го стекнуваме вистинското знаење. Учејќи, сите науки се корисни само доколку ги оплемениме со вера, молитва, труд, ако ги оплемениме со љубов кон Бога, кон ближните свои, кон државата и кон народот. Посакувам сите од Вас да стекнат вистински богословско-литургиски живот во ова училиште, да стекнете заедница со Бог преку молитвата и личниот подвиг и ова училиште да го направите место каде ќе владеаат мирот, слогата и радоста.

Почитувани професори и воспитувачи,

Вие сте клучот за здобивање на квалитетно образование. Покрај родителската, од овие мигови наша и ваша е должноста да ги воспитаме овие деца и од нив да создадеме вистински луѓе. Овие ученици тука се нашето најголемо богатство и од нив зависи иднината на нашата МПЦ-ОА и грижата за народот Божји. Знам дека секој од Вас вложува голем ангажман во правилното усмерување на воспитанието на овие наши ученици и тоа не само во усвојувањето на знаења од одредени животни и научни области, туку и во нивното насочување во тајните на вистинското образование, кое пред сè го означува обновувањето на образот Божји во човекот, обликувањето на човекот по Првообразот, по Образот на Оној кој го создал, т.е. во будењето на човековата боголикост. Освен професорите, кои по благослов на нашата Црква се тука да Ве воведат во тајната на богословието, да ве воведат во тајните на исправната молитва, правилната вера и животен подвиг апелирам и до постарите ученици да бидат постојан пример на помладите генерации, а особено на најмладите помеѓу нас кои сега го почнуваат своето петгодишно образование. Од матурантите се очекува да покажат вистинска христијанска љубов и со тоа на дело да покажат што значи да се биде вистински богослов, каков треба да биде еден ученик во Богословија, и што значи подготовката за примање на свештеничката служба. А сите ученици заедно од први до петти клас постојано треба да покажувате вистинска почит кон Вашите претпоставени, кои се ваши духовни отци и вероучители, учители кои во рамки на својата педагошка дејност аналогно на Христовите зборови: „Одете и научете ги сите народи“ (Матеј 28, 19) со љубов ве воведуваат во тајните на православната вера.

Возљубени,

Живеејќи во заедница, како едно големо семејство во овој наш македонски расадник ќе мора да воспоставите личносен однос едни со други вотемелен на вистинска љубов, доверба и почитување на богословскиот правилник. Само во една таква атмостфера на взаемно почитување едни со други убаво и радосно ќе ви поминуваат заедничките мигови. Кога ќе стекнете меѓусебна доверба тогаш се раѓа и пријателството. Секогаш пример нека ви биде односот на Христос со апостолите и обратно. Кога апостолите тргнале по Христос, тие не Го познавале, но слушајќи го Неговото слово поверувале во Него. Исто така и учениците треба со доверба да гледаат во своите духовни отци и наставници, кои пак се должни со својот пример да им ја покажуваат на учениците – верата, бидејќи единствено така можеме вистински да ги приведиме и научиме во вистинска вера. Од денешното прочитано евангелско четиво, за време на молебниот ги слушнавме Христовите зборови: „Оставете ги децата да приоѓаат кај Мене и не пречете им, зошто на такви е Царството Божјо. Вистина ви велам: кој не го прими Царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него“ (Марко 10, 13-16).  А на друго место се вели: „А кој соблазни едно од овие мали, за него е подобро да му се обеси воденичарски камен на вратот и да потоне во морската длабочина“ (Матеј 18,6). Значи сите ние сме должни со својот пример, со својата вера  да им покаже знаење и да ги учиме и насочуваме своите ученици во верата Христова, имајќи доверба во нив, а пак учениците треба обратно да имаат доверба во нас и да се усовршуваат во Господа за радост на своите родители и Светата црква. Ви посакувам во духот на меѓусебната довербата да ви помине оваа школска година. Сите ние треба да имаме доверба во младите генерации, но тие треба да ја оправдаат таа дадена доверба  и да имаат доверба во нас дека целокупниот живот во ова училиште е спасоносен. Можеби тоа во овие мигови многумина не можете да го сфатите, но во текот на понатамошниот животот ќе го разберете тоа што сега не можете да го сфатите. Запомнете дека сѐ се гради и напредува со доверба и верба. На доверба се гради верата. Ние имаме доверба во Господ, а Господ има во нас – тоа е нашата вера.

 Почитувани,

            Се надевам дека во текот на оваа календарска година ќе стекнете многу знаења и дека истите ќе ги пратикувате во вашето однесување и во постапките. Дружете се едни со други, имајте мир и љубов помеѓу себе, бидејќи само така сите „ќе спознаат дека сте Христови ученици – само ако имате љубов помеѓу себе!“ (сп. Јован 13,35). Никогаш не делете се едни со други. Заборавете на кавгите, раздорите и поделбите. Секогаш помагајте си едни со други, сочуствувајте едни со други во секој поглед. Користете го секој момент да научите нешто ново. Знајте дека времето поминато во учење е една од најважните инвестииции во сопствениот развој. Затоа читајте и истражувајте, пишувајте и творете, постајано молете се, пејте и преиспитувајте се. Со еден збор кажано искористете ја вашата младост и вложете во развој на вашата личност. Бидете вредни и успешни. Слушајте ги вашиот ректор и професорите, трудете се и редовно одете на богослуженијата и да стекнете солидно образование и знаење, бидејќи сето тоа ќе биде за ваше добро и за радост на вашите најсакани родители. Никогаш не откажувајте се од зацртаните цели, силно борете се со сите искушенија, кои ќе ви се појават на патот кон спасението за време на Вашето школување. На таков начин ќе пораснете и физички и духовно, ќе постанете добри луѓе и по Божјата милост и добри свештеници и духовни водачи на нашиот напатен македонски народ, кој тоа го заслужува. Немојте да мислите дека тоа не е можно. Преку вашиот труд, со Божја помош и благодатта сѐ е можно.

Тука, секогаш  за вас се и вашите одлични професори, кои се и ќе бидат ваша постојана поддршка, инспирација и поттик во вашиот напредок на чело со Вашиот ректор, кој веќе долги години и покрај големите активностите кои ги носи епархиското служење, вложува значаен труд за развој на оваа наша славна Богословија. Ја користам оваа прилика да му се заблагодарам за поканата, за денешното заедничарење и за можноста да ви се обратам.

На крај од ова мое слово, дозволете почитуван ректоре, почитувани професори и драги ученици да Ви посакам среќен и од Бога благословен почетокот и успешен крај на новата школска година! По молитвите на светиот Климент Охридски, патронот и заштитникот на ова духовно школо Бог нека Ве благослови и со Својот Свет Дух сите нека Ве просветли со „светлината на Своето богопознание и нека Ви дарува здравје, и долг живот за градење и слава на Црквата“.

Благодатта на нашиот Господ Исус Христос, љубовта на Бога Отецот и заедницата со Светиот Дух да бидат со сите нас.

Нека е за многу години!

Амин!



[1]Беседа изговорена на Литургијата и Молебенот за почеток на новата учебна година, во параклисот на Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во нас. Драчево, Скопје, на 04. 09. 2022 (12-тата недела по Педесетница – Свети мч-ци Агатоник, Зотик и Зинон и др., св. мч-чка Антуса).

 
< Претходно   Следно >