Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Настани во најава arrow Повик за „Семакедонски православен собор“
Повик за „Семакедонски православен собор“
23.09.2021.

Возљубени духовни чеда на нашата света македонска Црква,

 

Би сакал да Ве известам дека на 03. 10. 2021 година (недела), односно на денот кога црковно ќе им оддадеме почит на сите македонски светители, ќе го возобновиме традиционалниот Семакедонски православен христијански собор“, настан кој во себе ја содржи силната и нераскинлива врска, која го поврзува македонското национално битие со православната вера, настан на кој ќе упатиме апели за уште посилно зацврстување на таа врска која го одржува македонското опстојување, настан на кој ќе имаме можност да го покажеме нашето македонско единство, љубовта кон својот православен македонски род, љубовта кон нашиот мајчин македонски јазик, како и љубовта кон нашата земја Македонија која почива во прегратките на целата небесна ерархија.

Затоа, го повикуваме целиот македонски православен народ, на овој ден да земе учество на светата Божествена Литургија во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Велес и да биде дел од овој традиционален собор, кој за жал изминативе неколку години замре, но имаме силна желба и потреба истиот да го одржиме жив уште многу години.

 

Sample Image

 

Во оваа прилика би сакал, како архиереј на Македонската црква, како духовен пастир на својот народ, како човек кој силно си го љуби својот македонски род, да Ве повикам и да апелирам за две важни, во овој момент, работи: прво, во однос на пандемијата и смртонсониот вирус со кои се соочивме во изминативе две години, би сакал да Ве повикам да не се двоумите, да не се колебате и да не се плашите од имунизацијата, односно вакцинацијата против овој вирус, затоа што тоа е опцијата која ни ја нуди современата медицина, која секако е благословена од Небесниот Отец, Нашиот Бог и Спасител, Исус Христос, и која ќе ги минимизира последиците по нашето здравје и ќе не врати во нормалниот тек на нашето современо живеење.

Второто нешто кон кое сакам да упатам еден апел, е пописот кој моментално се спроведува во Македонија. Конечно по цели 20 години државата реши да ја испита актуелната бројност на населението. Имајќи ја во предвид бројноста на нашето православно македонско население, Ве повикувам во графата за вероисповед внимателно да ја испишете категоријата православен христијанин, наместо само христијанин, како во иднина би ги минимализирале штетните последици кои би произлегле од оваа математичка операција, по однос на нашата света православна црква и големиот број нејзини верни чеда.

Во однос на пописот, а особено заради политичките манипулации кои произлегуваат од него, имајќи ја предвид изјавата на Претседателот на Република Бугарија, г-дин Румен Радев, кој веќе почна да манипулира дека бројноста на бугарското население е околу 120.000, би сакал да додадам уште нешто. Тоа е дека сите сме свесни дека Република Бугарија сосема свесно и со подмолни, територијално аспиративни, па дури и чисто зли намери го искористи овој лош транзициски период во Македонија, каде бројни нејзини граѓани наоѓајќи се во лоша економска ситуација посегнаа по бугарските државјанства, како би заминале непречено низ европските и прекуокенските земји на печалба.

Еве сега, кога повеќе од јасно е дека Република Бугарија не е пријателска земја на Македонија и е отворен противник на нејзиниот просперитет, развој и одржливост, би апелирал до сите наши браќа и сестри кои го направија овој чин на земање на бугарско државјанство, да размислат да го поништат, односно да се откажат од тоа државјанство и да не бидат повеќе заложници на таа нечиста бугарска пропаганда. Вие, драги мои, го направивте тоа за да си ги сочувате фамилиите, децата, човечкото достоинство, затоа што оваа наша жална Македонија на многумина не им даде можност за достоинствен живот во овие 30 години. Јас ве разбирам, но во исто време знам дека вие сте чистокрвни Македонци, луѓе кои си ја сакаат оваа земја, луѓе кои се чесни и родољубиви Македонци и затоа Ве повикувам без двоумење да го направите овој чин, односно да се откажете од формалното бугарско државјанство и со тоа да го засилиме македонскиот бедем во желбата за сочувување на оваа наша света и благословена Македонија.

 

Бог да Ве благослови!       

 

Митрополит Повардарски

г. Агатангел

 

 
< Претходно   Следно >