Проповед за игуменот Јоаким Крчовски |
23.05.2022. | |
Ваше Блаженство, Ваши Високипреосвештенства, Ваши Преосвештенства, преподобни отци Архимандрити и Игумени, чесни и благочестиви оци и свештенослужители, возљубени мои браќа и сестри Македонци и Македонки! Христос Воскресе! Љубовта кон својот народ и кон својата татковина е наследна, бидејќи се учи и пренесува од татко на син, од дедо на внук. Оваа љубов никако не може да биде наметната, туку природно се наследува, исто како што е наследен и генот во секое зрно и во секое семе, од кое преку Божјиот дух се зачнува и расне сé што дише и сé што живее во овој свет. Македонскиот народ, неколку векови, тивко и молчаливо го трпел и поднесувал духот на темнината, кој преку своите цврсти и мрачни окови му ги беше врзал рацете и нозете, за овој да не може да го гради и изградува Домот Христов - Домот на светлината. Од зраците на оваа светлина, уште од апостолски времиња е преземена благодатта, од која пак до ден денеска е составена македонската христијанска душа. Впрочем, вакви охристовени и продуховени црвени крвни клетки бијат во македонското срце и душа, кои никогаш не престанале искрено и силно да повикуваат од својата длабочина: Осана во височините, благословен е Оној што доаѓа во името Господово! Ако телото, рацете и нозете можат да бидат врзани, тогаш духот, кој е Троичниот печат врежан во внатрешноста на човекот, е истовремено и Божјиот никулец на човековата слобода. Он е налик на водата која незапирливо истекува, и која наоѓа начин за да си го пробие патот од длабините на мракот и подземјето, за потоа да бликне во извор на жива вода од кого со векови подоцна ќе се напојува секој добронамерен патник- намерник. „Еве писам на простејши јазик, ради ползованија на некнижних человеков“ - ќе нагласи во заглавјето на своето пишано Слово нашиот возљубен отец преподобниот Јоаким Крчовски, кој далекувидно ја сфатил временската епоха во која живеел, и кој правилно го проценил историскиот момент, па пророчки согледал дека е пастирски полезно да му остави во вековно наследство на својот народ и на својата паства пишано дело, врз кое, како врз цврст темел, ќе биде изградено духовното здание на македонското христијанство, но и на македонската световна култура, воопшто. Токму заради личноста и делото на св. Јоаким Крчовски, и ден денеска од македонскиот народ духовникот се доживува не само како свештенослужител, туку и како општествен делатник. Он самиот бил личен сведок на забраната и укинувањето на Охридската архиепископија, на подмолните игри и интриги, кои како вековната неправда кон побожниот македонски народ се протега и до денешниот ден. Он е нашиот народен премин, од неговите раце е породена целата наша преродба. За едни, он го изодил патот до печатниците во Будим, а за други - ги нацртал контурите на идната македонска просвета, која единствено може да биде делотворна доколку е потпрена врз прекрасниот лик на Исуса Христа. Неговото лично пастирствување е втемелено врз стравот Божји од кого произлегува секоја правда и мудрост. Од ова спасоносно библиско начело, го развивал својот личен и општествен поглед на светот. „Затоа браќа и сестри“ - пишува отец Јоаким - „да живееме со страх Божи, зашто дјавол ест књаз на овој век, ходи по човеци и рика страшно како арслан... боде и бие, им зема вера и им краде ум, да не мислат греховете и да заборават умирање... тие се стрелите дијаволски... оние кои мислат земно, за стока за имот, сос души и снаги се у темници.“ Свети Јоаким Крчовски е нашиот неоткриен Златоуст. Он истовремено е и нашиот скапоцен патник-проповедник, кој во време-невреме, кога во македонската земја бегот бил неприкосновен и безпоговорен владетел врз смртта и животот, неустрашиво газел низ источните краишта на поробена Македонија и посветено го сеел и полевал семето на христијанската просвета, која во себе како основна нитка го чува и пази Словото Божјо. Св. Јоаким, по примерот на великите и слаткоречиви апостоли, со огромна љубов и духовен жар ја проповедал меѓу народот Радосната вест од Христовото Евангелие, дека овој живот е краток и неизвесен, дека е исполнет со неправди, маки, страдања, ропства, понижувања и прогони, и дека нему не се туѓи бројните човечки неправди, но ќе дојде време на Божјата правда и вистина, кога ќе бидат подмирени сите долгови, кога самото време ќе стане вечна сегашност во лоното Авраамово. „Вие видите на овој век, колку има големи страхови, кога фанат некого во кабаат, тој човек од страх ум загубуе. И гледа страшно и грло му се исушуе и крвта од лицето му се губи, тога и ништо не му е мило од овој век. Ами гледа по човеци, дали има некој да го куртулиса од таја љута смерт. Таков е страх кога се човеци исповедат за што се грешни и нихни души се заробени... и духовник отвора рај на души христијански и им дава крила да летнат на него. Чуете ли колко е силно сјатое исповедание!“ - вели преподобниот отец наш Јоаким. Делото на свети Јоаким е народно дело, чист филигран од злато и сребро на македонскиот православен народ. Стотици македонски еснафи, села, градови и поединци, со свои средства и лични напори го помогнале и поттикнале печатењето на неговите книги. Народна била жедта и гладта за слово и знаење, а Јоакимова била љубовта, посветеноста и наукот за преслаткиот Богочовек Христос. Тој, како јазик во своите проповеди не зел некој од јазиците на поголемите соседни словенски народи, туку го избрал јазикот на своето стадо, изразот на обичниот и едноставен човек, кому на ист таков едноставен и непосреден начин секојдневно по раскрсниците од неговиот живот и во Божјиот храм му се обраќал. На овој начин, преку Божјата промисла, преподобниот Јоаким самиот за нас станал правило на верата, се претворил во благочестив пример и урнек за секој иден македонски свештеник и проповедник, за секој подоцнежен општествен делатник, за секој борец за слобода, за секој македонски научник, уметник и интелектуалец. Во делата на свети Јоаким е изр’тен коренот на нововековното македонско беседништво, од неговото дрво е позајмена гранката од која и ден денеска се калеми секоја христијанска душа во нашата татковина Македонија. Сето ова е сосема доволно за да му биде вечен и светол поменот на праведниот Јоаким Крчовски, но тој направил и многу повеќе. Преданието зачувано од неговите духовни чеда и потомци вели дека бил неуморен работник на нивата Господова, кој честопати пешки ги посетувал селата и градовите на североистокот од македонската земја и со добар збор и личен пример ја утврдувал верата кај секој Христољубец, но и ја бришел секоја потечена солза од неправдите и тешкотијата на животот. Неброени се душите кои отец Јоаким ги спасил и преобразил, и кои како понадица, како чиста пченица ги принел на Господа. Безбројни се и душите што после неговата смрт, преку неговите дела, го нашле тесниот пат на своето лично покајание и преумување. Токму заради тоа е свет и осветлен ликот на преподобниот Јоаким. Токму заради тоа е и неизмерна и огромна нашата благодарност кон него. Светителот е чувар на образот Божји - он е икона Христова, удостоена за прослава и вечно поклонение. Денес, светата Македонска православна црква - Охридска архиепископија го вбројува преподобниот Јоаким во редот на светиите. Сите добро знаеме дека Јоаким Крчовски, нашиот верен македонски православен народ, од секогаш го доживувал како светител. Неговото вечно почивалиште е повеќе од двеста години посетувано од православните поклоници. Ова што денес се случува е само потврда на вековната народна желба, запечатување на македонската народна православна реалност, овековечување на споменот, определување на денот и датумот кога вечно и одново, и пак и пак, со почит и молитва на него ќе се сеќаваме. Нашата генерација пред себе има толку многу предизвици. Борбата за македонското име и за македонската црковна вистина сé уште не е целосно извојувана. Но еве денес, посака Господ и благоволи од Своето Свето живеалиште и рече: Еве ѝ на вашата совест уште еден прославен војник, уште еден добар пример, кој ќе ви биде или за слава или за посрама. Неговата чистота е неприкосновена и безпоговорна, но вам, зависно од вашиот избор, или ќе ви биде одличје на вашето срце или ќе е поруга за вашата гревовна слабост. Он, заедно со свети Климента, ќе биде судија на вашата совест. Он најпрво ќе праша дали бевте добри домаќини и верни наследници. Го вадевте ли цвеќето, го чувавте ли имотот, или како наемници дозволивте волци во овчи кожи да навлезат и брутално да го ограбат она што со векови и со крв е платено и стекнато. Овие прашања, секој од нас пред себе ќе треба да си ги постави. А свети Јоаким Крчовски, преподобниот и праведен отец наш, постојано и во вечни времиња нека нé пази и закрилува. Неговите свети молитви нека ни бидат помош и заштита во сите дни од нашите животи. Македонија раѓала и ќе роди многу синови и ќерќи, кои во агонијата и бесмислата на овој свет, од длабоките духовни недра ќе го ископаат и ќе му го пружат на верниот народ лекот на бесмртноста. Христос Воскресе!
Митрополит Повардарски †Агатангел (Станковски) |
< Претходно | Следно > |
---|