Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Велигденско послание
Велигденско послание
19.04.2021.

 

АГАТАНГЕЛ

По милоста Божја Митрополит Повардарски,

до свештенослужителите, монаштвото и верните чеда на

Македонската православна црква - Повардарска епархија,

А по повод Воскресението Христово Велигден,

Испраќа мир и благослов од Бога!

 

„Oва е денот што го создаде Господ,

за да се зарадуваме и да се развеселиме во него“

 

Христос Воскресна! Возљубени наши духовни чеда!

Да му благодариме на Бога што нѐ удостои да се радуваме со сѐ земно и небесно на славното Христово Воскресение. Празник е над празниците, празнува и небото и земјата, сѐ видливо и невидливо ликува и слави за триумфот на животот над смртта. Ниту тешкиот камен на погребната пештера близу Ерусалим,  ниту римските војници не можеа да го запрат ангелот кој слезе од небото да го објави Воскресението на Синот Човечки. Жените мироносици во третиот ден после погребението, уште пред да се роди утрото, брзаа кон гробот во кој беше положен Христос, оти според еврејскиот обичај, со мириси требаше да го помазаат телото Негово. Кога пристигнаа на местото „стана голем потрес, ангел Господов слезе од небото, пристапи, го отстрани каменот од гробната  врата... се обрна кон жените и им рече: не бојте се; знам дека го барате Исуса распнатиот; не е овде, воскресна, како што беше рекол; дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ, па отидете и кажете им на учениците Негови, дека Он воскресна од мртвите“ (Мат 28,2-7). Се исполнија зборовите на пророкот „од власта на пеколот ќе ги откупам, од смртта ќе ги избавам. Смрт – каде ти е силата? Каде ти е тебе, пеколу, победата? (Ос. 13,14).

Проповедајќи го великото значење на Христовото воскресение, апостол Павле вели: „..ако, пак, Христос не воскреснеше, тогаш празна е нашата проповед, празна е нашата вера“ (1Кор. 15,14).

Без вера во воскреснатиот Христос нема Христијанство, нема Христијани. Воскресението Христово е победа на правдата, причина за добродетелноста, смисла на животот, триумф на бесмртноста за која сведочи нашата вера  утврдена „на темелите поставени од апостолите и пророците, имајќи го како аголен камен на темелот Самиот Исус Христос“ (Ефес. 2,20). Бидејќи Христос воскресна, правдата и доброто се покажаа надмоќни за злото. Неговото воскресение е цврста гаранција за можноста да биде спасена секоја морална личност што верува  во Него, земајќи активно учество во светите тајни на Црквата во кои изобилно се излева Божјата благодат. Сите верни содејствуваат со Бога во борбата за конечна победа на љубовта и правдата на земјата. Христијанинот верува дека Бог е љубов, Бог е правда, Бог е добар, и дека дојде Синот Човечки во слава на Својот Отец, и секому дава по делата негови.

Земниот живот има смисла само во Христа и само преку Него за нас е остварлив вечниот живот во Царството небесно. Во Христовото воскресение се разрешуваат сите прашања за целите и задачите во нашите животи. Животот не е дар без причина и без своја цел, не е случајност, туку е голем дар од Творецот. Да го исползуваме овој дар и да покажеме благодарност пред Бога, оти, само следејќи ги Неговите заповеди и по Неговата милост ќе се исполни она што ни го вети Христос, а тоа е вечен живот (1 Јов. 2,25).

Затоа за нас има толку длабочина, таинствена смисла и радост во тропарот на Пасха, кој победоносно и торжествено го повторуваме:

„Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на тие што беа во гробовите живот им даде“.

Возљубени во Христа Воскреснатиот!

Сите ние и целиот свет, по Божјо допуштение, повеќе од една година живееме во големи искушенија водејќи борба со пандемијата која подмолно коси  животи околу нас, во нашите семејства, меѓу нашите роднини и пријатели, блиски и подалечни, познати и непознати. Во оваа нерамноправна борба, нашите здравствени работници неуморно и пожртвувано прават сѐ за да се спаси секој човечки живот. Даваат евангелски пример покажувајќи на дело како се сака својот ближен. Непрестано се молиме за нив, Бог да ги запази и да им дарува и ним и на нивните семејства здравје, сила и трпение. Постојано нека се присетуваат и нека црпат сила од зборовите што ги кажа Христос кога говореше за тоа како ќе суди на Страшниот суд  кога рече: „Вистина ви велам, доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Мт. 25,40). Според овие зборови, вие, помагајќи на секој болен – му помагате на Христа и тоа се дела кои печалат богатство за вечноста. Вашите жртвувања може ќе ги заборават луѓето, но Бог никогаш нема да ги заборави. И не само што нема да ги заборави, туку и богато ќе ги награди, бидејќи Христос се идентификува Себе Си со секој што страда, секој што е болен, гладен, жеден, со секој еден што има потреба за помош од ближниот, од оној што е најблиску кога сме во неволја.

Верата во животот има голема сила и затоа ние најторжествено го славиме Воскресението Христово преку кое беше извојувана победата на животот над смртта. Таа вера во животот кај човекот потекнува од  татковина на човековата душа, од царството на нашиот Отец Небесен, од нашата небесна татковина, татковината на бесмртноста. Во својот земен живот се соочуваме со многу разочарувања, многу маки, тага, болести, страдања и солзи, но, непоколебливо веруваме во животот. Таа непресушна животна енергија е исконски меморирана во секој атом на човековото битие. Уште од моментот на создавањето по образ и подобие на Создателот, даруван ни е живот кој има смисла единствено во вечноста и во благодатната заедница со Бога.

 Не треба да паѓаме во очајание, затоа што ние веруваме дека нашиот „Бог не е Бог на мртвите, туку на живите“ (Мт.22,32); а секој што верува во Христа и Неговото Воскресение „и да умре, ќе живее“ (Јн.11,25), зашто „Кој ги оживува мртвите...се оживотворува“ (Рим. 4,17; 1Тим.6,13).

Смртта веќе не нѐ плаши нас христијаните, не нѐ ужаснува, бидејќи знаеме дека Христос со Своето воскресение ги отвори портите на вечниот живот за сите кои веруваме во Него.

Верни чеда на Повардарската епархија, Македонци, Македонки и Македончиња!

Христовото воскресение го исполнува со радост нашиот верен македонски народ и ја јакне нашата вера во правдата и нејзината конечна победа. Свети Климент, првоерархот на нашата Охридска архиепископија, охридскиот чудотворец, патронот на нашата света Македонска православна црква, по Божја промисла, својот македонски народ го накалеми на живиот црковен организам и тој калем плодороди светители, маченици, маченички и Божји угодници до денешни дни и сведочи за нашата жива Црква. Нашата света црква, нашата света Охридска архиепископија во своите мајчински пазуви го закрилува својот македонски народ во сите негови маки и страдања. До денешни дни, поднесуваме неправди и непризнавање заради (не)човечки манипулативни филозофии во кои може да има сѐ, само ја нема и не ја чувствуваме љубовта на која нѐ учи Христос, а каде го нема Христа таму нема вистинска љубов, нема вистина, нема правда, нема живот. Живееме во свет кој е подвластен од гревот и во таков свет правдата многу често е газена и загушена со неправда. Сепак, не ја губиме својата вера во правдата и нејзината победа, во која и ние Македонците, порано или покасно ќе се радуваме. Таа вера и надеж никаде не добива таков поттик како во Воскресението Христово. На Голгота на крст беше распната овоплотената Правда и ако распнатиот Праведник не воскреснеше, темелите на правдата во светот ќе беа разнишани, а неправдата ќе го зацврстеше своето  одвратно владеење. Тогаш светот ќе се претвореше во мачна демонска реалност. Животот на човекот би бил полн со бесмислици и историјата на човештвото би ја пишувале демонските сили. „Ако Христос не воскреснеше, и Кајафа беше во право, а Ирод и Пилат се покажеа како мудри, тогаш светот ќе беше бесмислен, царство на злото, измамата и смртта“ (В. Соловјев). Меѓутоа Христос Воскресна и со Своето воскресение покажа дека правдата е непобедлива сила и таа ќе владее во светот. Затоа Воскресението Христово ги исполнувало со неизмерна и небесна сила сите борци за слобода, правда и мир во светот, и нѐ охрабрува да се спротивставиме против тиранијата и неправдите што ни ги нанесуваат големите моќници во светот. Ние чувствуваме дека машинеријата на тиранијата која спроведува неправда е многу помоќна од нас, но знаеме дека  Бог е семоќен и со Него ќе се радуваме во триумфот на правдата и вистината.

Драги браќа и сестри Македонци!

Ние, нашиот благочестив македонски народ, особено силно ја чувствува воскресенската радост затоа што Воскресението Христово е победа над смртната ништовност во која денешните политики и политичари сакаат нас, како народ, да нѐ однесат и да нѐ преведат од постоење во непостоење. Перфидно и лукаво се бираат средства и начини за да ја остварат таа злокобна цел нашите „ пријатели“, „браќа“, „сојузници“ и разни пратеници и белосветски дипломати. Особено навредливо и понижувачко е тргувањето со нашите национални  интереси и посебности, кое го прават оние кои ги сметаме за свои, наши, а по тоа како постапуваат нѐ принудуваат да помислиме: а наши ли се, да не се одродиле, да не се уплашиле, и така натаму. Нема и не постои причина, ниту ќе постои оправдување со кое на државата ѝ се менува име, нација, народ, па сега јазик, историја и што ли уште ќе бараат да промениме за комплетно да нѐ обезличат. Нашите национални водачи погрешија и затоа ги повикувам на покајание. Со покајание нека почне исправањето на грешките и неправдите кои му ги нанесоа на сопствениот народ и на сопствената држава. Сѐ што е македонско и благочестиво, и народ и црква и секој Македонец што е во татковината и надвор од неа, ќе застане цврсто зад оние водачи кои непоколебливо, чесно и достоинствено ќе ја бранат и ќе застанат бескомпромисно на браникот на правдата и вистината за Македонија и Македонците и на сѐ што е македонско.

Правото на живот во кој личносно се идентификуваме, нашата слобода, вистината и правдата се од Бога востановени вредности кои важат за секој човек и се особено нагласени со Христовото воскресение. Сите овие права, нам, на Македонците, ни се ускратувале низ вековите и сѐ уште некој се обидува да ни ги одземе. Сега кога живееме во наша самостојна држава на која секоја педа земја е натопена со крвта на нашите дедовци и прадедовци кои се бореле за неа, голем грев и злосторство е некој да ја обезличува навредувајќи нѐ сите нас кои сме Македонци. Македонија е татковина на сите Македонци и на сите оние кои со неа се идентификуваат и од неа го црпат својот национален идентитет. Македонија е држава на македонскиот народ, со своја автокефална Македонска православна црква, со македонски кодифициран јазик, со своја национална и црковна историја, со изградени институции кои се во служба на нејзиниот народ и неговиот опстој, напредок, развој, просперитет и благосостојба. Бог да ги благослови сите и секој што ја брани честа и достоинството на Македонија и Македонците.

Возљубени духовни чеда!

Воскресенската радост е кулминација на љубовта, која Христос му ја донесе на светот и која непрестано се излева од Неговата наука и дела, од Неговиот подвиг на саможртвена љубов кон целото човештво. За душата на оној што верува нема поголема радост од онаа која ни ја донесе Христос  во она утро кога  воскресна. Гробот, кој во себе го смести Несместливиот, осамна празен, а распнатиот Праведник воскресна. Од тој миг воскресенската радост ги исполнува срцата на сите верни и таа радост не може ништо да ја победи, ниту да ја засени и да нѐ одврати од славењето за победата на животот над смртта. Целото богослужение на православната црква во кое емотивно се изразени и најскриените треперења на срцето што верува, длабоко е проткаено со торжествената и победоносна радост што ја донесе утрото во кое Христос воскресна. Пасхалната радост за Воскресението Христово го вдахновува целото богослужение во Црквата, му дава тон на црковниот живот и суштински се поврзува со живата душа на верниот човек. Празникот на Христовото Воскресение е центар на богослужението во Црквата. Околу него се ориентирани сите останати празници и нивната основна смисла е да ја подготват душата на човекот за „празникот над празниците“, торжеството  над торжествата, радост неизмерна за триумфот на новата, свештена и сечесна Пасха – Воскресението Христово.

Затоа, радувајте се сите во Господа. Земните грижи да ги лекуваме со воскресенската светлина која ги обновува нашите души и нашите тела. „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Мт.11,28), вели Господ. Он на крстот ги распна нашите гревови, умре, беше погребан, воскресна и ја победи смртта, а од Неговиот гроб засветли светлината на проштевањето. Демоните паднаа, ангелите се радуваат, Бог се измири со нас и ни дари живот вечен. После Воскресението Христово никој да не се плаши од смртта, зашто никој мртов нема да остане во гробот и ќе воскресне. Да се радуваме и да се веселиме за победата на животот над смртта.

 

Христос Воскресна!  Навистина Воскресна!

Во Велес,

На Велигден,

2021-во лето Господово.

 
< Претходно   Следно >