Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Вистинскиот печат на ова - нашево време
Вистинскиот печат на ова - нашево време
16.12.2021.

Sample ImageСреда - 15 Декември 2021 Лето Господово. На половина сме од последниот месец во оваа година. Ден како создаден за реминисценција на сето она што е вредно за сите нас и оставено како белег за оние после нас.

Целото духовенство на Повардарската епархија со повод собрано на едно место, заедно со Градскиот татко и Претседателот на Советот на Општина Велес, присутни се и повеќе советници од Општината, како и многубројни гости и пријатели на Црквата.

Поводот е нескојдневен, историски, авангарден ... За прв пат некој се решил од ваков агол - преку филмското платно, да ги претстави делата и вредностите на една ЛИЧНОСТ, која навистина како што и носи насловот на документарната вредност на ова дело  преставува ПЕЧАТ НА ЕДНО ВРЕМЕ.

Возбудата во исполнетата сала „Бели Мугри“ е на највисоко ниво. Сите сме во исчекување да го видиме на платното она што одамна веќе го знаеме, на едно место да ги видиме собрани сите дела и добробити со кои нашиот духовен татко ја украси Повардарската епархија и во кои со негов благослов и ние станавме дел. Но, како нешто да недостасува во целиот тој духовен мозаик. Со аплауз  и големо внимание е дочекан и тој, на кого е посветено ова дело. Влегува во салата со голема скромност како и секогаш, насмеан и радосен, затоа што е секогаш свој помеѓу своите и наеднаш со својата харизма и духовност ја исполнува целата сала, обрнувајќи внимание со погледот на секој еден од нас. Па сега, кога мозаикот е цел и кога Иконата Христова а и наша - нашиот Архиереј е овде, може да почне и проекцијата на филмот.

Но, пред да започнат тие вредни 40 - тина минути, на сцената како што е ред за да ги поздрави присутните излегува и човекот кој што е „главниот виновник“ за ова дело, излегува г-дин Никола Цилаков - еден од уредниците на издавачката дејност во Повардарската епархија и автор на овој документарен филм, кој се заблагодари од свое име и од името на Повардарската епархија на целата екипа која го изработи овој филм, потоа се заблагодари на Неговото Високопреосвештенство за несебичната поддршка за реализација на истиот, а на крајот и на сите присутни, со кои, како што рече изминатите години станал не само колега, туку и другар. На крајот, тој само потсети и напомна една личност, која била неговата инспирација и водилка за оваа идеја и кажа дека го посветува филмот и неговиот труд во него на неговиот покоен дедо - Бате Риле.

Уште од првите кадри и наративот во филмот, човек е обземен со еден восхит и со стравопочит кон самата личност АРХИЕРЕЈ, како и од должноста која тој ја има во Црквата Господова, овде долу на земјата. Но, за многу кратко време потоа, со следните сцени од филмот, кога на платното излегува славата и велелепието на нашите храмови, човек веќе разбира дека сето она што го знае и слуша за личноста Архиереј, тој го има пред себе како слика и претстава во олицетворението на Митрополитот Агатангел. Она, што исто така те остава без здив е умешноста на платно во неколку минутки да видиш таков прекрасен екстериер и ентериер од кој навистина човек останува нем пред Славата Господова.

Филмот продолжува со раскажувањето на детството и „мачната“ младост на малиот Атанас, кој заедно со својот татко и своите помали браќа полека но сигурно успева да пркоси на предизвиците од тоа време и да се развие во еден млад богослов, подготвен за позивот од Бога да Му служи на Неговата нива. Сиот овој прераскажан дел од животот на Архиерејот, поткрепен е и со прекрасни и емотивни фотографии.

Приказната продолжува со периодот на неговото ракополагање во ѓаконски и свештенички чин, како и неговата долгогодишна служба како свештеник и дел од администрацијата на Скопската епархија, како и на служба во Прекуокеанска Австралија, каде долги години верно ќе им служи на нашите иселеници. Со неколку зборови - како што вели нараторот Митрополитот Агатангел ги има поминато сите чинови во хиерархијата на нашата Света Македонска Православна Црква.

Тука е и периодот на неговото замонашување (неговата желба од детсвото, како што е посочено во филмот) од страна на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. Михаил, како и периодот на неговото избирање и назначување за епископ Велички и Викар на Скопската православна епархија во 2006 година. Како круна на овој дел се завршува со периодот на неговото назначување и востоличување за Митрополит на Богомдаруваната му Повардарска епархија.

Од овој момент приказната во филмот се прекршува и преку нарацијата на авторот, како и со подршка на говорниците - сотрудници на Архиерејот, започнува претставата на скоро сите сегменти од живеењето на Повардарската епархија, како и на Македонската Православна Богословија „Св. Климент Охридски“ каде што Неговото Високопреосвештенство е ректор веќе долги години.

Премудриот Соломон вели: „Нема да влезам во домот свој и нема да легнам на леглото мое; нема да им дадам сон на очите мои, ни дремка на веѓите мои, ниту одмор на слепоочниците мои, додека не најдам место за Господа, дом за Јакововиот Бог“.(131 псалм) Нема град, населба, село во епархијата кое што не било опфатено од оваа духовна ренесанса и преродба. Нема место во кое духовниот Неимар не остави градежен, но и духовен печат на ова време. Преку комплетно реновирани и новоизградени цркви во Велес, Неготино, Кавадарци, Демир Капија, Валандово, Богданци, Гевгелија ... Сето ова преточено во дело го видовме на платното.

После сиот тој раскош и убавина што му прилега на Домот Господов, во филмот се претставени следните чекори и области на делување на Митрополитот Агатангел.  Тука пред  се е истакната грижата за повереното му патство преку особено развиената издавачка дејност со преку 200 наслови и разни поучни брошури и списанија за верниците, потоа многубројните бесплатни крштевки и венчавки кои се извршија со Негов благослов и со една и единствена цел - периодот на едноумието во кој практикувањето на верата беше забрането да се надополни со илјадниците војници во верата Христова, како и стотици благословени брачни заедници. На крај, како круна на целото хиерахиско уредување е претставено Литугиското живеење на целата епархија, како и многубројните богослужби, кои скоро во сите места со благослов од Архиерејот, се збогатени со хорско пеење, кое се развиваше и напредуваше низ текот на сите овие години Негова Архиерејска служба.

Филмот завршува со порака на авторот, но и со поттик на сите верни од патството за поддршка кон Владиката, да истрае во својата јавна одбрана на вековните стремежи на нашите деовци прадедовци за зачувување на сето она што е наше и свето, или со други зборови како што завршува авторот: „Негова должност е да не ја премолчува вистината, туку јавно да ја говори и брани во свое име и во име на народот, кој што го раководи“.

Целиот филм се гледа во еден здив и замислата на авторот како што рече тој, младата и надежна режисерка од нашиот град Елеонора Теова ја преточи во една прекрасна филмска сторија. Прекрасно водената сторија на овој филм ја гледавме преку камерата на Милорад Каначковиќ и Дарко Спасовски - кој воедно е и монтажер на ова дело. А со својот скромен и ненаметлив карактер г-дин Александар Најдов ја исполни целата оваа приказна со една прекрасна музичка подлога, која го заокружува целото ова прекрасно остварување. Со една реченица ова беше вистински празник за нашите прости човечки сетила.

Затоа, повторно ќе истакнеме дека сме живи сведоци на едно такво делување, дека сме вистински сотрудници на едно такво духовно напредување, дека сме горди пазители на таквите богоугодни дела, и за крај дека сме вистински благодарни што Бог благоизволил да ни подари таков духовен вруток, од кој сите ние пиеме со години.

 

 подготвил: протоереј Борислав Бобевски

 
< Претходно   Следно >