На денот кога Светата православна црква го чествува споменот на Светата великомаченичка Варвара и Свети Јован Дамаскин, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во параклисот „Св. Гаврил Велички“ во Велес. На Литургијата сослужуваа свештенослужители од велешкото намесништво на Повардарската епархија. Верниот народ се причести со Светите Христови дарови. Светата великомаченичка Варвара Таткото на оваа славна Христова следбеничка, којашто на млади години се вневести за Христа, се викаше Диоскор и беше познат според положбата и богатството во градот Илиопол Мисирски, а во верата беше незнабожец. Својата ќерка единица, мудра во умот и убава во ликот, Диоскор ја затвори во висока кула, ја опкружи со секакви удобности, ѝ даде слугинки да ја служат, ѝ постави идоли за поклонување, ѝ изгради бања со два прозорци. Гледајќи ги низ прозорецот земјата долу и ѕвезденото небо во висините, на Варвара ѝ се отвори умот со Божествената благодат, па Го позна единствениот вистински Бог и Создател, иако немаше никого од луѓето за учител во тоа. А кога нејзиниот татко еднаш се оддалечи од градот, таа излезе од кулата и по Божја Промисла се сретна со некои христијанки коишто ѝ ја јавија вистината на Христовата вера. Срцето на Варвара пламна со љубов кон Господ Христос. Таа нареди да се пресече и трет прозорец на бањата за да бидат трите прозорци симбол на Света Троица; на една карпа во бањата нацрта со прстот крст и крстот се вдлаби во каменот како врежан со железо; од нејзините стапала на подот од бањата избиваше извор со вода којашто подоцна на мнозина им донесе исцеление од болестите. Кога дозна Диоскор за верата на својата ќерка, сурово ја биеше, ја протера од кулата и ја гонеше за да ја убие. Карпата се отвори и ја скри Вравара од суровиот татко. Кога му се јави повторно, татко ѝ ја однесе пред началникот Мартијан, на кого што му ја предаде за мачење. Невината Варвара ја расоблекоа и ја биеја, додека целото тело не ѝ го прекрија во рани и крв. Во затворот ѝ се јави Самиот Господ со ангели и ја исцели. Кога го виде тоа една жена Јулијанија и самата посака мачеништво. Обете беа ужасно мачени и со исмевање ги водеа по градот. Им ги отсекоа градите и од нив истече многу крв. Најпосле ги изведоа на губилиште, каде што таткото самиот си ја закла ќерката, а војниците ја заклаа Јулијанија. Истиот тој ден удри гом во куќата на Диоскор и ги уби него и Мартијан. Света Варвара пострада во 306 година. Нејзините чудотворни мошти почиваат во Киев. Прославена во Небесното Царство, Св. Варвара многупати им се јавува на мнозина, понекогаш сама, а понекогаш со Пресвета Богородица.
|