Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Проф. д-р Мишо Нетков за филмот „Печат на едно време“
Проф. д-р Мишо Нетков за филмот „Печат на едно време“
14.12.2021.
Почитувани,
Би сакале со Вас да ја споделиме и првата филмска критика која ја добивме за документарниот филм „Печат на едно време“ и тоа на наша голема радост од еден од нашите најреномирани македонски документаристи, проф. Д-р Мишо Нетков, професор на Интернационалниот универзитет ЕУРОПА ПРИМА - Скопје (ЕСРА).
 
 
Sample ImageНајнапред голема благодарност на укажаната чест да дадам свое стручно мислење за документарниот филм „ПЕЧАТ НА ЕДНО ВРЕМЕ - Митрополит Агатангел“, на авторот на проектот Никола Цилаков.
Почитувани, навистина во ова време на големо невреме за македонскиот народ и нација, овој документарен филм на некој начин преку идејно-творечката градителска визија на големиот Господов следбеник на земјата Агатангел, на некој начин се покажува македонската неуништивост, земја на извонредно плодна почва кадешто е зачнато семето на христијанстата идеја за новата цивилизација и култура. Овој документарен филм на еден пластичен пример ја отсликува и прикажува оваа древна држава со исконско име Македонија, како антена која не само што ја прима, туку и успешно ја спроведува и шири и понатаму Господовата замисла за мирен и спокоен живот.
Уште по кој пат одново се покажува дека некој од оние на кои Македонците им дариле светлина и духовна радост, како благодарност ќе возвратат со темнина и болка. Низ вековите секогаш ни го земале виделото за да прогледа со него некоја темнина во соседството, а за возврат на дарителот да му го избришат името и да останат задскриени. Та затоа можеби често се прашуваме дали не е дојдено повторно време да му се јави со визија Македонецот на апостол Павле и да му рече: „дојди во Македонија и помогни ни“, бидејќи сè што е грабежливо и лакомо, сè што не е свето нагрнало на нас да ни го одземат здивот, да ни ја згаснат светлината.
Историјата на христијанството доволно јасно сведочи за тоа дека Македонија и Македонците ревносно ја исполниле и ја исполнуваат доверената задача од Бога за чување и ширење на христијанството. Зарем првоапостолот Павле случајно за Македонците ќе рече дека се „светила на светот“ што светат среде „лош и расипан род“. Понатаму велејќи „оти Бог е оној кој во вас прави да сакате и да дејствувате според неговата добра воља. Правете се без ропот и двоумење, за да бидете прави и чисти среде расипан род во кој светите како светила во светот“.
Па драги мои, зарем овие исконски пориви за градење пројавени од страна на нашиот Митрополит Агатангел не се една слика на она што апостолот Павле го има искажано? Зарем има некаде во светот толку напор, толку грижа и посветеност за да се продолжи таа христијанска духовна традиција на човекољубие, да се оди по Христовиот пат? Не, ние сме биле и остануваме големи чувари на христијанството благодарејки на Господовите земски апостоли, чувари и заштитници како што е и нашиот јунак во документарниот филм, Митрополитот Агатангел.
Овој документарен филм под наслов „ПЕЧАТ НА ЕДНО ВРЕМЕ“ токму е еден свет пример, едно ремек-дело што говори за исконската желба за градење на Христови храмови низ светата земја Македонија. За него зборуваат другите, оние кој го следат неговиот пат и ја следат неговата виделина, за него зборуваат делата, а тој, Агатангел, секогаш затскриен зад Господовата сенка ќе ја надгледува работата давајќи им волја на следбениците. Она што тој го направил и го прави во својот зацртан свет Господов пат е нешто невидено, неописливо-грандиозно. Токму филмот ја оцртува неговата интелектуална структура и духовна моќ на еден правоверен македонски духовен ерудит.
Од свој аспект погледнато, изразувам задоволство да дадам и едно свое мислење за документарната приказна. Сметам дека е направена една добро структуирана филмска сторија на докуменарниот филм. Приказната е извонредно добро водена со една наративна динамика што содејствува со прекрасната камера и поставените ракурси (ентериер-екстериер), а сето тоа добро и соодветно покриено со прекрасна ненаметлива музичка завеса која апсолутно содејствува со ритамот на монтажата. Говорниците се правилно распоредени и одмерено вклопени во прекрасниот текст. Посебна убавина на композицијата даваат снимките од дронот кој ги отсликуваат тоталите, оцртувајки ја позицијата на црковната градба. Во целина извонредно водена режисерка приказна за една духовна личност, поточно нејзината градителска моќ да се заценментира Христовото учење во овој дел на Македонската црква, односно Повардарската епархија.
Изразувам голема благодарност на екипата за добро сработената филмска сторија и се надевам дека овој документарен филм ќе има убав и забележителен помин кај публиката.
13 декември 2021 година, Скопје
проф. д-р Мишо Нетков
Интернационален универзитет
ЕУРОПА ПРИМА - Скопје
 
< Претходно   Следно >