Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow Насловна arrow „Искачување кон воскресение“ - ново издание
Sample Image   
 

Се повикуваат сите православни христијани, при пописот на населението, да ја искористат можноста, во делот за религиозна припадност, да се изјаснат како православни христијани, бидејќи таа опција постои во методологијата за попишување, а попишувачите се обврзани таквата определба да ја заведат при пописот.
Православен христијанин – е јасна и недвосмислена идентитеска определба на сите кои ѝ припаѓаат на Светата Православна Црква. Истовремено ваквото изјаснување на македонските граѓани е и остварување на основните верски слободи и права во македонското општество.

 
 
„Искачување кон воскресение“ - ново издание
25.08.2021.

 

Sample Image

 

Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати книгата „Искачување кон воскресение“ од старец Клеопа. Во оваа книга се собрани неговите проповеди пред монасите и верниците. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е превод на Горан Грков.

Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231.

Предговор на книгата

Дваесеттиот век ќе остане забележан по многуте промени во светот, многуте војни, немири, несреќи, промена во философијата и психологијата, истовремено се случи и нагло свртување на човекот кон сладострастие и распуштен живот, како последица на отпаѓањето од Бога. Интересен феномен во ова време е Романија и нејзиниот верен народ. Во времето кога насекаде се случуваа војни и прогони кон Црквата, овој бран ја зафати и Романија, беа прогонети многу монаси и монахињи, беа протерани, затворани и убиени многу свештенослужители, но веднаш по падот на безбожниот режим, од крвта и солзите на мачениците и исповедниците на верата, никнаа многу нови верници, нови братства и сестринства, и Црквата темелно се обнови и се изгради најпрво внатрешно, а потоа и надворешно. Власта спроведе прогон, мислејќи дека со тоа ќе ја убие верата во луѓето, дека ќе го избрише Бога од нивните срца, а се случи нешто неочекувано – народот уште повеќе го засака Бога и Црквата и верата кај народот доживеа славно Воскресение.

Еден од најбитните духовници и столбови на прогонетата и маченичка Романска црква е токму архимандритот Клеопа, монах од манастирот Сихастрија. Верниот народ во Македонија добро го знае неговиот лик и дело, преку претходните две книги кои беа издадени со наш благослов, а еве веќе пред нас ја имаме и третата книга, во која се собрани неговите проповеди пред монасите и верниците. Во претходните две книги имавме можност да се запознаеме со неговиот живот, за монашкиот призив уште од најрано детство, за почетокот на монашкиот живот, за прогоните и животот во пустина, во суровите планини во Буковина, па за повторното враќање и обновување на запуштените манастири, како и многубројни поуки за различни теми од духовниот живот и одговори на современи проблеми. Во третата книга, која ја имате пред вас, собрани се неговите беседи на празниците и неделите, како и многу беседи за монашкиот живот, сведоштва за него од неговите современици, како и чудата на старецот Клеопа. Неговата светост и величие им е познато на сите и во Романија и надвор од неа, па затоа и неговите книги веќе се преведени на многу светски јазици, а Романската православна црква веќе собира материјали и се подготвува негово официјално прославување во хорот на светителите.

Голем благослов е да се пишуваат и објавуваат житија на светителите, бидејќи секој кој ги чита, ги добива и молитвите на конкретниот светител, па ете, читајќи ја оваа прекрасна книга од светиот старец Клеопа, да ги имаме неговите благослови и молитви, и со неговото духовно закрилништво да растеме и ние во верата, во духовниот живот, да ја изучуваме и практикуваме верата, да се угледаме на неговата ревност за одбрана на верата, но не како фанатичните почетници и опрелестените своеглави верници, туку да ревнуваме во духовниот живот, а пред сѐ да покажеме и послушност кон своите духовни отци, кон своите архиереи, и кон нашата Света Македонска православна црква, која нѐ раѓа и се грижи за нас од самото наше раѓање, па до преминот во вечноста.

Неговото житие и поуки, како и неговиот благослов нека бидат поттик за многу млади души да го следат неговиот пат, да помогнат во обновата на монашкиот живот во нашата Македонија, да се наполнат нашите запустени манастири со монаси и монахињи, а нивната жртва и молитви ќе го привлечат благословот Божји врз сите нас. По молитвите на светиот старец Клеопа, Господ да нѐ помилува и спаси.

 

Митрополит Повардарски

+ Агатангел

 

 
< Претходно   Следно >