Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Велигденско послание на Митрополитот Агатангел
Велигденско послание на Митрополитот Агатангел
18.04.2022.

Велигденско послание 2022

† А Г А Т А Н Г Е Л

ПО МИЛОСТА БОЖЈА

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ,

НА СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, ОДНОСНО ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА, А ПО ПОВОД ВОСКРЕСЕНИЕТО ХРИСТОВО  - ВЕЛИГДЕН, ИМ ИСПРАЌА АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ И МИР ОД БОГА

Возљубени чеда во Христа воскреснатиот,

Самиот збор „пасха“ значи премин, преминување, а доаѓа од старозаветната историја за преминувањето на Израилците под раководството на Мојсеј, преку Црвеното Море, и нивното избавување од ропството кај Египќаните. Фараонот е симбол на гревот, на страстите, на ѓаволот, а денешен Израил сме сите ние, православните христијани, кои сме крстени во името на Света Троица. Најголем непријател на човекот е гревот, затоа што преку него и заради него смртта влезе во нашиот живот, а сѐ додека постои смртта како најголема закана и крај на нашиот живот, сѐ дотогаш човекот не може да биде среќен. Големината на воскресението е токму во тоа, што Христос Господ, без ничија помош, слезе во длабочините на пеколот, ги ослободи сите таму заробени, и Самиот Он воскресна, и со тоа ни даде можност на сите православни христијани за вечен живот. Оние кои се активен дел од Црквата, оние кои се причестуваат редовно со Телото и Крвта Христови, тие се соединуваат со Христос, и со Него сострадуваат, со Него умираат и со Него ќе воскреснат, затоа што станале Негови клетки, Негови органи, Негови делови. И затоа што биле дел од Телото Христово, затоа што се потрудиле во духовниот живот и растеле, станувајќи подобни на Христа, ќе го наследат рајот и вечниот живот. Верата во Воскресението Христово ни е гаранција и утеха, дека смртта не е крај, дека нашиот живот продолжува и после овој живот, а за да ја добиеме вечноста, вреди да се потрудиме додека сме тука на земјава.

Возљубени мои чеда,

Во текот на изминатиов период беа започнати и довршени повеќе градежни активности, па така, се ставија темели за нов храм во Градско, се довршува храмот во Превалец, се сликаат нови фрески во храмот во Демир Капија, манастирскиот храм во Согленскиот манастир се подготвува за нов фрескоживопис, а во текот на оваа година ќе имаме осветување на неколку свештени објекти: храмот на Свети Јован Крстител во Велес, храмот на Свети Георгиј во Пирава, манастирските конаци во Полошкиот манастир. Исто така започнавме со издавање на беседите на свети Јован Златоуст, дело кое е многу значајно за изградување на интелектуалното ниво на клирот и верниот народ на нашата Света Македонска Православна Црква. Покрај овие томови од Златоуст, во оваа година имаме и реизданија на повеќе наши дела, што говори дека македонскиот православен верник сѐ повеќе сака да чита, сѐ повеќе сака да расте во верата.

Возљубени мои, православни Македонци

Македонскиот народ го градел својот етос, својот традиционален дух врз темелите на Православната вера. Во дијаспората сите соседни црква признаваат дека најдобри и најкротки верници им се Македонците, кои од немај-каде одат во други цркви. Сите препознатливи и квалитетни особини на автентичниот Македонец се дело на православната вера, која беше насадена овде уште од светите апостоли, а беше одржувана од многуте светители како Еразмо Охридски, Кирил и Методиј, Климент и Наум, и нивните ученици и наследници, потоа од светите новомаченици кои не ги штедеа ни своите животи, не ја жалеа ни својата младост за да ја посведочат својата вера пред суровите неверници и да ја пролеат својата невина крв. А крвта на мачениците стана семе за уште нови христијани. Ако овие наши претци се штедеа себеси, ако овие наши херои во верата го засакаа удобниот живот, тогаш уште одамна ќе немаше ништо христијанско во нашава денешна Македонија. Материјалистичката и користољубива ориентација, атеистичкиот дух кој преовладува во Македонија и во кој се воспитувани многу генерации, нѐ доведе до тоа да немаме веќе херои, да немаме веќе гласноговорници на вистината, туку само подли и ситни души, кои за помалку од 30 сребреници би се продале и себеси и државата. А за да нема народот можност за освестување и бунт, затоа Црквата е постојано на ѕидот на срамот, затоа свештениците се постојано напаѓани, затоа постојано се објавуваат скандали за Црквата, а кога нема такви, дури и се измислуваат – сето тоа со цел народот да ја замрази својата Мајка Црква, од која добил крштелна благодат, од која добил азбука и писменост, од која ги добил сите историски убавини и квалитети со кои се фалат дури и безбожниците.

Возљубени мои,

Пред да воскресне Господ Исус Христос, најпрво беше предаден од страна на апостолот Јуда. Но, не беше Јуда единствениот предавник на Христос. Поголема вина носеа и другите апостоли, кои го предадоа Господ со своето спиење и рамнодушност. Тие дремеа и му дозволија на Јуда да го изврши предавството на Господ. И денес во Македонија сите ние сме сведоци на најголеми предавства, пазарења со името, јазикот, идентитетот, и никој од народот не реагира на тоа. За време на пандемијата нови нетрадиционални антивредности се воведуваат на широка врата во Македонија, во земја која својот етос, својот дух го изградила врз Евангелието и православната вера. Насила се воведуваат промени во свеста на луѓето, при здрав разум и свест сите трпиме силеџиски промени, кои ниту биле, ниту ќе бидат некогаш прифатени од традиционалниот Македонец. Не само националниот идентитет, туку се удира и на половиот, биолошки идентитет, и тоа се експериментира токму кај најмладите, кај нашите деца, кај нашите ученици. Со овие чекори власта покажува дека нашата самостојна Македонија ја претворија во зависен протекторат, во безимено државиче, во народ без име, без дух, без идентитет.

Возљубени мои, христијани

Сѐ додека живееме без Бог, сѐ дотогаш ќе бидеме безлични и безимени, бидејќи од Него го црпиме својот идентитет, и во Него е нашата иднина. Далеку од Бог – далеку од здравиот разум. Воскресението е празник на надежта, и само поради тоа веруваме и се надеваме дека Македонскиот народ ќе се освести и ќе се сврти кон Неговата единствена вистинска Мајка – Македонската Православна Црква, и дека оттука ќе започне неговото национално и верско будење, и оттука ќе започне враќањето кон вистинските животни вредности. Македонецот е Македонец само ако е православен христијанин, без Господ и Македонската Православна Црква тој станува новомакедонец, безимена маса, обезличена толпа чијашто животна цел завршува во гробот. Да се освестиме, да се вратиме на Вистината Која е Христос Воскреснатиот, и тогаш, какви закони и да се донесат, од која и да било власт, никаква сила не ќе имаат, затоа што народот ќе има свои вечни ориентири, и ќе знае да процени што е црно, а што бело, што е болно, а што здраво, што е противприродно, а што природно и нормално. Кон такво духовно воскресние и преобразба на Македонецот се насочени моите молитви кон Воскреснатиот Христос, за таква радост сонувам и се надевам, и верувам дека ќе се освестиме сѐ додека има време, сѐ додека не ги видиме страшните последици од овие промени.

Христос Воскресна!

Навистина Воскресна!

Велес, 2022 лето Господово

 
< Претходно   Следно >