Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow Рождество на Пресвета Богородица
Рождество на Пресвета Богородица
22.09.2021.

 

Sample Image

 

Sample Image На празникот на раѓањето на мајката над сите мајки, мајката од чија утроба се роди Спасителот на светот, која што прва го слушна гласот на ангелот како и довикува: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“, многуброен народ доаѓа  да ги посети Божјите храмови низ целиот свет и со молитвено поклонение и молитви кон Божјата Мајка да го побара нејзиното застапништво пред престолот на Господ Бог, Исус Христос.

Митрополитот Повардарски г. Агатангел чиноначалствуваше со Архиерејската Божествена Литургија во Согленскиот манастир.

Во предвечерјето на овој ден, на Вечерната богослужба во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велес, беше отслужен целиот Акатист кон Пресвета Богородица, а исто така Молебен со Акатист беше отслужен и во манастирот „Св. Ѓорѓи“ во Неготино. 

 Рождество на Пресвета Богородица

Пресвета Дева Марија се роди од своите стари родители, Јоаким и Ана. Татко Ѝ беше од племето Давидово, а мајка Ѝ од родот Аронов. И така Таа по татко беше од царски, а по мајка од архиерејски род и со тоа го предобразуваше Оној Којшто од Неа ќе се роди, како Цар и Првосвештеник. Нејзините родители беа веќе остарени, а немаа деца. И затоа беа посрамени пред луѓето и скрушени пред Бога. И во својата скрушеност Му се молеа на Бога со плач, да ги израдува во нивната старост и да им подари едно чедо, како што некогаш ги израдува старецот Авраам и старицата Сара подарувајќи им го синот Исак. И семноќниот Бог Којшто гледа сѐ ги израдува со радост што ги надминуваше сите нивни очекувања и најубави соништа. Бидејќи им подари не само ќерка туку и Божја Мајка; ги озари не само со привремена радост туку и со вечна. Бог им даде само една ќерка, којашто подоцна им роди само еден внук - но каква ќерка и каков внук! Благодатната Марија, прославена меѓу жените, храм на Светиот Дух, олтар на Живиот Бог, трпеза на небесниот леб, кивот на светоста Божја, дрво со најсладок плод, слава на родот човечки, пофалба на женскиот род, источник на девственоста и чистотата - тоа беше од Бога даруваната ќерка на Јоаким и Ана. Родена во Назарет, а после три години одведена во храмот ерусалимски, од каде што се врати подоцна пак во Назарет, за наскоро да ја чуе благовеста на Светиот архангел Гавриил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од Нејзиното пречисто и девствено тело.

 
< Претходно   Следно >