Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Предговор на книгата „Христос е слобода“
Предговор на книгата „Христос е слобода“
19.04.2021.
Делата на Андреј Конанос се меѓу најчитаните четива во православните средини, затоа што изобилуваат со непосредност, топлина и едноставност. Во нив нема догматизирање, нема фанатизам, нема исклучивост на сопственото мислење, туку тие изобилуваат со многу примери од секојдневниот живот. Од нив учиме како да се поставиме во современото општество, во овој наш XXI век, век со многу предизвици и многу искривувања. Времето кое го живееме се карактеризира како време на богоотпадништво, време на пореметени и крајно нарушени меѓуличносни односи, време на распаднати семејства, самохрани родители, оставени деца, време на експерименти со луѓето и преформулирање на вредностите.
Авторот во ова дело нѐ учи да ги исцелуваме нашите меѓусебни односи, почнувајќи од односот кон Бог, кон ближните и кон себеси. Спаси се себеси и покрај тебе илјадници ќе се спасат – ни вели светиот Серафим Саровски, и тоа е главна поента на оваа книга. Почни од себе, барај исцеление од Бога најпрво за себе, па ако се исцелиш себеси, ако ти си го најдеш своето место под сонцето, ако се поправиш себеси, тогаш ќе се поправи и семејството, и градот во кој живееш, и државата и Светата Црква. Секоја промена која ја посакуваме треба да започне од нас самите. Оној кој нема желба да се менува себеси, нека не бара ни од другите да се променат.
Во страните кои следат ќе прочитате прекрасни истории за многу личности со различни проблеми, и на едноставен начин ќе сфатиме како треба и како не треба да се постапи во одредена ситуација. Лицемерието треба да го изгониме од нашиот живот. Не смееме да глумиме, да играме некаква улога, особено кога се работи за верата, оти ако во Црквата се ставаме во некаква улога, тогаш и целиот наш живот ќе биде една трагикомична театарска претстава, со огромни последици. Да бидеме автентични. Ниту лажливи, ниту лицемерни. Да бидеме верни на Бога, да живееме за Бог и за Литургијата, но не смееме да ги занемариме своите родители, својот сопруг/сопруга, своите деца, своите најблиски кои најмногу и ги повредуваме, мислејќи дека правиме богоугодни дела. Простувањето носи исцеление, и тоа е основна лекција која треба сите да ја научиме. Без простување нема нов живот, нема исцеление, нема напредок, нема градење и нема растење.
Во оваа книга ќе најдеме уште многу поучни нешта, секој за себе ќе извлече некоја поука. Затоа и ја издаваме, за да ни биде ориентир во духовниот живот. Најпрво да ги возобновиме односите со своите најблиски, да простиме и да побараме прошка, па потоа да Го бараме Бог. Да читаме, да учиме, да растеме, да Го бараме и да Го најдеме Христа во Литургијата, во Путирот, во Црквата, но пред сѐ во лицето на нашите ближни. Амин.
 
+Агатангел, Митрополит Повардарски
 
< Претходно   Следно >