Skip to content
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
  • JoomlaWorks AJAX Header Rotator
Прегледувате: Насловна arrow За православната вера и живот... arrow Предговор на книгата „Сестри“
Предговор на книгата „Сестри“
1.04.2021.

Книгата која ја имате пред себе е еден вид синаксар, во кој се собрани житијата на повеќе свети личности, кои имале контакт или духовна поврзаност со главните ликови, трите преподобни сестри – Анисија, Матрона и Агафија. Родени во скромно побожно семејство, од мајка жива светителка, која иако била во брак и родила деца, сепак, со својот духовен живот, со своите милосрдни дела станала преисполнет сад на Божјата благодат и им станала духовен раководител на многу луѓе од селото и околината. Подвизите кои ги сретнуваме во ова свето семејство ретко може да се сретнат дури и кај монасите и монахињите.

Живееле во еден тежок период, во сиромаштија, беда, страв, закани, прогони заради „верски активности“, но ова свето семејство бескомпромисно ја сведочело својата света православна вера, и поради тоа неговите членови биле лишени од слобода и пратени во затвор, на принудна работа, но светилото кое Бог ќе го запали, не може да се сокрие, туку ќе се издигне високо и на сите ќе им го осветлува и покажува патот кон Бога. Па така и овие свети маченички и исповеднички, претрпеле многу страдања во затворите, и таму се покажале цврсти во верата како дијаманти, и им станале пример на останатите, а ја спечалиле почитта и довербата дури и од безбожните власти.

Од затворот излегле уште поцврсти, исчистени како злато низ вжарена печка, па откако се вратиле дома започнале уште поревносно да го упатуваат народот кон Бог и кон Светото Православие. Во тоа време кога храмовите биле срушени, кога никој не смеел да оди во црква, кога свештениците и монасите биле затворани, овие сестри, и многуте праведни и јуродиви свети души, останале живи продолжители на Свештеното Предание на Православната црква. Запалени од благодатта на Светиот Дух, ништо друго не можело да ги привлече, ништо не можело да ги одвлече од љубовта кон Бога и кон ближниот. Само Бог ги знае нивните маки и страдања, и само Он го знае бројот на луѓето кои овие благочестиви и свети сестри ги спасиле од глад, од материјална и духовна смрт, од канџите на гревот и ги насочиле кон Христа нашиот Спасител.

Оваа книга одлучивме да ја преведеме и објавиме за да ни биде сведоштво на сите, дека светоста не е резервирана за клирот и монаштвото, туку секој од нас е повикан и може да достигне светост, во зависност од неговиот однос и блискост со Бога и со ближните. Исто така, за да видиме во какви тешки околности руските христијани не се откажале од Бог, туку биле подготвени дури и животот да си го дадат, и благодарение на нивната цврста вера, денес Руската црква е Црква со најголем број цркви, манастири, свештенство, монаштво и верен народ.  

Го молам нашиот Спасител и Господ Исус Христос, да им го просветли патот на сите Македонци, да ги остават лажните идоли од овој свет и да се свртат кон Бога, да ја засакаат Светата Црква, храмовите, свештенството и монаштвото, да учествуваат во Светата Литургија, та да станеме сите „едно стадо и еден Пастир“, во веки веков. Амин.

Митрополит Повардарски г. Агатангел

 

 
< Претходно   Следно >